1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глигоров за ДВ: Балканските војни не го затворија македонското досие

3 јануари 2012

Киро Глигоров - искажувања за Дојче веле

Киро ГлигоровФотографија: Petr Stojanovski

За иднината на Македонија и меѓунационалните односи:

„Во однос на Македонија јас сум непоправлив оптимист. Таа држава ќе опстои. Народот нема да дозволи она што го сакал, за кое што мечтаел со векови - да има своја држава, така лесно да ја предаде во нечии раце или да ја нема, заради тоа што некои политичари или некои други се караат, не се договараат и така натаму. Кога ќе дојде таков момент, ќе се види што мисли народот - како што се виде дека референдумот (на Албанците за држава „Илирида“, н.з.) не може да помине. Тоа беше многу јасен доказ дека тој народ размислува со своја глава. Некои велат ’Ах, тоа е затоа што не призна Америка под уставното име‘. Па сигурно и тоа има некое влијание, ама основното е размислувањето ’Што ќе стане со нашата држава ако ние на овој начин се спротивставуваме помеѓу себе и Албанците‘ - и не излегоа на референдум. Па во таа Струга, која сакаше да се прогласи за република, таму не го изгласаа референдумот. Значи, кај луѓето има некој здрав разум кој им говори дека треба да бидат претпазливи на такви работи“.

„Мислам дека по Охридскиот договор тој терен за меѓуетнички кавги и расправии е сепак потесен, што не значи дека не може да избувне некое ново недоразбирање, како што беше случај со Кондово, каде нашата полиција не можеше неколку месеци да влезе во тоа село и да ги врши своите нормални активности. Но, и тоа се реши по еден политички пат, без судир, без жртви“.

За петгодишнината од независноста:

„Тоа беше еден период на големо искушение. Многу луѓе - истакната државници и други аналитичари на балканските прилики - некои повеќе, некои помалку ја познаваше Македонија, но доста беа раширени сомнежите дали Македонија ќе може да опстои. Кога се воведоа санкциите против Југославија, особено подоцна - прво беше едно ембарго во време на владата на Мицотакис, потоа Папандреу воведе ембарго - се мислеа како може да опстане една мала држава на која и’ се затворени северната и јужната граница , кои ја поврзуваат со светот. Останавме по лоши патишта да носиме стока на Бургас и од таму да носиме нафта и се’ друго што беше нужно за да може стопанството колку-толку да работи и благодарение на помошта што ја дадоа тогаш бугарската и албанската влада, бидејќи еден дел од стоката одеше и на Драч, успеавме да го преживееме тоа време. Мислам дека по некои параметри, кога се споредуваме со соседните земји, кои секогаш биле некакво мерило за да видиме каде сме, што сме, може да се каже дека во економските состојби, и во промените што ги направивме во политичкиот систем во смисла на демократски развој и правна држава, во односот спрема националностите и во воведувањето на институциите на пазарната економија, можеме да кажеме дека сме нешто напред“.

„За мене е несомнено најголема сатисфакција и задоволство тоа што го остваривме сонот на многу генерации. Навистина, тој сон започна и темелите беа удрени во народноослободителната борба - без неа веројатно и денес нашето осамостојување ќе беше многу повеќе под прашалник. И, ако има некоја моја заслуга, тоа се методите и средствата што ги одбравме за решавање на проблемите. Од почетокот се залагав Македонија да остане надвор од било каков воен конфликт, да се сврти кон обезбедување внатрешна стабилност, да создадеме мала, но способна војска за одбрана на земјата - ние немаме никакви амбиции да војуваме за територии, граници или слично. Потоа извонредно важна беше определбата со малцинствата трпеливо, во еден подолг временски период да се обидеме да ги задоволиме нивните барања на највисоко можно ниво според европските норми. Тоа можеше да се постигне единствено преку изградбата на демократските институции во Македонија - правната држава, цивилното општество, преку меѓусебната толеранција, разбирање, подготвеноста за дијалог за сите прашања што ги раѓа животот. Во земја во која покрај мнозинската нација постојат и малцинства никогаш не може да се каже дека сите проблеми се решени - животот носи и нови прашања, нови проблеми и треба да постои обострана подготвеност и постепено да се создава доверба дека само преку дијалог и меѓусебни компромиси може да се решаваат тие прашања кои се дел од заедничкиот живот“.

За атентатот:

„Поминаа 10 години, а ништо не се откри - ни кој ја замислил таа акција, ниту кои се мотивите за да ме убијат мене, ниту пак од друга страна се најде кој е конкретниот извршител на таа акција. Според тоа, јас сметам дека нашата полиција на тој проблем падна на испитот. До денес не сум добил ни една релевантна информација дека нешто е вистински утврдено со докази“.

За односите со соседите:

„Па со соседите ќе има проблеми веројатно во подолг период на време затоа што прашањата кои се се јавуваат како некој спор меѓу нас и одделните соседи имаат историска заднина. Посебно во тој поглед битен момент се Балканските војни и поделбата на Македонија во географска смисла на зборот. Тогаш веројатно сите што учествуваа во таа поделба сметаа дека македонското прашање, македонското досие, е затворено, нема веќе шанси за раѓање на некоја организација, некое движење кое ќе го покрене прашањето за вековната желба на овој народ да дојде до сопствена држава и од друга страна да изгради елементи на една современа култура, почнувајќи од јазикот, литературата, уметноста, науката и така натаму.  Меѓутоа, Втората светска војна покажа дека тоа прашање живее, народот живее, ги чува своите белези, го говори сопствениот јазик, се вика Македонец. Таа војна успешно заврши уште пред нејзиниот крај: на 2 август 1944 година беше свикан македонскиот парламент и тој прогласи независна и самостојна Македонија“.

За Косово:

„Тоа е малку посложено прашање и не ја допира само Македонија. Пред се’ тука е проблем како тоа ќе може да го поднесе заедницата Србија и Црна Гора, затоа што тие уште сметаат дека на Косово е родена српската држава и на Косово е создадена православната патријаршија и дека таму се наоѓаат најголемите паметници на кои ја обележуваат историјата на Србија - и тоа е за нив едно болно прашање. Не знам што ќе им се понуди за возврат, за да може да се ублажи тоа чувство и да може да се најде некое решение кое нема да биде Косово да нема баш никаква врска со Србија, оти тоа во животот и не е возможно. Тие остануваат соседи дури и Косово да биде апсолутно независно, и ќе имаат економски, културни и други врски.

За Македонија, ако Косово стане навистина демократско - што значи дека ќе се почитуваат сите права на граѓаните кои живеат таму, независно од националност, вера и други определби - тогаш тоа и не мора да биде толку опасно. Меѓутоа, ако остане Косово како што е сега, тогаш таа работа може да се прошири и да ги мобилизира сите оние духови кои сметаат дека Албанците конечно треба да живеат во една држава. А дали тоа баш така ќе биде, како што се желбите - тоа е друго прашање. Затоа што јас сум имал некои контакти, сум бил на Косово, сум бил во Албанија два месеца. Тие во Албанија не се баш воодушевени Косово да влезе во некаква голема Албанија , туку тие повеќе би сакале Косово да биде независна држава, па ќе видиме после“.

За македонско-германските односи:

„Па, тие односи се одлични. Од почетокот Германија ја помагаше Македонија во нејзините настојувања да се осамостои, помагаше при влегувањето во ОН, потоа при склучувањето на Договорот за соработка и трговија со ЕУ. Билатералните односи се развиваат многу добро. Имаме доста значајна размена, иако таа може да биде и многу поголема. Но, вратите се отворени и на двете страни. Желба и на владите и на стопанствениците, бизнисмените е повеќе меѓусебно да се поврзуваат, да разменуваат стоки, капитал и слично и со време, јас сум длабоко уверен, дека првите фирми што ќе вложат странски капитал во Македонија, ќе бидат германски фирми. И посетата на уважениот претседател на Германија, Херцог, го покажува нивниот голем интерес за Македонија - оти тоа е прва земја-членка на ЕУ која ќе ја посети Македонија на највисоко ниво“.

За иднината и одговорноста на Европа:

„Прва работа која најнепосредно ме побудува да го кажам ова што ќе го кажам, е искуството со војната на просторите на поранешна Југославија. Таа уште еднаш покажа дека народите не можат со сила да ги решаваат своите проблеми и дека се неизбежни дијалогот, компромисите, меѓусебното разбирање, меѓусебното попуштање за да се дојде до некој договор, да можат да се одржат добрососедски односи, ако веќе не можеме да бидеме заедно. Тоа е основното што треба да се има предвид, особено во Европа. На некои други континенти има можеби и потешки прашања, но сите светски војни почнувале и завршувале во Европа и мораме да развиваме свест за една посебна одговорност што ја имаат Европејците за да не се запали повторно светот, да не дојде до некоја нова катаклизма, за мирот, за подготвеноста за добрососедски односи. Би сакал сите балкански земји да усвојат определба еден ден да се зачленат во ЕУ, да се вклучат во изградбата на таканаречениот заеднички европски дом. Мислам дека НАТО - ваков или реформиран - може да одигра голема улога во обезбедувањето на безбедноста на народите во Европа и во светот. Затоа определбата за членство во тој сега единствен постоечки систем за колективна безбедност е еден од условите за мирен развој на Балканот и на Европа. Длабока и одамнешна желба ми е да се создадат услови Балканот да биде интегрален дел на Европа“. 

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми