1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласањето тече во мирна атмосфера

Костадин Делимитов27 април 2014

Гласањето на двојните избори, втор круг претседателски и предвремени парламентарни, во Македонија се одвива во мирна атмосфера. Процесот го следат 10.013 домашни и 610 странски набљудувачи.

Фотографија: MIA

Граѓанската асоцијација МОСТ, која гласањето во вториот круг претседателски и предвремените парламентарни избори го следи со 1712 статични набљудувачи и 84 мобилни тимови, соопшти дека утринава се забележани одредени неправилности на неколку избирачки места:

„Отворени се сите места на кои МОСТ има свои набљудувачи. Гласачкото место 2845 и гласачкото место 2446 во Сарај биле отворени со доцнење поради технички причини. Исто така регистрирано е доцнење и на гласачките места 1147 и 1135 во Куманово. Пред Домот на култура во општина Кичево каде се сместени гласачките места 0723, 0727, како и пред гласачкото место 0724,0725 имало истакнато пропаганден материјал. Пропаганден материјал е забележан и пред гласачкото место 1687 во општина Свети Николе. На гласачко место 0894 во Кочани е најдено гласачко ливче од гласачко место 0893. Гласањето било прекинато и била повикана општинската изборна комисија по што ливчето било поништено, а гласањето продолжило во 8 часот и 27 минути. На гласачкото место 1782 во Ново Село регистрирани се пет случаи на семејно гласање, на гласачкото место 0103 Битола, набљудувач од организацијата Излези и гласај се претставил како набљудувач на МОСТ. Со оглед дека МОСТ таму има свој набљудувач, по неговата реакција избирачкиот одбор го завела во записникот. Уште еднаш апелираме до членовите на одборите добро да ги идентификуваат домашните набљудувачи со оглед дека и во првиот круг ги имавме истите проблеми со оваа организација. Набљудувачи на МОСТ се сите што имаат жолти маици со уредна акредитација од ДИК и овластување од МОСТ. Апелираме и до сите граѓани доколку сакаат да пријават одредени нерегуларности или да дадат информации за изборниот процес да ја користат бесплатната телефонска линија 080 080 080“, изјави Дарко Алексов од МОСТ.

Во однос на вчерашното гласање во МОСТ забележале повеќе неправилности во однос на нарушена тајност на гласање, а имало и повеќе гласачи кои сакале да гласаат за двата изборни процеса, но со оглед дека не биле пријавени за парламентарните избори, им било дозволено да гласаат само за претседателските избори. На 1577 во Радовиш од 16 лица кои гласале за 14 од нив гласал некој друг односно членови на семејствата или помлади лица.

На повеќе места проблеми со избирачките списоци

Најголема група домашни набљудувачи и овој пат има Здружението за хуманитарни активности Синергија, 5090. Обединета од 94 невладини организацијаи Здружението го следи изборниот процес: „Од она што е генерално како досегашна информација од нашите набљудувачи сите места се отворени, но целосна анализа за процесот ќе објавиме подоцна во денот на прес конференција“, изјави за Дојче веле Ѓоко Вукановски, претставник на Синергија.

Поголем број набљудувачи има и невладината организација Цивил која изборниот процес го следи со 113 свои претставници и уште шеесетина волонтери.

„Генерално, според првичните наши информации, изборниот ден започна релативно мирно, најголем дел од избирачките места се отворени навреме, освен онаму каде се регистрирани мали проблема со доцнење поради временските и теренските услови. Од она што досега можеме да го кажеме, е дека се регистрирани проблеми со разлики во списокот на гласачи за парламентарни и избирачки места и тоа буквално во секое место кое го посетивме, околу сто досега. На едно од нив дури 14 лица имале сериозен проблем. Има луѓе што ги има на еден список за парламентарни избори во едно гласачко место, а за претседателските избори се запишани на список во друго гласачко место. Со оглед дека тие се веќе обележани дека гласале, не можат во целост да го остварат своето право и тоа е голем проблем“, изјави за Дојче веле, Џабир Дерала од Цивил.

За следење на вториот круг од претседателските избори и предвремените парламентарни избори што се одржуваат денеска се акредитирани 10.013 домашни и 610 странски набљудувачи. Најбројна од странските мисии е онаа на ОБСЕ/ОДИХР, која по традиција својата оценка за текот на гласањето ќе ја соопшти утре на прес конференција во Скопје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми