Угледна во светот, но често неодлучна. Добра канцеларка, но нејзиното време завршува. Додека Ангела Меркел се бори да остане на власт во уште еден мандат, опаѓа подршката на Германците за „вечната канцеларка“. #DE_facto:
Реклама
Ангела Меркел- вечна канцеларка. Во светот сѐ уште авторитет, а дома сѐ почесто на мета на критики. Што мислат Германците навистина за Ангела Меркел? Се ближи ли крајот на нејзината ера? Ангела Меркел се уште ужива голема поддршка од граѓаните, но и се повеќе ги збунува. Особено кога се работи за нејзината политика кон бегалците и начинот на кој ја води земјата.
Што Германците навистина мислат за својата канцеларка?
02:28
Секој петти Германец вели дека смиреноста и опуштеноста се силни страни на канцеларката. Истовремено, исто толку Германци како најголем недостаток на Меркел ја истакнуваат нејзината неодлучност. Секој десетти Германец го цени нејзиниот углед во светот, додека 23% од граѓаните ја критикуваат нејзината склоност едноставно да чека проблемите да се решат сами од себе . Германците всушност во една иста личност гледаат две канцеларки.
Ангела Меркел од А до Ш: многуте лица на канцеларката
Која е Ангела Меркел? Новинарот на Ројтерс, Андреас Ринке ја анализира германската канеларка во својот „Лексикон“. Тој го следи нејзиниот живот со цел да прикаже појасна слика за една од најмоќните жени во Европа.
Фотографија: dapd
„Триаголникот на моќта“
Меркел стана препознатлива по користењето на истата гестикулација пред камерите и при нејзините јавни настапи. Начинот на кој канцеларката ги спојува прстите на дланките некои го нарекоа „Меркелин ромб“, а други „триаголник на моќта“. Дали тоа го прави свесно или е само рутинска гестикулација од навика, е прашање што ги збунува современите критичари и новинари. Што таа сака да каже со тоа?
Германската канцеларка на европскиот политички паркет е позната по својот суверен, ангажиран и навидум опуштен изглед. Иако понекогаш знае да се насмее во вистинското време, на последниот европски лидерски самит во Братислава, таа беше повеќе воздржана. Од нејзината лева страна е данскиот премиер Ларс Локе, а од десната страна премиерот на Белгија, Шарл Мишел.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet
Селфи со канцеларката
Меркел се најде во центарот на вниманието со нејзиниот одговор на бегалската криза. На дилемите околу тоа може да се одговори доколку предвид се земат елементи од нејзиниот личен живот, како што тоа го прави Ринке во својата книга. Таа често посетува училишта и прифатни центри за бегалци, а притоа одвојува време и за селфи, како овде, во 2015 година, со сирискиот барател на азил Анас Модамани.
Фотографија: Getty Images/S. Gallup
Жонглер во коалицијата
Како канцеларка и претседателка на ЦДУ, Меркел понекогаш се соочува со потешкотии да остане обѕирна кон сите нејзини „деловни“ партнери. Таа не реагира чувствително како што тоа го прави нејзиниот коалиционен партнер Зигмар Габриел од СПД. На нападите од лидерот на баварската ЦСУ, Хорст Зехофер кој е „архетипичен баварец“, таа одговара со студена објективност.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. von Jutrczenka
Љубопитност за дигиталната ера
За школуваниот физичар Ангела Меркел се вели дека светот на интернетот и дигиталните медиуми ѝ е релативно непознат, иако нејзиниот тим сега има Инстаграм профил, кој го одржува нејзиниот официјален фотограф. Сепак, тоа не ја сопре да го зграби вниманието на основачот на Фејсбук Марк Закерберг за време на работен ручек во Обединетите нации во 2015 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Ќерка на свештеник
Како ќерка на протестантски свештеник, вредностите на Меркел, според Ринке, биле обликувани согласно нејзиното христијанско воспитување. Во 2016 година, таа имаше приватна средба со папата Франциско во Ватикан. За време на средбата тие разговарале за нивните омилени книги.
Фотографија: Reuters/A. Pizzoli
Здравица за пријателски политички релации
Меркел не е позната по тоа дека често се опушта. Сепак, иако ретко поради нејзините работни обврски, прославите на кои учествува таа се организирани со стил. Во 2013 година, во чест на 50-годишнината од склучувањето на Елисејскиот договор меѓу Германија и Франција, Меркел го покани целиот парламент да наздрават со шампањ за пријателските односи помеѓу двете земји.
Фотографија: AP
Моменти на приватност
Канцеларката добива малку слободни моменти за одмор, а и кога е на одмор, како што е прикажано на сликата (во Полска), таа не може да им избега на љубопитните очи на јавноста. Нејзиниот сопруг Јоахим Зауер (на фотографијата прв од лево) ретко е во центарот на вниманието.
Фотографија: dapd
8 фотографии1 | 8
На Ангела Меркел многумина и префрлаат дека не е блиска до граѓаните, дека не сака да ги признае сопствените грешки, дека со сите сите сили се обидува да остане на власт и дека пречесто го менува курсот. Повеќе од две третини од Германците сметаат дека најдоброто време на канцеларката Меркел веќе помина. Но, истовремено речиси ист број луѓе сметаат дека таа е „добра канцеларка“. Нешто повеќе од половина од испитаниците очекуваат дека сепак актуелната шефица на владата од таа функција ќе се повлече пред крајот на мандатот во 2021 година. Но, каков е нејзиниот план? Дали е Ангела Меркел толку желна за моќ или само го чека вистинскиот момент за повлекување?
Ангела Меркел, незаменливата
По 16 години поминати како претседател на политичката партија ЦДУ и единаесет години на чело на германската влада, се чини дека ерата на Меркел може да има уште едно продолжение.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Првата заклетва
„Сакам да и служам на Германија“ беше ветувањето на Меркел за време на кампањата за канцелар на земјата. По тесната победа, на 22 ноември 2005 година Меркел даде заклетва и стана првата жена канцелар, но и првиот шеф на влада кој доаѓа од Источна Германија. Таа застана на чело на широка коалиција составена од ЦДУ и СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann
Кој се плаши од кутрето на Путин?
На дипломатскиот фронт, Меркел мораше да се соочи со моќен противник. Таа е позната поради својата сталоженост и смиреност. Но, Владимир Путин очигледно сакаше да го стави на тест нејзиното трпение за време на приемот во 2007 година. Тој набрзо ја најде нејзината слабост: Меркел се плаши од кучиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Astakhov
Фонд за црни денови
Меркел вообичаено е смирена што и помогна за време на кризите. Колабирањето на финансиските пазари во 2008 година предизвика проблеми за германската економија. Поради тоа, Меркел презеде акција. Таа беше инволвирана во планирањето на фондовите за спас на еврозоната. На крајот, германската економија се извлече речиси без последици, но мерките за штедење најмногу ги почувствуваа Грците и Шпанците.
Фотографија: picture-alliance/epa/H. Villalobos
Втор мандат
Иако резултатот на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во 2009 година беше вториот најслаб резултат за партијата во повоениот период, тоа сепак беше победа за Меркел. По широката коалиција со социјалдемократите во претходниот мандат, овој пат Меркел можеше да состави влада со посакуваниот партнер - про бизнис либералите од ФПД.
Фотографија: Getty Images/A. Rentz
Брзо исклучување
Иако по професија е физичар, инцидентот во Фукушима во 2011 година ја претвори Меркел од поддржувач - во силен противник на нуклеарната енергија. Веќе одобрените планови за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи беа откажани и спротивно на нејзините предизборни заложби, Германија наскоро го сопре производството на нуклеарна енергија.
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann
„Првиот маж“ на Германија
Дали некој го препознава? Го чул неговиот глас? За време на десетгодишното владеење на Меркел, нејзиниот сопруг Јоахим Зауер, остана незабележан. Професорот по хемија на универзитот Хумболдт во Берлин стапи во брак со Меркел во 1998 година. Тој секогаш останува во позадината кога неговата сопруга е во официјални посети, но во нивниот приватен живот се чини дека е обратно.
Фотографија: picture alliance/Infophoto
Пријателство ставено на тест
Објавувањето на информациите дека блискиот сојузник САД ги пресретнува телефонските разговори на врвните германски политичари отвори голема афера пред меѓународната јавност. Ниту мобилниот телефон на Меркел не бил безбеден од тајните служби на САД. Аферата предизвика проблеми во домашната и меѓународната политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Грчкиот пациент
Меркел има обожаватели низ целиот свет, но во Грција нивниот број е значително помал. На ниту едно друго место во светот Меркел не била толку демонизирана како што беше во Грција за време на должничката криза во еврозоната. Старите анимозитети беа повторно нагласени по барањата на канцеларката за штедење, економски реформи и кратење на трошењата од властите во Атина.
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi
Емотивна, барем еднаш
Иако е воздржана и позната по минималните гестови и изрази на лицето, Меркел не можеше да се воздржи за време на финалето на Светското првенство во фудбал во Рио кога заедно со германскиот претседател го бодреа националниот тим. Во тој период Меркел беше на врвот на својата популарност, исто како и германската репрезентација, со која заедно влијаеа на градењето на меѓународниот имиџ на Германија.
Фотографија: imago/Action Pictures
Ние можеме да го направиме тоа, зарем не?
Кога стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија канцеларката изјави дека законот за азил нема лимит. „Ние можеме да го направиме тоа!“ беше мотото на Меркел за време на бегалската криза. Таа тврдеше дека има план. Но, во меѓувреме многумина Германци се прашуваат дали навистина „можеме да го направиме тоа?“
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Што е следно?
По терористичките напади во Париз на 13 ноември минатата година Франција објави вонредна состојба. Ангела Меркел на соседите им понуди „целосна поддршка“. Сепак, стравот од тероризам беше сеприсутен. Без сомнеж, Меркел беше соочена со најголемиот предизвик во нејзиното владеење токму на десетгодишнината од нејзиното стапување на функцијата...
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Критични сојузници
На партискиот конгрес на ЦСУ во ноември 2015 година канцеларката беше критикувана од баварските сојузници. Хорст Зехофер ја обвини Меркел дека загубила контрола над границите со нејзината политика кон бегалците. Тоа беше понижување кое мораше да го истрпи стоејќи без можност да возврати на обвинувањата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Hoppe
Зарем не може да остане подолго?
Меркел би сакала трет мандат за Барак Обама, иако скандалот со прислушувањето од страна на НСА беше причина за резервираност од нејзина страна. Сепак, Обама ја напушта политичката сцена и му го отстапува местото на Доналд Трамп. Весникот „Њујорк Тајмс“ ја нарече Меркел „последниот чувар на либералниот Запад“.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
13 фотографии1 | 13
„И канцеларката одамна сфати дека полека се ближи крајот на нејзината ера. Но, таа по секоја цена сака да спречи нови избори и да остане на чело на владата. Без оглед на тоа, таа не смее да го пропушти вистинскиот момент за повлекување. Ангела Меркел, доколку ја исклучиме бегалската криза, со години ефективно, бесшумно и елегантно управуваше со државата. Денес е таа најмоќна жена на светот. Но, доколку сака како таква да ја напушти политичката сцена, таа не смее предолго да чека“, анализира Розалија Романиец, одговорна уредничка во ДВ,
Доколку сепак го одработи мандатот до крај, таа со 16 канцеларски години ќе го достигне досегашниот рекордер Хелмут Кол- канцеларот на обединувањето и нејзин политички ментор.