1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците погодени од критиките на ОН

7 јули 2011

Две теми ги преокупираа коментаторите во германскиот печат, губењето на организацијата на Зимските олимписки игри во Минхен 2018 и критиките во извештајот на ОН за социјалните права во земјата.

Германската јавност е во шок по извештајот на Обединетите нации за социјалните права во земјата. Во него се наведува дека 13 проценти од Германците живеат под границата на сиромаштија, дека децата од сиромашните семејства и странците се социјално хендикепирани групи, и дека Германија нема адекватни програми за борба против сиромаштијата. Официјалните државни претставници реагираа многу остро, оценувајќи дека се работи за произволни податоци кои немаат никаква научна основа. Но, германската агенција ДПА потсетува дека експертите на ОН во извештајот во најголем дел се служеле со податоци од германски извори и официјални студии на германските институции.

Алгемајне цајтунг од Мајнц го критикува извештајот на ОН:

„Мора да се каже дека најголемиот дел од извештајот на Одборот на ОН за економски, културни и социјални права потсетува на извештаите на телевизијата во поранешната Германската демократска република во текот на 80-те години за наводното пропаѓање на Сојузна Република Германија. Масовна невработеност, бездомници, алкохолизам... Мотивите на ГДР беа познати. Но, не е јасно што ја натера една, во принцип, угледна организација како ОН да рашири низ светот една ваква гомила флоскули. Најмалку страшното објаснување за тоа било: некомпетентност“.

Дрезднер нојесте нахрихтен:

„Буркина Фасо? Судан? Гватемала? Извештајот на ОН за сиромаштијата во Германија како да говори за состојбата во Третиот свет, а не во водечка индустриска земја. Премногу сиромашни деца, преголем општествен хендикеп за жените- така изгледа драстичниот суд на моралистите од ОН за социјалните прилики во Германија. Во светло на тој извештај, ви доаѓа да се прашате: кога од бреговите на Северното и Балтичкото море ќе тргнат првите чамци со бегалци, за милионите истрауматизирани луѓе да ги извлечат од социјалниот пекол на Германија? Оваа анализа е неумерена и претерана“.

Ројтлинген генерал анцајгер:

„Светската организација би можела да се позанимава и со сопствените недостатоци: тоа што токму Северна Кореја го презема претседавањето со конференцијата на ОН за разоружувањето, е исто толку гротескно како и ангажманот на Кина, Куба, Саудиска Арабија и до пред извесно време Либија во Советот за човекови права. И тоа што Иран раководи со Советот на ОН за правата на жените, исто така може и критички да се гледа“.

Штутгартер нахрихтен:

„Германија е една од најбогатите земји на планетата. Нејзините социјални издвојувања се многу големи и сега веќе голтаат речиси половина од државните трошоци. Долгот на државата истовремено расте. Кога се има в предвид сето тоа, извештајот на ОН изгледа како листа на желби на мало дете кое не знае дека парите не паѓаат од небо“.

Свое место во дневниот печат најде и одлуката на Меѓународниот олимписки комитет да му ја довери организацијата на Зимските Олимписки Игри во 2018 година на јужнокорејскиот Пјонгчанг. Минхен кој се сметаше за голем фаворит, уште еднаш не успеа со кандидатурата.

Ноје оснабрикер цајтунг:

„За победата на Пјонгчанг има многу причини, а еден од најважните е секако тоа што корејскиот народ еднодушно ја поддржа кандидатурата на градот. Речиси 90 проценти од тамошните граѓани го прифатија проектот, за разлика од Минхен кој немаше таква поддршка. Резултатот од гласањето се темели и на влијанието на Јужна Кореја врз меѓународниот спортски бизнис и со самото тие и врз Меѓународниот олимписки комитет“.

Зидвест пресе:

„Отфрлајќи го Минхен, моќниците во МОК, како и многупати досега, се свртија кон звукот на парите. Пазарот во Азија кој не е заситен со зимски спортови, нуди грандиозни можности за правење на рекордни суми пари. Одлуката во Дурбан беше гласање против корените на зимскиот спорт“.

Дер Ноје Таг:

„Пјонгчанг ги доби Олимписките игри. Со тоа име, зимскиот спорт е поврзан колку и Сахара со хокејот на лед. Во ред, ова им беше трет обид и МОК беше поблаг. Таа добрина беше зашеќерена со милијардите на азиските концерни како Самсунг“.

Автор: БГ/СБ

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми