1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година Нула: Историјата на 2017

27 мај 2017

За Македонија, 2017 е Година Нула, во која треба да се соочи со „долгата темна сенка“ и да се обиде да се врати во нормалноста. Главно прашање е дали по десетте години авторитаризам треба да се „заборави на теророт“

Alexander der Große Denkmal Skopje Innenstadt Brunnen
Фотографија: DW/F. Hofmann

Во својата извонредна книга „Година Нула: Историјата на 1945“, професорот по демократија и историчар од њујоршкиот колеџ „Бард“, Иан Бурума, опишува како народите на Европа се најдоа пред непознатата иднина по капитуалцијата на нацистите и „долгата темна сенка“ во која живееја. „Што се случи непосредно по најуништувачката војна во човечката историја? Како светот ќе излезе од урнатините?“, пишува Бурума.

За Македонија, 2017 е таа Година Нула, во која треба да се соочи со својата „долга темна сенка“ и да се обиде да се врати во нормалноста. Дали по десетте години авторитаризам треба да се заузда одмаздата во опустошеното општество и враќањето кон демократијата да се одвива на пристоен начин?

Познатиот писател и нобеловец, унгарскиот Евреин Имре Кертес, кој ги преживеа Аушвиц и Бухенвалд, во својот роман „Без судбина“ го опишува напорот на својот главен јунак по војната и страдањата да се врати во Будимпешта, каде што го пречекуваат комшиите со зборовите дека мора „да заборави на теророт“. Многумина во таа 1945 година имаа голем интерес да ја негуваат амнезијата за сето она што се случи. Други мислеа дека светот едноставно ќе може да се врати на онаа точка пред убиствената декада, дека сето тоа беше само лошо сеќавање. Се разбира, таквите напори беа само илузија.

Како што е илузија дека Македонија може да се врати на нејзините општествени постулати од пред една деценија, во 2007 година. Последиците со кои општеството треба да се соочи по промената што треба да дојде се многу мрачни. Тие не се поврзани само со признанието и каењето како, на пример, на оние кои судот ги ослободи за вандалскиот упад во Собранието и дивјачкиот обид за пресметка со пратениците. Настаните во Собранието беа најсрамната слика на еден систем кој во своите последни денови покажа дека навистина бил режим, но таа е само едно камче во мозаикот.

Последниот концерт

На 12 април 1945 година Берлинските филхармоничари го одржаа последниот концерт пред пропаста на Третиот Рајх, во миговите кога советската Црвена армија го затвори кругот околу Берлин и 2,5 милиони војници ја чекаа наредбата да го нападнат градот што го бранеа 800 илјади луѓе на германскиот Вермахт. Додека советските војници на 30 километри од предградијата се прегрупираа за конечниот удар врз нацистите, во Берлин животот течеше како сѐ да е нормално, иако барем една третина од градот веќе тогаш беше во урнатини. Нацистичката пропаганда преку радиото грмеше за очекуваната голема пресвртна победа, луѓето одеа на работа, насетуваа дека веројатно доаѓа крајот на режимот, но во основа за нив беше незамисливо дека по 12-те години живот под Хитлер, сонот за новата германска зора и за супериорната раса може да заврши како крвав кошмар. Неколку дена пред концертот во Берлин, Јозеф Гебелс ги аргументираше искупувачките ефекти на нацистичката апокалипса:  „Ние носиме тешка судбина бидејќи се бориме за добра кауза и се нарекуваме храбри за да ја издржиме битката и да ја постигнеме големината“.

Приказната за тој концерт на Берлинските филхармоничари е еден од најфасцинатните примери до каде може да оди индоктринацијата на еден народ, а особено на неговата политичка врхушка. Главниот архитект на Рајхот, Алберт Шпер, го подготвуваше последниот концерт на Берлинските филхармоничари. За тој концерт беше одбрана соодветна програма: последната сцена од Вагнеровата опера Götterdämmerung („Самрак на боговите“), виолинскиот концерт на Бетовен и најпосле омиленото дело на нацистичките елити, Брукнеровата Четврта симфонија, „Романтичната“. Диригент беше Герхард Ташнер, а не музичкиот директор на филхармонијата, прочуениот Вилхелм Фуртванглер (тој беше многу близок со Гебелс, но сепак во јануари 1945, по концертот во Виена, пребегна во Швајцарија и таму остана до падот на Берлин).

Концертот беше во „Бетовеновата сала“, во која немаше греење, и која за чудо остана нечепната од бомбардирањата, кога околу неа се беше во урнатини.  Алберт Шпер, кој на Нирнбершкиот процес беше осуден на 20 години затвор, во неговите мемоари вака ја опишува оваа мрачна епизода: „’Кога ќе биде свирена Брукнеровата Романтична симфонија тоа ќе значи дека крајот е пред нас‘, им реков на моите пријатели. Наредив програмата да се отвори со последната арија на Брунхилде и финалето од ’Самракот на боговите‘, повеќе како пататичен и меланхоличен гест што укажуваше на крајот на Рајхот“.

 Во стилот на таа индоктринирана патетика, на публиката кога си заминуваше деца облечени во униформите на „Хитлер југенд“ во кошнички и нудеа капсули со цијанид, затоа што доаѓаше крајот на режимот на којшто му служеа сите што беа во салата.

Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Би било екстремно претенциозно, а веројатно и невкусно, отворањето на салата на Македонската филхармонија да се споредува со најцрниот час на најдобриот филхармониски оркестар во светот. Но одредени асоцијации не можат да се избегнат. Филхармонијата беше отворена речиси инкогнито, иако тој настан требаше да биде еден од главните спектакли на македонската култура во последнава деценија. Минативе месеци прочитавме цела дузина текстови за начинот како беше отворена новата сала на филхармонија во Хамбург и како таа за еден единствен миг стана нов симбол на градот. За зградата на Македонската филхармонија, скриена зад барокниот бедем крај Вардар, не прочитавме речиси ништо, но затоа ја видовме вмровската партиска елита собрана на едно место, со кисели насмевки, со лажна возбуда и илјадници мисли што ги прогонуваат. Тоа наликуваше на „Самракот на боговите“, иако не се свиреше ниту Вагнер, ниту Брукнер, туку Прокофјев и Чајковски. Македонија не видела толку мрачен настан, без оглед на аплаузите, за толку светла пригода. Не само поради тоа што зградата не е завршена за да биде пуштена во употреба, туку и поради тоа што уметниците, кои толку долго ја чекаат оваа сала, беа злоупотребени за најцрна партиска агенда. А тие, заедно со сите гости во салата (вклучувајќи го претседателот на државата и техничкиот премиер) и во последните денови на системот кој докажа дека е режим, го чекаа деспотот, лидерот на партијата, кој доцнеше по обичај триесетина минути. Како што прилега кога доаѓа феудален господар, министерката за култура го чекаше партискиот шеф во холот на зградата за да го однесе кон неговото место.

Ова потчинување кон партискиот господар (како и за време на рапортите кои министрите на кои им истекува мандатот му ги даваат по болници и патишта на човекот што нема никаква државна функција) е ситуација на замка. На неа може да се гледа како на варијанта од дијалектичката расправа господар-роб во „Феноменологијата на духот“ на Хегел. Тоа е ситуација во која двете страни се врзани: робот не е признат како целосен човек, или еднаков на господарот, и не е слободен. Господарот е слободен, но не се чувствува признат како човек од страна на робот. Господарот е постојано загрижен од кревкоста на односот, како и поради фактот дека робот гради алтернативен универзум на вредности, во кој господарот не е претставен. Потчинувањето на високите партиски ешалони кон господарот е дел од оваа феноменологија на вмровскиот дух, но тоа не значи дека тамошниот „роб“ не гради свој алтернативен универзум на вредности.

Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Лажната сала на Доктор Мабузе

Неколку дена по мрачниот концерт на Берлинските филхармоничари, на 15 април 1945 година, британските сили ги ослободија логорите Берген-Белзен и Бухенвалд и влегоа во невиден ужас. Сојузничките војници, изморени од битките и убивањето, беа целосно неподготвени за таа сцена. Ајзенхауер напиша: „Никогаш не сонував дека во светот може да постои таква суровост, бестијалност и ѕверство“. Ајзенхауер нареди жителите од градовите каде што беа логорите да бидат носени во камповите на смртта за да видат што се случувало во нивното соседство додека тие живееле мирен живот, служејќи и слушајќи ја пропагандата на режимот. Огромен дел од луѓето, верувајќи ѝ на пропагандата, беа во шок од злото што било покрај нив, а за кое немаа ни интерес да видат што се случува.

Злото во Македонија ја нема ниту пак може да ја има таа бестијалност, но суровоста со која се трошени парите на граѓаните за властелинскиот пир има голема драматика. Не е прашање само архитектонскиот ужас во центарот на Скопје. Сликите од новата сала на Владата докажуваат дека системот кој докажа дека е режим работи до последниот ден како ништо да не се случува наоколу. (Како што на 23 април 1945, две недели пред капитуалцијата, во Минхен се одиграло градското фудбалско дерби меѓу Баерн и 1860 Минхен. Баерн победил со 3:2.) Тркалезна маса на замислени рицари во длабоки фотелји во сала со дрвени оплати (како да е дел од некој средновековен замок) нема ништо со демократијата во 2017 година, со претставата за едноставност и допир со граѓаните. Тоа е последната слика не на заробената држава туку на заробениот ум. Тоа е последната слика на лажниот свет на лажните пророци.

Мандатарот кој треба да стане премиер, Зоран Заев, треба да ги отфрли тие подметнати феудални кукавички јајца и во стилот на Ајзенхауер треба да ги отвори вратите на поранешните елегантни коцки крај Вардар кои добија гротескно барокно руво, за граѓаните да ги видат злоделата на овдешниот Доктор Мабузе кој изгради „општество на криминалот“. Граѓаните треба да се соочат со хоророт на државниот грабеж во сиромашната земја и со партискиот проект за стогодишно деспотско владеење засновано врз пропагандата. А Заев и неговата влада, во оваа Година Нула за Македонија, не треба ни да седнат на таа лажна тркалезна маса како лажни рицари, ако сакаат да ја вратат државата во нормалноста. Инаку, лесно ќе го пречекорат потокот на самоизмамата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми