Геј парадата во Прага била за ненормални луѓе?
11 август 2011
Ладислав Батора е на раководна функција во министерството за образование. Во Чешка е подобро познат како претседател на ултра-конзервативното здружение „Дост“. Пред американската амбасада излезе пред рефлекторите на телевизиските камери за да го претстави протесното писмо.
„Овде сум, бидејќи амбасадорот на САД вети поддршка за манифестацијата ’Парада на гордоста во Прага’. Веруваме дека ова е непримерно, исто како и земањето на покровителството од страна на градоначалникот на Прага, Свобода“, изјави Батора.
Публицитетот на контроверзните десничарски популисти е кулминација на неколкудневниот спор за првиот геј и лезбејски фестивал во Прага. Појдовна точка се острите критики за настанот од советникот на претседателот, Хајек. Во еден прилог на информативен интернет портал тој вели дека планираната парада низ Прага е политичка демонстрација на деформираните вредности на ненормалните сограѓани. Не траеше долго додека стигнаа првите бурни реакции. Дури 13 амбасадори од западните земји, вклучувајќи ја Германија и САД, изразија јасна поддршка на настанот. Ладислав Батора затоа е огорчен.
„Мислам дека тоа не е нормално. За нас тоа е мешање во изградбата на внатрешните карактеристики на нашата земја, особено кога туку така геј парадата во Прага поминува како споредна приказна“, нагласи претседателот на ултра-конзервативното здружение „Дорст“, Ладислав Батора.
Претседателот е против правата на хомосексуалците
И претседателот Клаус ја дели огорченоста на десничарските популисти. Писмото на амбасадорот е чекор без преседан, забележа тој во писмена изјава. Претседателот претходно дури и одби да се огради од изјавата на неговиот советник Хајек, кој прати порака дека хомосексуалноста е малцински проблем и не заслужува некакво славење.
Хана од тврдината во Прага ги коментираше тие ставови со спуштени раменици. Од пред неколку недели таа и нејзините приврзаници го организираат фестивалот. Критиките на десничарските популисти не ја изненадуваат.
„Чешкото општество навистина е релативно толерантно но според мотото: прави што сакаш, ама прави го тоа дома. Затоа го одржуваме нашиот прашки фестивал на гордоста. Сакаме отворено да се покажеме на улица и да се држиме за раце, а не само да го трошиме времето во нашите геј клубови“, вели Хана.
„Прегратка со твоите ненормални сограѓани“
Всушност, хомосексуалците во Чешка правно се во подобра позиција во споредба со најголемиот број други пост-комунистички земји. Додека во соседните земји, Полска и Словачка, хомосексуалците залудно се бореа за геј брак, во Чешка од 2006-та година постои закон кој дозволува регистрирање на партнерства на истополови парови.
Но, и тогаш дојде до вето од претседателот Клаус. Скорешните вербални напади на хомосексуалците, мажи и жени во Чешка се задоцнета дефанзивна битка на конзервативците. Затоа, на геј парадата во центарот на Прага ќе се стартува кампања „Прегратка со твоите ненормални сограѓани“.
Автор: Штефан Хајнлајн/ Александар Методијев
Редактор: Жана Ацеска