Традиционално 23 април во Германија секоја година е целосно во знакот на пивото. Имено, на овој датум во 1516 година во Инголштад бил објавен Указот за чистота на пивото.
Реклама
Овој повеќе од половина век стар документ наложува за производство на пиво да се користат само вода, слад, хмељ и квасец. Указот за чистота се залага за зачувување на старите занаетчиски техники и истовремено важи за најстариот сѐ уште важечки пропис за прехранбен производ во светот.
Во Германија благодарение на указот се разви пивска производна уметност, почитувана ширум светот. Од овие 4 природни состојки во преку 1500 пиварници во Германија од ден во ден се создава уникатна разновидност од повеќе од 6000 марки на пиво.
Германските пива- квалитет и разновидност
Преку 500 години стариот Указ за чистота на пивото во Германија е гаранција за висок квалитет. Но, за пасионираните консументи, важен е и специфичниот вкус на пивото, кое го има во импресивен број видови- дури над 6000.
Фотографија: DW/J. Chase
Не секое пиво е... пиво!
Пивата содржат широк спектар на концентрација на алкохол и вкус. Не се сите во согласност со Указот за чистота на пивото, затоа на етикетата не стои секогаш и зборот „пиво“. Некои видови пиво се произведени од големи фирми, други пак од мали независни пиварници. Но, сите се вкусни.
Фотографија: DW/J. Chase
Светло пиво: „шампањ“ од северот
Берлинското светло пиво е пченично пиво со мал процент алкохол, а се произведува од 17 век. Неговата киселкаста нота ја добива со додавање на еден лактобацил. Во Берлин ова пиво обично се сервира со дотурање малку овошен сируп. Уште Фридрих Велики знаел како се прави светло пиво, а Наполеон го „крстил“ „шампањ од северот“.
Фотографија: DW/J. Chase
Овошно пиво: повеќе од четири бази
Од 1516 година германското пиво смее да содржи само вода, јачмен, слад и квасец. Прописот за чистота на пивото требало да ги спречи бескруполозните производители на пиво да му додаваат често и отровни состојки. Но, денес не постои никаква причина за забрана на природни состојки во пивото. Берлинската мала пиварница Хајденпетер на пример креираше вкусно пиво од малини, според белгиски пример.
Фотографија: DW/J. Chase
Солен вкус од минатото
Сол во пивото? Звучи смешно, но тоа е тајната која се крие во специјалниот вкус на пивото Госе. Тоа потекнува од регионот Харц и се произведува уште од 14 век. Мешавината од коријандер, млечни киселини и специјален локален вид квас создава пијалок со солен вкус, без да предизвикува жед. Госе е постар од Законот за чистота на пивото, затоа го ужива статусот на „специјално пиво“.
Фотографија: DW/J. Chase
Пејл Ејл: Пиво без граници
Долго траеше додека движењето за „крефт’ пиво од САД стигна до Германија, но во меѓувреме и овде се етаблираа вкусните пива од мали независни пиварници. Една од нив е и Берлинер берг, позната и надвор од националните граници која ги истражува англо-американските стилови во целата нивна разновидност. Многу омилено е Пејл Ејл!
Фотографија: DW/J. Chase
Иновација и традиција
Без оглед на надмоќта на „Пилзен“ и „Лагер“ пивата, и регионалните пивски специјалитети имаат долга традиција во Германија. На пример - „Келш“ од Келн или „Алтбиер“ од Диселдорф и околината. Ознаката „алт“, „стар“ во името значи: произведено според стара традиција. Пивото е горко и содржи голем процент на хмељ. „Ујриге“ спаѓа во најомилените традиционални пива.
Фотографија: DW/J. Chase
„Чадено пиво“ - специјалитет од Бамберг
Чадените пива од градот Бамберг, познат по „љубовта кон пивото“, се многу далеку од вообичаениот вид „Пилс“, каде при ферментацијата квасецот се спушта на дното. Овде сладот се загрева на отворен оган, што на пивото му дава вкус на чад. На почеток, тоа е предизвик дури и за искусни пивопијци, но е незаменлив приодружник на типичното бамбершко мезе.
Фотографија: DW/J. Chase
„Јако“ пиво - „шнапс“ меѓу пивата
Ова пиво со процентот алкохол кој го содржи, од 6 до 65 проценти, што е сегашниот светски рекорд, најчесто се препорачува и се пие во количина типична за вино и други видови посилен алкохол, во чаши наместо во шишиња.
Фотографија: DW/J. Chase
Темно пиво - моќта на темната боја
Традиционално, темните пива како на пример тириншкиот „Кестрицер“ се „Лагер“- пива кои се чуваат заради ферментација на темно и ладно место, а чија темна боја се должи на печениот хмељ. „Блек Ница Империал Стоут“ содржи десет различни видови слад и девет проценти алкохол.
Фотографија: DW/J. Chase
9 фотографии1 | 9
А и љубовта на Германците кон омилениот пијалок не пресушува. Според последната студија објавена по повод Денот на германското пиво, во минатата година Германците по глава на жител просечно во продавниците и супермаркетите потрошиле околу 100 евра за купување пиво и пијалоци врз база на пиво. Вкупното количество на продадено пиво и пијалоци врз база на пиво пак било 6,1 милијарда литри. Во оваа статистика, меѓутоа, не се земени предвид парите потрошени за пиво во кафулињата, пивските градини, рестораните....
Пивската чаша не е само чаша
Во Германија за секој вид пиво има посебно дизајнирана чаша или кригла, за да се сочува и развие специфичниот вкус. Ние тргнавме по трагите на тоа - кое пиво се сервира во какви чаши и зошто.
Фотографија: Fotolia/ExQuisine
Избери го своето пиво....
Не е никаква тајна дека во Германија се прави добро пиво. Но, како на вистински начин да се ужива во него? Секоја чаша е направена така што ги истакнува карактеристиките на одредено пиво, на пример пивото „пилс“ односно „пилснер“. Добар познавач на пива за Дојче веле објаснува дека не е неопходно потребна мала чаша за да се сочува свежиот вкус на пивото.
Фотографија: Fotolia/ExQuisine
„Келш“ - гордоста на Келн
Некому не личат на вистински пивски чаши. За љубителите на келнското пиво „келш“ овие тесни чаши од 2 децилитри се есенцијални за зачувување на свежата нота на пивото. Велат - вистинскиот „келш“ доаѓа само од пиварниците во и во близината на Келн. Келнерите инаку секогаш автоматски на масата ставаат полна, штом муштеријата ќе ја испие чашата, освен ако ставите подметач на празната чаша.
Фотографија: DW/M. Nelioubin
Главно е пивото да е пресно
Слично како и нивните ривали на Рајна, и Диселдорф има свој пивски специјалитет: темно пиво со името „алтбиер“. И за него се употребуваат чаши од 2 децилитри, но пократки и пошироки од чашите за „келш“. „Ако се тури во вистинска чаша, „алтбиер“ ја развива својата арома и се формира компактен слој пена“, вели пивар кој го произведува ова пиво.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Декоративни чаши
„Чашата во која се сервира ’пилснер’ е потесна при врвот, така што фините ароми на сладот веднаш доаѓаат до носот“, вели за Дојче веле пивар од Есен. „Тоа го развива вистинскиот вкус на пивото“. Некои чаши за „пилснер“ се со цилиндрична форма, додека други се како овие на фотографијава, во облик на лале. Дршката на чашата е само поради декорација и нема влијание на вкусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Кригли создадени за „пумпање“ на мускулите
Пивото на Октоберфест или т.н „хелес“, односно светло пиво, се сервира во баварската голема кригла. Оригинал направени од керамика, овие масивни кригли се создадени да преживеат повеќе рунди здравици. Празни, тие тежат над еден килограм, па не е чудо што келнерките на Октобер фест имаат развиени мускули. На здравје! Или, што би рекле Германците: Prost!
Фотографија: picture-alliance/dpa
Доволно простор за пената
Чашите за пченично пиво се високи и заоблени. Поради голем удел јаглероден диоксид, поради кој се создава пена на врвот, овој вид пиво во чашата мора да се полни полека. Чашата е направена така што во неа, при бавно полнење, собира пиво од шише од половина литар.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Црвено или зелено пиво?
Дури и војниците на Наполеон ги подигале чашите за здравица со овој „шампањ од северот“. Посебниот начин на вриење со помош на млечна киселина предизвикува меурчиња во пивото „Берлинер вајзе“ и единствен вкус, често комбиниран со арома на малина или сируп добиен од билки. Чашата во форма на пехар во која се служи пивото, е измислена за да се создаде доволно место за поголем слој пена.
Фотографија: picture-alliance/ZB
Пиво на пиедестал
Според тврдењата на една пиварница, која произведува темно пиво, секој детал од неговите карактеристични чаши во облик на пехар го слави уживањето во пивото. Формата, дебелината на чашите, начинот како е изработен работ, сето тоа ја потцртува аромата на пивото. Формата на чашата исто така го чува јаглеродниот диоксид во пивото, а поттикнува тоа да се пие полека.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Од Бон со љубов
Кога љубителите го пијат пивото „бенш“, тогаш в раце држат мало уметничко дело, инспирирано од дизајнерот Луиџи Колани, вели еден сопственик на пиварница во Бон. „Бенш“ е нефилтрирана верзија на „келш“, наречен по Бон, градот во кој се произведува. „Чашата за него е попопуларна од самото пиво“, со насмевка раскажува пиварот, посебно меѓу туристите кои се во потрага по сувенир.