1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геј парада - нов почеток за Србија

Александар Методијев/бета/макфакс28 септември 2014

Меѓународните претставници во Србија на крајот на одржувањето на Парадата на гордоста во Белград порачаа дека овој ден е голем ден за Србија и Европа и е голем ден за остварување на човековите права.

Фотографија: AFP/Getty Images

„Ова е нов почеток за ефикасна борба против дискриминацијата“, порача шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Мајкл Девенпорт. Тој нагласи дека одржувањето на Парадата на гордоста е „силна порака за сите“. „Ова е порака за ЛГБТ заедницата, но и за оние кои сакаат насилство и говор на омраза“, рече Девенпорт, нагласувајќи дека денешната манифестација е значаен чекор за заштита на човековите права.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија и’ се заблагодари на полицијата и на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ што ја овозможија безбедноста на учесниците во Парадата и што манифестацијата се одржа.

На учесниците на Парадата на гордоста им се обратија норвешкиот амбасадор Нилс Рагнар Камсваг и холандскиот амбасадор Лоран Стоквис, кои оценија дека нејзиното одржување е „голем успех значаен за меѓународниот углед на Србија“.

На парадата беа присутни околу 1.000 лицаФотографија: AFP/Getty Images

Германскиот пратеник во Бундестагот Фолкер Бек на Српската православна црква и’ порача дека „православието не зборува за насилство, туку за љубов“. Претставничката на Европскиот парламент Тери Ретке рече дека е многу задоволна поради одржувањето на Парадата и укажа дека вистинската борба за човековите права во Србија допрва претстои.

Бакнеж за крај

На Парадата се обратија и претставници од невладиниот сектор и ЛГБТ заедниците во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Бобан Стојановиќ, претставник на Организацискиот одбор на Парадата на гордоста, порача дека нејзиниот успех единствено ќе се мери ако биде одржан континуитет на Парадата. „Сум бил во градови во кои вакви паради постојат веќе 30 години“, рече Стојановиќ, додавајќи: „Покажавме дека сме способни да сакаме, а оние кои нас не не’ сакаат или велат дека не’ мразат тоа го прават исклучиво од страв“, рече Стојановиќ.

Манифестацијата беше завршена така што Стојановиќ се бакна со својот долгогодишен партнер со пораката: „За крај ви подаруваме еден бакнеж, за да видите дека ништо не е страшно“.

Полицијата спречи поголеми инцидентиФотографија: AFP/Getty Images

На денешната Парада на гордоста во Белград учествуваа околу 1.000 лица, кои тргнаа од пред зградата на српската Влада и се упатија кон Градското собрание. Во колоната беа градоначалникот на Белград Синиша Мали, министрите Јадранка Јоксимовиќ, Кори Удовички и Иван Тасовац, но и американскиот амбасадор Мајкл Кирби, шефицата на преговарачкиот тим на Србија со ЕУ Тања Мишчевиќ, како и функционери од неколку партии.

Дел од српските медиуми јавија дека група од околу 50 млади лица ја нападнала полицијата, која ја обезбедуваше поворката, но напаѓачите се повлекле кога на полицајците им пристигнало засилување.

За Парадата на гордоста во Србија известуваа и светските медиуми, нагласувајќи ги големите мерки за безбедност, како и тоа дека нејзиното одржување е тест за посветеноста на Србија во заштитата на човековите права во контекст на приближувањето кон ЕУ.

Вучиќ задоволен од парадата, но тажен за братот

Српскиот премиер Александар Вучиќ изрази задоволство што Парадата мина без поголеми инциденти, што не е поднесена ниту една кривична пријава, иако имало неколку прекршоци. „Мислам дека треба да бидеме горди на тоа“, рече премиерот.

Вучиќ оцени дека огромен број противници на Парадата останале во своите домови, а тие кои сепак излегле на улиците „се воздржувале од инциденти“.

Александар ВучиќФотографија: DW/B. Marx

„Ова не го правевме затоа што е услов за преговорите со ЕУ, или затоа што понаклонети кон геј популацијата отколку кон црквата, или обратно, туку само од една причина – поради Уставот и законите во оваа држава и почитувањето на човековите права на сите луѓе“, рече Вучиќ.

Тој пред новинарите потврди дека денеска (29.09) полицијата во Белград го претепала неговиот брат Андреј и двајца припадници на обезбедувањето на премиерот, додавајќи дека повредите се сериозни. Вучиќ рече дека тие имале „крвави глави“ и оти полицијата ги пречекорила овластувањата. Според Вучиќ, полицајците кои интервенирале се извиниле, а неговиот брат и обезбедувањето нема да поднесат тужби против полицајците.

„За мене ова беше еден од најтешките денови, во секој поглед“, рече Вучиќ.

Според неофицијални податоци, Андреј заедно со обезбедувањето, се обидел да го пробие полицискиот кордон. Не е познато дали овој инцидент има врска со Парадата на гордоста.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми