Дали короната го менува начинот на исхрана на Германците?
Давид Ел
29 мај 2020
Коронавирус и работа од дома, ограничувања и скандали во индустријата за месо го променија начинот на живот и на исхрана на Германците. Но, на експерименти со месо од лабораторија и од инсекти се спремни главно младите
Реклама
Пандемијата на коронавирусот го донесе и ова: од 21 март, значи непосредно по воведувањето на ограничување на контакти во Германија, преку Гугл многу почесто од порано е пребаруван поимот – простирка за јога. Трговците со велосипеди велат дека имаат посебно зголемен број купувачи откако им е дозволено повторно да ги отворат продавниците.
А ако отидете во парк или на брегот покрај река во некој германски град, ќе ве воодушеви мноштвото луѓе кои таму шетаат или нешто вежбаат. Изгледа дека многу Германци времето на корона го искористија за што повеќе да се движат.
Германците и нивната љубов кон брза храна
Од колбаси со кари до сендвич со ќофте од инсекти: културата на сендвичарници и брза храна во Германија е драстично променета. Она што некогаш било презирано, денес е прифатено и ги отсликува различните животни стилови.
Фотографија: picture-alliance/D. Bockwoldt
Колбас со кари
Колбасот со кари или каривурст во Берлин и Рурската област е речиси станат составен дел од идентитетот и се сервира често со пржени компирчиња, т.н. „Манта порција“. Германскиот познат пејач Херберт Гринемајер испеа дури и песна за него во рурски дијалект.
Фотографија: Imago/R. Wölk
Киоск за сендвичи со колбаси на скара
Помалку егзотични роднини на колбасот со кари се сендвичите со колбаси на скара,братвурст, по правило пред сендвичарницата се поставени неколку масички за стоење. Ваквите сендвичарници се посебно распространети во Берлин, но и во повеќе поголеми градови, како Келн.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg
Сендвич со риба
Лепче со риба е некој вид северна варијанта на колбас со кари. Брзо се спрема- меѓу две половинки од лепче се става харинга (на фотографијата) или лосос, гарнирано со кромид и салата. Ова спаѓа во класиката на германската брза храна „за по пат“ и постои од почетокот на масовниот туризам во 1960-те години. Сендвич со риба е посебен заштитен знак на Хамбург - таму неизоставно треба да се проба.
Фотографија: Fotolia/Anne Katrin Figge
Киоск за пијалоци и сендвичи
Ваквите прапочетоци на германската култура на сендвичарници и киосци се наоѓаат посебно во Рурската и во Рајнската област. Во опуштена атмосфера, по крајот на работниот ден, луѓето се собираат на муабет, кафе или пиво и мала закуска - сендвич со салама или кашкавал.
Брзо подготвуваното и вкусно јадење од Италија во Германија го почнува својот победоносен поход во 1950-те години, по доаѓањето на првите италијански гастарбајтери и до денес е најомилената придобивка од странските кујни за брза храна. Сеедно дали цела во пицерија или купена како парче за по пат, пицата ужива неподелена омиленост.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Kleinschmidt
Донерот се одомаќинува
Во Берлин почнал да се продава првпат во 1972, а во Ројтлинген во 1969 година, а денес донер кебап спаѓа во најомилените закуски на Германците. Најдоцна од 1990-те години го има низ цела Германија: од класичен со месо, до вегетаријански. Првично донерот настанал веројатно во 19 век во северниот дел од Турција.
Фотографија: picture-alliance/R. Schlesinger
Суши
Само до пред неколку години, суши беше нешто специјално и можеше да се јаде само во некој јапонски ресторан. Денес суши има и во сите подобро снабдени супермаркети, особено во метрополите. Некогашната тренд храна за многумина вработени луѓе е добредојдена промена и алтернатива за храната од мензите во пладневната пауза за ручек.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd
Гастрономската култура и стилот на живеење
Во меѓувреме во Германија постојат сендвичарници и киосци за брза храна за секој вкус, па и за здравствено-свесните и еколошко ориентираните потрошувачи. Културата на сендвичарници е прилагодлива и не се сфаќа веќе само како брза храна. На фотографијата еден маж со сласт загризува во сендвич со ќофте од инсекти, чие „месо“ е произведено од ларви од еден вид бумбар.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch
Подвижни сендвичарници
Ги имало уште во средниот век, а сега доживуваат ренесанса - хипермодерни подвижни киосци за брза храна на тркала. Во многу германски градови редовно, во одреден ден од неделата, се одржува уличен пазар, на кој се продаваат регионални и интернационални специјалитети од мобилни киосци.
Фотографија: Imago Images/S. Zeitz
9 фотографии1 | 9
Повеќе се готви
Овој поздрав начин на живот, барем привремено, многу Германци го искористија и за промена во начинот на исхрана. Во репрезентативно истражување на компанијата за испитување на јавното мислење Кантар, во име на фондацијата Хајнц Ломан, секој четврт Германец изјавил дека готви почесто отколку порано.
Мнозинството останува верно на својот претходен репертоар рецепти, а 18 проценти изјавиле дека од почетокот на корона-кризата, готват поинаку. Во овој случај поразлично значи и – поздраво: свеж зеленчук и салата споменуваат 70 проценти од испитаниците, а вегетаријански јадења наведуваат дури 48 насто од анкетираните. Само околу 38 проценти одговориле: „"печевме леб, колачи и пецива, што не е изненадување со оглед на тоа што во супрмаркетите извесно време брашното и квасецот беа распродадени.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/H. Huan
8 фотографии1 | 8
Долгорочно, помалку месо на трпезата
Истражувањето е објавено на крајот на април, пред месната индустрија да се најде во фокусот на јавноста поради тоа што се дозна дека кланиците, односно колективното сместување за работниците од странство, се жаришта на коронавирусот.
Се чини дека политичката дебата за неподносливите работни услови, на Германците не им го уништи апетитот за месо: Здружението на производители на месо повторно благо ја зголеми препораката за покачување на цената на месото. Фактот дека некои кланици сега се затворени, речиси да не влијаеше врз цената, вели една аналитичарка, но побарувачката расте откако рестораните повторно отвораат. Покрај тоа, извозот на месо, посебно во Кина, останува стабилен.
Меѓутоа, гледано долгорочно, независно од короната, во Германија опаѓа потрошувачката на месо, посебно на свинско. Сојузното здружение на германската месна индустрија неодамна регистрираше пад на потрошувачката, со што 2019 година е прва од појавата на кравјо лудило, во која просечниот Германец консумирал помалку од 60 килограми месо и месни производи.
Тоа се поклопува со анкетата на Форса, спроведена околу Нова година во име на сојузното Министерство за земјоделство: 26 проценти од Германците тогаш изјавиле дека јадат месо секој ден, но пет години претходно тоа го изјавиле 34 проценти. „Особено има сѐ повеќе мажи кои се одрекуваат од секојдневната порција месо", наведува Министерството за земјоделство.
Уделот на вегетаријанци (пет проценти) и веганци (еден процент) во популацијата останува непроменет. Истражувањето е дел од овогодинешниот извештај за исхрана, кој денеска го претстави министерската за земјоделство, Јулија Клекнер.
Во пораст е консумирањето замена за месо од растителни состојки, инсекти или вештачко месо произведено во лабораторија. Сепак, само 49 проценти од испитаниците изјавиле дека веќе тестирале такви производи. Процентот на оние кои пробале или консумирале такви производи е поголем меѓу младите луѓе.
Корона: 14 проценти од Германците се здебелиле, а десет проценти ослабеле
Без оглед на сите квалитативни промени во начинот на исхрана, зголемениот број простирки за вежбање јога и велосипеди, се чини дека пандемијата на корона оставила и видливи – квантитативни последици: во истражувањето на Кантар, споменато на почетокот, 14 проценти од Германците изјавиле дека во текот на корона-кризата ја зголемиле телесната тежина, додека само 10 проценти дека ја намалиле.
До здравје со „супер храна“
Етикетата „супер храна“ која ја носат киноа и чиа семките, како и акаи и гоџи бобинките, им донесе голема популарност. Но, слично дејство имаат и некои „вообичаени“ сорти овошје и зеленчук.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Hollemann
Зелена зелка
Зелената зелка во Германија назима е класика. Се јаде традиционално со колбаси, особено во северниот дел на земјата. Но, и без колбаси е особено корисна. Содржи антиоксиданси, како витамин Ц, Е и К, како и фолна киселина, калиум, калциум и магнезиум.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Hollemann
Цвекло
Цвеклото е исто така германска зимска класика. Се бере наесен и може да се чува со месеци. Во студените и темни месеци тоа дава боја и витамини. Традиционално се вели дека цвеклото ги зајакнува слабите, ги охрабрува срамежливите и ги усреќува тажните. Некои истражувања дури тврдат дека ја поттикнува и желбата за секс.
Фотографија: picture-alliance/Arco Images/Larssen G.
Коприва
Копривата пече, се шири многу бргу и во повеќето градини се корне како плевелот. Но, таа има толку многу хранливи состојки, што кога ја испитале детално, научниците не можеле да веруваат во она што го виделе. Таа содржи двапати до четирипати повеќе железо од спанаќот, повеќе калциум од млекото и тони витамин А, Ц и Е. А, и кога ќе се попари, веќе не е „опасна“ и не пече.
Фотографија: wilderwegesrand.de
Цреши
Црешите се еден од најважните видови овошје во Германија. Тие помагаат во спречување на мускулни заболувања и проблеми со крвотокот, го зајакнуваат имунолошкиот систем и ја подобруваат функцијата на мозокот. Студиите покажуваат дека црешата има и мелатонин, хормон кој го регулира циклусот на будност и спиење, поради што е добра против несоница.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Боровинки
Боровинките се вбројуваат во овошјето со највисок процент на антиоксиданси и други хранливи материи, поради што се во врвот на листата на супер храна. Во еден германски град боровинките се посебно во фокусот - во Егезин, во покраината Мекленбург Предна Померанија, кој се нарекува и „град на боровинките“, секоја година се одржува „фестивал на боровинките“ и се избира „кралица на боровинките“.
Фотографија: Colourbox
Волчји трн
Бобинките на волчјиот трн (некаде познат и како кучешки трн) содржат повеќе витамин Ц од портокалите или лимоните. За веганците овие плодови се интересни поради високиот процент на витаминот Б12, каков што инаку може да се најде само уште во производите од животинско потекло. Волчјиот трн во Германија важи за типичен специјалитет во регионот на Балтичкото Море.
Фотографија: Colourbox
Црни рибизли
Како извонредна супер храна постојано се нагласуваат гоџи-бобинките, но во Европа и Азија црните рибизли се овошје кое има исто толку витамини и други состојки важни за здравјето. Притоа, во споредба со гоџи-бобинките, црните рибизли имаат само една седмина од калориите, се разбира само под услов да не се конзумираат во облик на мармалад или ликер.
Фотографија: Colourbox
Јаболка
Дека јаболката се здрави знае секој во Германија. Тие тука се најважното овошје. Секој германски граѓанин во просек јаде по 17 килограми годишно. Јаболката се грицкаат помеѓу оброците зашто имаат малку калории, а полни се со антиоксиданси кои им годат на мозокот, срцето, кожата и коските. Јаболката го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2.
Фотографија: pictue-alliance/dpa/P. Pleul
Семки од тиква
Тиквите првично се одгледувале во северна и јужна Америка, но во меѓувреме се распространети во целиот свет и добро успеваат и во Германија. Семките од тиква се извонреден извор на протеини, есенцијални Омега 3 заситени масти и баластни материи, а имаат и голема концентрација на минерали, како магнезиум и цинк.
Фотографија: Colourbox
Ленено семе
Лененото семе е богато со хранливи состојки, има многу протеини, баластни материи, витамин Б и минерали. Традиционално германско јадење се компири со урда и ленено масло. Но лененото семе е вкусно и кога ќе се стави во леб или житарки.
Фотографија: picture-alliance/ZB/P. Pleul
Прокељ
Многу луѓе не го сакаат прокељот поради малку горчливиот вкус. Но, желбата за негово конзумирање можеби ќе се зголеми ако се знае дека тој е вистинска хранлива бомба. Само 100 грама прокељ ја покриваат дневната потреба од витамин Ц и К. Зеленчукот е и извонреден извор на железо, содржи фолна киселина и калциум, а наводно помага и за регулација на хормоналниот статус.
Фотографија: Colourbox
Шипинки
Шипинките во Германија ги има на крајот на есента и назима. Тие се полни со витамин Ц и каротиноиди. Чајот од шипинки или мармаладот се многу популарни, но трговците продаваат главно производи од плодови кои се увезени. Во покраината Баден Виртемберг меѓутоа има дури и био-фарма на која се садат шипинки.