1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците сакаат демократија, но...

Јан Валтер
26 април 2019

Големо мнозинство од Германците е за демократија. Но, за каква демократија? Една нова студија покажува – еднакви права за сите и плурализам не сакаат сите.

BG Reise Reichstag | Sommer in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Проблем не претставуваат поединечните десничарско екстремни, туку десничарско популистичките ставови, ова е заклучокот на студијата за состојбата на „средината“ во германското општество. Процентот на германски државјани кои имаат десноекстремни погледи на светот веќе со години е прилично константен и изнесува околу 2,5. Но, одбивање или омаловажување на одредени групи во општеството, верување во теории на завера или прикриено заговарње автократски облици на владеење не претставуваат во никој случај маргинални појави, нагласува Франциска Шретер од Фондацијата Фридрих  Еберт. „Одделни десноекстремни гледишта и деснопопулистичко однесување имаат цврсто место во германското општетсво.“

Фондацијата Фридрих Еберт, партиска фондација на германските социјалдемократи, од 2006 година редовно спроведува испитување на германското население во поглед на десничарските ставови. Од 2014 година таа своите наводи ги поврзува со долгорочната студија „Социјално условена обивност кон одредени општествени групи“, која од 2002 година ја спроведува Институтот за интердисциплинарно истражување на конфликти и насилство (ИКГ) од Универзитетот Билефелд. Отприлика секои две години се појавуваат резултати од истражувањето на состојбата на „општествената средина".

Десничарскиот популизам не е нова појава

Во рамките на новата студија, истражувачите од септември 2018 до февруари 2019 година телефонски интервјуирале 1890 репрезентативно избрани Германци на возраст од 18 до 97 години.

Заклучок е дека ширењето на десничарскиот популизам не е нова појава во Германија. Кога истражувањето било првпат спроведено, секој осми анкетиран имал во целина расистички погледи, во најновото испитување такви покажува секој 14. испитаник. И одбивноста кон муслиманите во 2006 година била пораширена (преку 30%), додека денес се забележува кај 18,7 % од испитуваните. Класичниот антисемитизам и ксенофобијата биле двојно пораширени во 2000-те години во споредба со денес.

Се зацврстува омаловажувањето кон барателите на азил

Од деснопопулистичките ставови во последните години пораснало само омаловажувањето кон барателите на азил, констатира студијата, и тоа третпат по ред: од 44,3% во 2014 година на 54 % во 2019 година. Испитаниците се противат на великодушноста на државата кон барателите на азил, сметајќи дека мнозинството апликанти за азил не се плаши воопшто од прогон или не е прогонувано.

„Тоа нѐ изненади, со оглед што бројот нови барања за азил од 2016 година знатно се намали“, вели Шретер.

Германската десничарска партија АфД ги политизира како своите симпатизери, така и противницитеФотографија: picture-alliance/dpa/G. Kirchner

Разлики меѓу германскиот запад и исток

Ваквите погледи се посебно изразени во источниот дел од Германија. Но, разликите меѓу исток и запад на земјата не се толку големи, колку што обично се мисли. Така на пример десноекстремни ставови, при кои луѓето ги минимираат злосторствата на нацизмот, посакуваат десничарска диктатура и прават разлика меѓу вреден и безвреден живот, подеднакво често се појавуваат во сите делови на Германија.

Повеќе:

Десничарскиот популизам сѐ поатрактивен за жените

Како Германија се бори со десничарскиот екстремизам?

Сигнал од Кемниц против омразата кон странците

Но, деснопопулистичките гледишта се пораширени во источниот дел од Германија, тврдат авторите на студијата. Додека на запад секој втор жител ги отфрла барателите на азил, на исток тоа го прават  две третини од испитаниците. На исток 26 %, а на запад 19 % од анкетираните ги омаловажуваат муслиманите. „Чувството на колективен бес кон доселувањето на исток со 52% проценти е многу посилно отколку на запад (44%)“, велат авторите на студијата. Во источниот дел од земјата владее и помала доверба во германската демократија отколку на запад, а почесто се среќава и заговарање на авторитарен систем на власта.

Верување во теории на заговор

И на запад постојат посиромашни подрачја во кои луѓето помалку веруваат во демократијата и нејзините институции. Речиси половината од испрашаните смета дека постојат тајни организации кои влијаат врз политичките одлуки. Една третина од испитаниците не се чувствува исправно претставувана и демократските одлуки ги смета за „трули копромиси“, како и дека „владата му ја премолчува вистината на народот“. Речиси една четвртина смета дека постои спрега меѓу политиката и медиумите.

Јакнење на цивилното општество: акции во спортските здруженија против расизамФотографија: picture-alliance/dpa/R. Haid

Ако толку многу Германци имаат лошо мислење за одредени групи на населението и цивилните и општествените институции, политиката ја сметаат за инфилтрирана, а медиумите за корумпирани, како тогаш 86 проценти од испрашаните велат дека демократијата нема алтернатива, а 93 % дека им е најважна еднаквоста на луѓето?

„Дел од населението не останува верен на своите вредности“, вели коавторот на студијата Вилхелм Бергхан од Универзитетот Билефелд.

Во резимето на студијата, нејзините автори и сами барем малку го релативираат својот загрижувачки наслов: „Изгубена средина на општеството – неподнослива состојба“. Зашто, покрај „стабилност на бројни противдемократски ставови во општествената средина“, има и позитивни наоди, како „силна ориентација кон цивилно општество“. Новите десничарски движења навистина претставуваат тешка проверка на издржливоста на цивилното општество. А за нејзино докажување, битни се три работи, велат авторите на студијата: поголемо демократско образование, поинтензивни мерки против предрасудите и престанок на минимизирање на нехуманите и противдемократски појави.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми