1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гнев кон Израел наспроти тајни надежи за слабеење на Хамас

Карстен Кинтоп5 јануари 2009

Војната во појасот Газа во многу арапски земји предизвикува несакани последици. Имено, таа го зголемува јазот меѓу владите и граѓаните. Криза на легитимитетот е неизбежна.

Демонстрации во Каиро против израелската офанзива во појасот ГазаФотографија: picture-alliance / dpa

Не минува ниту ден без демонстрации на солидарност во арапските градови. Мрачните слики од појасот Газа предизвикуваат илјадници луѓе да излезат на улиците. Арапските лидери ја набљудуваат состојбата со растечка непријатност. Се’ појасно протестот се насочува не само против Израел и САД, туку и против нив.

„Нема лекови во Газа, нема електрична струја, нема ништо за јадење, деца умираат, арапските земји не помагаат, а остатокот од светот воопшто“, вели еден демонстрант.


Потајни надежи за слабеење на Хамас


Не ги смета секој ракетите на Хамас за мудро решение, а многумина и така имаат проблеми со политичкиот ислам. Сепак, со оглед на тоа што на израелскиот напад врз појасот Газа се гледа како на прекумерен и свиреп, арапското население се соединува. Исламистите и комунистите демонстрираат заедно. Она што ги поврзува е и гневот кон „оние горе“, кон владите, кои изгледа дека реагираат како да не се случува ништо невообичаено.

Ваквите слики од појасот Газа предизвикуваат гнев во арапскиот светФотографија: AP

„Повеќето од нив го вртат погледот настрана. Тоа се раководствата што се опишуваат како ’умерени’, значи оние во Египет, Јордан, Саудиска Арабија и други држави од Заливот. Ним им е во интерес политичката моќ на Хамас во Газа да биде ослабена, исто како и ударната сила на Хамас, која беше особено ограничена уште пред израелскиот напад. Незаинтересираноста на арапските лидери е многу јасна и поради тоа арапските граѓани, населението е толку фрустрирано околу она што сега го прават нивните лидери“, вели Амр Хамзави од Фондацијата „Карнеги“ од Бејрут.

Прозападните, т.н „умерени“, влади во арапските земји гледаат на движењата како Хамас или Хезболах како на директен предизвик, како на закана за статус кво ситуацијата во регионот. Често овие влади зависат од економската и воената помош на САД. Демократски избрана не е ниту една од нив. Поради тоа тие имаат проблем и со легитимитетот.


Арапските земји имаат добри карти за игра со Западот


Она што кусо го напиша еден кувајтски новинар, тоа го сметаат многумина во регионот: „Холокаустот во Газа го покажува грдото лице на некои арапски влади, кои го загубиле и последниот остаток од пристојност“.

На многу „умерени“ арапски влади не им одговара моќта на Хамас во појасот ГазаФотографија: AP

Абдул Бери Атван, новинар во палестинскиот весник „Ал Кудс ал Араби“, што се издава во Лондон, вели дека никој не бара од арапските земји да му објават војна на Израел, но доколку Арапите би сакале, тие имаат навистина добри карти со кои би можеле да играат, за да постигнат промена на американската и европската политика кон Блискиот Исток.

„На пример, меѓународната заедница е растргната во две војни во кои не може да победи: Ирак и Авганистан. На САД и на Европа им е потребна арапска помош за да се извлечат таму. Потоа, економската и финансиската криза. Имено, некои арапски земји се единствените што имаат пари за да му помогнат на Западот. Потоа, тука е соработката со Западот во борбата против тероризмот. Арапите би можеле да предупредат: ’ Нема повеќе да соработуваме со вас, се’ додека нашите луѓе се масакрираат’“, истакнува Абдул Бери Атван.

Дали калкулацијата на арапските влади, кои потајно се надеваат на ослабување на Хамас ќе се оствари е прашање. Јасно е само ова: Таканаречените „умерени“ арапски раководства денес говорат во името на својот народ, помалку од кога и да е порано. Колку подолго Израел ќе може да ја спроведува својата воена офанзива, толку потешка ќе биде положбата на оние во арапскиот свет, кои себеси се гледаат како пријатели на Западот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми