1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геце нема да настапи во финалето против Бајерн

Б. Георгиевски/ап22 мај 2013

Младата ѕвезда на Борусија Дортмунд соопшти дека поради повреда нема да настапи на големото финале од Лигата на Шампионите во Лондон.

Фотографија: imago sportfotodienst

Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Марио Геце ќе го пропушти финалето во Лигата на Шампионите против Бајерн Минхен поради повреда на бутниот мускул, соопшти неговиот клуб денеска.

20-годишниот фудбалер кој од следната сезона ќе го носи дресот токму на Бајерн Минхен, се повреди во реванш дуелот од полуфиналето на Лигата на Шампионите против Реал Мадрид кој се играше на 30. април и оттогаш не е во комбинација за настап на мечевите на Борусија. Раководството на клубот и тренерот Јирген Клоп се надеваа дека Геце ќе биде способен за настап, но веста која предмалку беше објавена на интернет-страницата на клубот ги закопа таквите надежи.

„Финалето беше мојата цел, напорно работев за да бидам подготвен во последните недели, и бескрајно жалам што нема да можам да им помогнам на моите соиграчи во овој важен натпревар“, изјави Геце за интернет-страницата на Борусија Дортмунд.

Геце најавува дека сепак ќе патува во Лондон за да им даде поддршка на соиграчите.

Освен настапот на Геце, пред големото финале неизвесен е и настапот на главниот одбранбен играч на Борусија, Матс Хумелс. Тој се повреди на последниот првенствен дуел против Хофенхајм, но најверојатно ќе биде подготвен за настап.

За разлика од Борусија каде во пресрет на мечот владее загриженост поради настапот на двајцата главни играчи, ривалот Бајерн Минхен нема такви проблеми. Сите играчи му се на располагање на тренерот Јуп Хајнкес, кој во последните две кола од германската првенство, и покрај обезбедената титула, настапуваше со првиот тим за да ја одржи формата на играчите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми