1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Говорот на омраза станува службен јазик

16 март 2018

Се множат закани и навреди кон пратениците, а со недоличен речник во „хорот“ се вклучи и владиката Агатангел. Надлежните институции спијат пред растечкиот говор на омраза

Mazedonien Parlament Protest
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Нема видлив институционален одговор против говорот на омраза кој го преплави македонското општество по завчерашното усвојување на Законот за употреба на јазиците. Навредливи графити и летоци, закани на социјалните мрежи, објавување фотографии на пратеници кои гласале за законот, со објаснување дека „тие се предавниците“, ја градат атмосферата на сеопшта хајка и повик за линч.

Освен безбедносната превентива на МВР, нема никакви други активности од институции кои по својата надлежност би требало да алармираат или да го санкционираат растечкиот говор на омраза во јавниот дискурс. Под наслов „И рекоа безумниците во срцата свои 'Нема Македонија!'“, митрополитот повардарски Агатангел на веб-страницата на епархијата објави текст, со мноштво изрази несоодветни за речникот што во духот на љубовата и разбирањето, би требало да е иманентен за митрополитите на МПЦ-ОА.

Повеќе:

-Груевски и патриотската бура во чаша вода

-Твитер „зовре“ по донесувањето на Законот за јазици

-Законот за јазиците заробен во фиоката на Иванов

„Иако ваквиот башибозук можевме да го насетиме и очекуваме од г. Џафери, како директен учесник во приредувањето на теророт врз невиното неалбанско население во северозападна Македонија, сепак верувавме во разумноста и општествената одговорност на нашите преставници во законодавниот дом на нашата татковина“, пишува владиката.

Потоа идентификувајќи се како „Ние, православниот народ од Повардарската епархија“, Агатангел од името на сите верници соопштува: „Отворено сакаме да истакнеме дека пратениците кои го изгласаа овој недемократски закон кој директно ги поткопува основните темели на државноста, го руши унитарниот и уставниот поредок и го загрозува опстојувањето на Р. Македонија, не можеме да ги сметаме за наши ополномоштени претставници и заштитници на нашите општествени и политички интереси“.

Фотографија: DW/M. Jovanoski

Предавници и терористи

Од каде овој заклучок? Имало ли анкета меѓу верниците во епархијата? Од МПЦ збунето одговараат дека не го виделе текстот и дека најверојатно станува збор за „личен став“ на митрополитот. Немаат одговор на прашањето дали „личниот став“, ја намалува одговорноста на Синодот за пораките што ги испраќаат негови членови, и за последиците што може да се предизвикаат со етикетирање на пратениците како „предавници и терористи“. 

„Нашите пратеници - предавници, без никаков трепет на лицето, вчера брутално газеа како врз македонскиот народ така и врз сите други народи што живеат во Македонија. Ги избраа личните наместо народните интереси. Послатко им беше по секоја цена да ја задржат власта отколку образот и достоинството на своите семејства и на своите претци. Се здружија со докажани насилници и терористи кои и ден денеска не престануваат да креваат рака на нашата држава“, пишува Агатангел.

И по сите етикети, навреди, најавеното непризнавање на пратениците и нивно посочување „како лош пример за предавство и лицемерие“, Агатангел најлицемерно вели: „Нема да ги мразиме ниту да ги осудуваме, туку ќе се надеваме на нивно брзо преумување и вразумување“.

Притоа искажува целосна поддршка до претседателот Ѓорге Иванов во намерата да не го потпише указот за законот, со став дека е „крајно време одлучно и без страв да се застане на патот на тиранијата која речиси 30 години, од разни страни, се спроведува врз мирољубивиот македонски народ“.

Фотографија: picture alliance/PIXSELL/HaloPix

Нашите соговорници од МПЦ признаваат дека вакви ставови не придонесуваат за хармонија во општеството.

„И ние подлежиме на законите. Има надлежни институции, нека постапат“, кусо одговараат.

Со кои очи ќе ги погледнете луѓето?“

„Вакви повици не носат ништо добро“, велат пратеници од мнозинството, додавајќи дека не се посочени само од владиката, туку и од функционери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Како пример посочуваат и дел од текстот под наслов „Апартхејд“, на членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски.

„Очигледно дека вие не се грижите за достоинството и гордоста на вашите пратеници, ако тие воопшто и го имале тоа во себе. Сепак, тие пратениците треба да се вратат во своите места на живеење. И кога овие пратеници ќе се вратат во Штип, во Кочани, Виница, Берово, во Делчево, ќе треба да се сретнат со тие кои ги гласале и тие кои не ги гласале. Со кои очи ќе ги погледнете луѓето во овие места, за предавството кое го направивте, за поништувањето на уставниот поредок, за поништувањето на основната клетка на самобитисувањето на нашата држава?“, се вели во текстот.

„Преку вакви ставови се праќаат суптилни, но и не толку суптилни пораки, за тоа како треба да бидеме пречекани кога ќе се вратиме во нашите општини, откако 'некој' веќе ни изрекол пресуда дека сме 'предавници'“. Не е добро, не само за нас, туку за атмосферата што се создава во земјата“, вели пратеник од мнозинството.

Инциденти во Собранието: Груевски во главна улога

02:23

This browser does not support the video element.

Дел од нив завчера беа цел на закани и навреди регистрирани и од полицијата: графит со навредлива содржина во Суводол, Демирхисарско, расфрлани летоци со навреди за пратеник во Делчево, телефонски закани и навреди за пратеници во повеќе градови во внатрешноста, запален автомобил на пратеничката на СДСМ, Славица Шуманска Митева пред нејзиниот дом во Виница... Од полицијата објаснуваат дека врз основа на безбедносни проценки преземаат неопходни мерки.

„Во текот на вчерашниот ден, согласно со безбедносните проценки, беше зголемен бројот на полициски патроли во неколку реони во неколку градови во државата. МВР ги следи тековните случувања и се прават редовни безбедносни проценки, врз основа на кои, се преземаат соодветни мерки“, велат од полицијата.

Но, превентивата не е доволна. Постапки во рамките на нивните надлежности се очекуваат и од Обвинителството, од Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Комисијата за заштита од дискриминација, и од надлежните за медиумски мониториг врз слични содржини во медиумите.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми