1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Германците не треба да му се предадат на стравот

Јохен Киртен
22 декември 2016

Терапевтот и експертот за траума, Кристијан Лидке им советува на граѓаните во Германија да не дозволат да бидат преплашени по нападот врз божиќниот панаѓур во Берлин.

Deutschland Sicherheit Polizist auf Weihnachtsmarkt
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

Дојче веле: Што е всушност траума, што се подразбира под тоа?

Кристијан Лидке: Траума е грчки збор за рана. Прво ја користеле хирурзите кога зборувале за исеченици. Во преносна смисла траума денес значи духовна рана. Траума настапува секогаш кога како луѓе доживуваме екстремно оптоварувачка ситуација. Таа е како рана од исеченица, но рана која зарастува ако правилно се третира. Ако се исчисти и покрие, тогаш таа ќе заздрави. Истото важи и за духовните рани. Тоа значи дека секогаш кога се случуваат работи како што е нападот во Берлин, тогаш луѓето доживуваат целосно невообичаени симптоми. Тие се во шок и носат во себе слики кои ги потсетуваат на тоа, а кои се многу оптоварувачки. Но и таа рана ќе заздрави ако ја исчистиме.

Што може да помогне при тоа?

Тука се потребни информации. Потребни ни се бројни доверливи информации. Мораме да бидеме свесни за нормалноста на симптомот. Тоа значи: симптомите, кои сега ги покажуваат луѓето, без разлика колку се невообичаени, се секогаш нормална реакција на ненормален случај. Значи - не сум луд бидејќи сега не можам да спијам, бидејќи се чувствувам несигурно, имам мачно чувство, туку она што се случило не е нормално, не е вообичаено. И тоа секогаш повлекува со себе невообичаени ситуации и реакции.

Кристијан ЛидкеФотографија: Fotostudio Bildnis/C. Lüdke

Кога зборувате за „доверливи информации“ може ли тоа да се разбере и како апел до медиумите да не западнат во хистерија, туку и натаму да известуваат сериозно?

Апсолутно! Многу е важно континуирано да се известува, меѓутоа тоа мора да биде сериозно. И би требало да бидат користени само сигурни и точни информации. Инаку би можело да биде опасно, посебно кога станува збор за „новите медиуми“, кои во основа би можеле да бидат од помош. Значи, на пример ако погледнам што објавува полицијата, тогаш можам да бидам сигигурен. Подраматично и поопасно станува кога таквите информации ќе се помешаат со сопствените стравови или фантазии за заговор. Тогаш одеднаш сѐ добива нова динамика, која воопшто не е од помош, туку на крајот повеќе штети отколку што помага.

Во „новите медиуми“ се пропагира солидарност. Колку е таа важна за луѓето?

Сметам дека сочувството е неверојатно важно, бидејќи ние луѓето во такви моменти градиме заедница која ја поврзува тешка судбина. И тоа одговара со следниот израз: „Поделеното страдање е половина страдање“. Многу е важно да се увиди следново: „Не сум сам и не е невообичаено како реагирам, не морам поради тоа да се срамам, бидејќи знам дека голем број луѓе исто реагира и чувствува како јас“. Важно е да се комуницира и да се формира заедница, бидејќи тоа со себе носи подготвеност да се грижиме едни за други и со тоа му се спротивставуваме на теророт со силна противтежа.

Фотографија: DW/B. Knight

По нападите во последно време сѐ повеќе се дискутира како сега треба да се однесуваме. Дали треба да избегнуваме излегување во јавност? Или токму тоа не треба- со аргументот: Не сакам да дозволам мојот животен стил да го одредува некој однадвор. Има ли совет за ова или е тоа е препуштено на секој поединец?

Генерално би рекол дека пораката за луѓето и за јавноста е токму тоа - да не дозволат да бидат уплашени, да се откажат од она што го прават секојдневно. Бидејќи тогаш терористите или луѓето, кои стојат зад тоа, со тоа ја постигнале својата цел, значи ширење страв и ужас. Тоа во никој случај не треба да го правиме. Исто така, сега не треба да имаме претеран страв. Јасно, постојат секако одделни случаи луѓето да имаат претерани стравови. Тие секако можат самите да одлучат дали ќе излезат надвор или ќе останат дома. Но, во едно отворено општество, во кое живееме, не постои стопроцентна сигурност. Поради тоа би требало што е можно побрзо да се вратиме во нормалното секојдневие бидејќи тоа ни дава сигурност, него го познаваме. Исто така, не би требало да се воздржуваме и да отидеме на божиќен панаѓур, да купуваме божиќни подароци, да посетуваме манифестации. Секако дека луѓето се сензиблизирани. Тие сега се повнимателни и побудни. Но, ние исто така би требало да внимаваме на тоа дека највисоките органи на власта, полицијата и правосудството многу интензивно работат на тоа да се реши проблемот. Тоа е единствена можност долгорочно да се пронајде решение. Луѓето сега не требаат да дозволат да бидат заплашени и да се плашат да излезат надвор.

Др. Кристијан Лидке (56) е клинички хипнотерапевт, специјализиран меѓу другото и за работа со трауматизирани пациенти. Тој им пружа помош на луѓето во Германија, но и од целиот свет по трауматични настани, како што се терористичките напади.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми