1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260411 Volkszählung Deutschland 2011

17 мај 2011

Во Германија е во тек пописот на населението - прв по обединувањето. Последниот попис во западниот дел на Германија беше спроведен во 1987 година, а во Источна Германија дури во 1981-та. Пописот не наидува на симпатии.

Фотографија: dapd

Колку луѓе живеат во западните, а колку во источните покраини на Германија? Какво е нивното образовно ниво? Колкави се становите во кои живеат? Точни одговори на овие прашања не може да даде веќе никој во земјата, дури ни инаку „сезнајниот“ Завод за статистика со седиште во градот Визбаден. Не е ни чудо што е така, ако се знае дека последниот спроведен попис на населението е речиси 24 години во минатото кога е во прашање западниот дел на земјата и дури 30 години кога станува збор за поранешната Германска Демократска Република. Во меѓувреме на Германија и’ се случи и повторното обединување, а тоа, пак, предизвика големи придвижувања на населението - пред се’ од источните покраини кон оние на западот, кои нудеа, па и се’ уште нудат, поголема благосостојба.

Одбивен став на граѓаните

Попишувањето не наидува на симпатии кај Германците. Спроти последниот попис во Западна Германија имаше дури и голем отпор во јавноста. Стотици илјади граѓани јавно го бојкотираа пописот, иако тој претставува законска обврска. Граѓаните аргументираа дека државата развива вистинска база со податоци и се плашеа дека собраните информации можат да бидат злоупотребени за различни цели. Тогаш се појави застрашувачката визија за „стаклениот граѓанин“, кој едноставно нема повеќе заштитена приватна сфера, иако тоа му го гарантира Уставот. Граѓанскиот отпор доби дури и поддршка од одделни политички партии во земјата, како на пример Партијата на зелените: „Во никој случај граѓанинот според новиот закон не може да биде сигурен дека податоците за него ќе останат тајни“, порача во тоа време пратеникот на Зелените, Кристијан Штребеле.

Фотографија: picture alliance/dpa

Граѓански отпор

Претходниот попис во Германија требаше всушност да почне уште во 1983 година. Во предвечерието на пописот во земјата се формираа стотици граѓански иницијативи, кои се обидуваа да го попречат. Како голема поддршка во таа насока тие ја доживеаа одлуката на Уставниот суд да го признае „правото на информативно самоопределување“ како темелно право на граѓанинот. Широкиот отпор против пописот во јавноста секако се должеше и на вжештената политичка атмосфера во земјата во тоа време, но голема улога одигра и историската траума на Германците од времето на национал-социјализмот. Погромот над Евреите, имено, можеше да биде спроведен така систематски, само затоа што нацистите располагаа со сигурни податоци од пописите спроведени во 30-тите години.

Младите се за пописот

Денес отпорот против пописот меѓу германските граѓани е помал и тоа посебно кај помладата генерација, која активно се служи со социјалните интернет-платформи, како што е Фејсбук. Таму милиони млади луѓе ионака објавуваат важни информации за нивниот живот и веројатно затоа не им пречи ако државата спроведе и официјален попис. Според една анкета на јавното мнение, дури три четвртини од Германците на возраст меѓу 18 и 29 години го поддржуваат пописот. Во таа насока сигурно помогна и опсежната информативна кампања на владата, со која на граѓаните им беа објаснети сите предности од пописот:

Претседателот на Заводот за статистика, Родерих ЕгелерФотографија: picture alliance/dpa

„Податоците од пописот се важна подлога за политичките и економските одлуки како на сојузно, така и на покраинско и општинско ниво во земјата. Од нив зависи, на пример, финансиското порамнување меѓу покраините, како и издвојувањето финансиски средства за општините. Врз основа на тие податоци се одредуваат и изборните кругови во земјата“, појаснува претседателот на Заводот за статистика, Родерих Егелер.

Примерок од 10% од населението

Интересно е што со попишувачите нема да дојдат во контакт сите 82 милиони Германци, колку што се претпоставува дека моментално живеат во земјата. Според најавите на Заводот за статистика само осум милиони граѓани, односно 10% од вкупното население, ќе треба да одговорат на прашањата на ангажираните 80.000 попишувачи. Граѓаните се избрани по случаен избор, но кога еднаш ќе влезат во списокот за попишување, тогаш тие се обврзани со закон да соработуваат со попишувачите. Во спротивно им се заканува парична казна. Податоците за останатите околу 74 милиони жители ќе се генерираат од статистиките на општинските власти, како и на Заводот за вработување. Цел на попишувачите ќе бидат и т.н. посебни домени. За што станува збор објаснува Анете Фајфер од Заводот за статистика:

„Посебни домени се студентските и старечките домови, но исто така и затворите и психијатриските болници. Бидејќи податоците со кои сега располагаме не се толку сигурни за од нив да може да се изведуваат заклучоци за вкупниот број на населението, во овие посебни области ќе спроведеме комплетен попис.“

Налепница со протест против пописотФотографија: picture alliance/dpa

Третата група ја сочинуваат сопствениците на куќи и станови, кои исто така ќе мораат да пополнат прашалници за пописот. Причина за тоа е фактот што постојат премалку сеопфатни податоци за станбената ситуација во земјата. Тоа, пак, е многу битно за инфраструктурата, како што се водоводните и канализациски мрежи или пак детските градинки и училишта.

Поддршка од медиумите

Актуелниот попис во Германија, кој официјално почна на 9. мај, се подготвуваше цели 10 години. Во тие рамки непосредно пред почетокот, во текот на април, имаше и голема медиумска кампања, што требаше на граѓаните да им ја објасни неопходноста од попишувањето. Јавната критика овојпат не е толку голема, а тужбата на една граѓанска иницијатива до Уставниот суд беше одбиена. Претставникот на иницијативата „Работен кружок попис“, Михаел Ебелинг, ги објаснува причините за поднесувањето на тужбата:

„Податоците нема да станат анонимни дури до четири години по спроведувањето на пописот, така стои во законот. Во одделни случаи бришењето на имињата од прашалниците ќе се случи дури и по цели шест години, тоа би било во 2017-та. Според мое мислење, меѓутоа, опасност од злоупотреба на податоците постои и кога тие не се анонимизирани само по неколку дена или недели.“

Што велат бројките?Фотографија: Kathrin Erdmann

Заштита на приватноста

Дали навистина постои опасност од злоупотреба на личните податоци на граѓаните, собрани на пописот, и како може таа да се спречи, тоа се отворени прашања. Но, Германците ќе мораат и покрај тоа да се навикнат на пописот, бидејќи европските закони предвидуваат попис на секои десет години. За претседателот на германскиот Завод за статистика, Родерих Егелер, таквиот ритам е неопходен: „Ние го поддржуваме таквиот ритам на попишување, особено поради демографскиот развој во нашата земја. Многу е важно да знаеме каква иднина не’ очекува!“

Првите резултати од актуелниот попис во Германија може да се очекуваат дури на крајот на наредната година. До тогаш на собирањето и анализата на податоците ќе се потрошат цели 710 милиони евра.

Автор: Кај-Александар Шолц / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми