Случајот на шефот на германската разузнавачка служба Масен има нов развој. Тој сега нема да замине од функцијата за да биде унапреден, туку ќе биде (само) специјален советник во Министерството за внатрешни работи.
Реклама
На крајот сѐ одеше брзо. Третата кризна средба за само десет дена меѓу лидерите на ЦДУ, ЦСУ и СПД траше одвај половина час. Она што Ангела Меркел, Хорст Зехофер и Андреа Налес лично го „аминуваа“, веќе беше детално договорено во многу телефонски разговори зад кулисите. Зашто Зехофер јавно кажа дека ќе се сретне со Меркел и Налес само тогаш, кога во судирот околу смената на претседателот на Сојузната служа за заштита на уставниот поредок, Ханс-Георг Масен, ќе биде најдено солидно решение.
Меѓутоа, Зехофер постави високи услови за решение. Во интервју во саботата тој рече дека Масен е „многу компетентен соработник со интегритет“, нема направено грешки во извршувањето на работата и затоа за Зехофер е „необјасниво зошто СПД води кампања против господин Масен“. Тој нема да му даде отказ на никого „поради тоа што политичкото расположение и она на јавноста се завртени против него“, рече Зехофер.
Дали шефот на ЦСУ стравуваше дека СПД на крајот сепак ќе настојува на тоа 55-годишниот Масен да биде испратен во предвремена пензија? Дотаму не дојде. „Актуелниот претседател на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок Ханс-Георг Масен во иднина ќе работи како специјален советник во Министерството за внатрешни работи на ранг на раководител на оддел... и таму ќе биде надлежен за европски и меѓународни односи“, рече Зехофер по коалициската средба во Берлин. Освен тоа, државниот секретар од СПД кој всушност требаше да му го отстапи своето место на Масен во Министерството за внатрешни работи, сега останува на истото работно место.
Зехофер, Налес, но и Меркел се под огромен притисок. Не можат да се разделат, зашто нови избори, со оглед на застрашувачките резултати во истражувањата на јавното мислење, би завршиле со катастрофа. Но, за да бележат заеднички успеси се премногу неединствени. Канцеларката избегна прецизно позиционирање во аферата Масен. Меркел делуваше без сила, изгледаше како само да го посматра судирот на Зехофгер и Налес. Веројатно и затоа што конфликтот меѓу неа и Зехофер, кој се зголемува со години, не е завршен.
На три недели пред покраинските избори во Баварија, ЦСУ има поддршка од само 35% од избирачите. За ЦСУ, која досега владееше со апсолутно мнозинство во оваа покраина, тоа е еднакво на политичка катастрофа. Деснопулистичката АфД, според анектите, во Баварија има доверба на околу 10% избирачи. ЦСУ стравуваше дека со отказот за Масен, АфД уште повеќе ќе зајакне.
За шефицата на СПД, Андреа Налес, ситуацијата е уште потешка. Со најавата дека Масен мора да биде тргнат од функцијата, таа се „преигра“, дотолку повеќе што брзо стана јасно дека ќе наиде на бетон во редовите на ЦСУ. Кога минатиот вторник Налес се согласи со тоа Масен да биде тргнат од позицијата шеф на разузнавачката служба, но да добие унапредување во Министерството за внатрешни работи, тоа во нејзината партија, но и кај граѓаните, предизвика вџашеност и бран на огорченост.
„Направивме грешка“
За само три дена шефицата на СПД беше под толкав притисок, што мораше дури да стравува и за својата функција, но и за натамошниот опстанок на коалицијата. Налес се одлучи на бегство и во петокот со писмо ги замоли Меркел и Зехофер уште еднаш да расправаат за случајот Масен. „Направивме грешка“, изјави таа. За оваа политичарка тоа е навистина невообичаена формулација.
Дали сега грешката е поправена, останува да се види. Денеска Налес треба прво да им го „продаде“ компромисното решение на претседателството на СПД и на 45-членото партиско раководство, а попладнево и на пратеничката група на социјалдемократите.
Таму противниците на несаканата голема каолиција веќе имаат заземено позиција. Пред сѐ левото крило на СПД се обидува да го искористи скандалот за да ја уништи коалицијата.
Новата влада на Меркел
Кои се новите министри во владата на канцеларката Ангела Меркел? Ресорите се поделени, а според аналитичарите, голем победник во распределбата се социјалдемократите кои добија сѐ што бараа.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Наскоро ќе почне да лета: Хајко Мас
За него тоа е напредок: Хајко Мас (51, СПД) од министерството за правда се префрла во дипломатијата. Како министер за правда, Мас предизвика многу дебати, но и критики, со законот против омразата на интернет. Во Аусвертигес Амт може да си ја поврати популарноста- а некои веќе го гледаат како можен кандидат на СПД за канцелар.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld
Новиот со мантрата на стариот: без долгови
Олаф Шолц (59, СПД) не размислуваше многу дали ја прифати понудата да биде министер за финансии, ниту пак дали да го продолжи мотото на претходникот Волфганг Шојбле. И досегашниот градоначалник на Хамбург сака да ја осигура „црната нула“, и да не создава нови долгови. Тоа е наведено и во коалицискиот договор, но не им се допаѓа на сите во СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Sabrowsky
Социјалата за Хубертус Хајл
Поранешниот генерален секретар на СПД Хубертис Хајл, 45, ќе биде нов министер за труд и социјала. Со тоа тој добива едно огромно министерство, кое има буџет од преку 100 милијарди евра, и со тоа е сектор со убедливо најмногу трошоци
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Млада и надежна
И без силна поддршка во парламентарната група може да се стигне далеку: Франциска Гифи (39, СПД), досегашна градоначалничка на берлинската населба Нојколн, ќе биде министерка за семејства. Гифи важи за приврзаник на редот и поредокот. На тој начин успеа да ја доведе во ред и проблематичната населба Нојколн. Важи за конзервативка.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Ново искуство за Шулце
Таа има министерско искуство, но на покраинско ниво. Во Северна-Рајна Вестфалија Свења Шулце (49, СПД) до 2017 година го предводеше министерството за развој. Сега ќе ја наследи Барбара Хендрикс во министерството за животна средина.
Фотографија: BMwF/Ina Fassbender
„Универзалното оружје“ на СПД во секторот правда
Катарина Барли (49, СПД), е актуелна министерка за семејства, а во иднина ќе раководи со правда. Ресорот го презема од партискиот колега Хајко Мас. Во последниот период Барли се залагаше за зајакнување на правата на жените. Нејзиниот став беше дека е потребна полова рамноправност во сите министерства.
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld
Човекот за сѐ на Меркел
Долги години Ангела Меркел можеше да се потпре на својот човек од доверба Петер Алтмајер (59, ЦДУ) како шеф на нејзиниот кабинет. Сега тој го презема министерството за економија и енергија. Откако го загубија министерството за финансии, овој ресор е извонредно значаен за бизнис-крилото во ЦДУ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Блиску до канцеларката
И Хелге Браун (45, ЦДУ) е еден од оние кои важат за луѓе од доверба на Меркел. Досега беше државен министер кај канцеларката, а во иднина ќе биде шеф на нејзиниот кабинет како наследник на Петер Алтмајер. По професија медицинско лице, тој ќе треба да води сметка дека на Меркел сѐ и оди како подмачкано.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Бундесверот продолжува како и досега
Урсула фон дер Лајен (59, ЦДУ) се најде под голем притисок поради лошата вооруженост и подготвеност на трупите. Таа важи за една од најблиските соработнички на Меркел, а многумина веруваат дека се подготвува за генерален секретар на НАТО. Со оглед дека таа функција ќе се испразни дури за две години, најмалку уште толку ќе остане министер за одбрана.
Јулија Клокнер (45, ЦДУ) доаѓа од Рајнланд Фалц, од германскиот југозапад, покраина позната по земјоделството и производството на вино. Таа е долго присутна во Берлин и блиска до канцеларката. Во новата влада ќе го предводи министерството за земјоделство, каде две години беше парламентарна државна секретарка.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G.Fischer
Млад, критичен и горделив
Јенс Шпан (37, ЦДУ) ќе биде министер за здравство. Тој доаѓа од силната покраинска организација на Северна Рајна Вестфалија и важи за критичар на Меркел. Во странските медиуми веќе го гледаат и како можен наследник на канцеларката.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler
Џокерот на Меркел
Со Ања Карлишек (46, ЦДУ) Меркел именуваше министерка за образование, со убедливо најмало искуство. Дипломираната продавачка во септември, по вторпат едноподруго беше избрана за пратеничка, а од јануари 2017 година е координатор на пратеничката група на ЦДУ во парламентот.
Фотографија: imago/M. Popow
Жената задолжена за култура и медиуми
Традиционално германската влада нема министерство за култура, а за овој ресор се грижи министерката за култура во кабинетот на канцеларката. Ополномоштеничка за култура и медиуми досега беше Моника Гритерс (56, ЦДУ), а тоа така ќе остане и во иднина. Гритерс во културата гледа „мост за изградба на разнолико општество“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Нов дом за шефот на ЦСУ
Хорст Зехофер (68, ЦСУ), од 2008 досега беше премиер на Баварија, а во иднина ќе го предводи министерството за внатрешни работи. Тврд застапник за воведување горна граница за прием на бегалците, Зехофер ќе има далеку поголеми овластувања од неговиот претходник Томас де Мезиер.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Balk
Враќање во министерството за сообраќај
Андреас Шојер (43, ЦСУ) досега беше генерален секретар на неговата партија. Но, тој веќе има искуство во сојузната политика. До 2013 година беше парламентарен државен секретар во министерството за сообраќај, а сега го презема целото министерство кон кое се приклучува и ресорот дигитален развој.
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/S. Babbar
Герд Милер останува
Ниту еден друг министер освен министерот за надворешни работи не патува толку многу како министерот за развој. Герд Милер (62, ЦСУ), и понатаму ќе го минува времето во посета на различните култури и климатски зони ширум светот. Битка против причините за иселување преку развојна помош, останува негова главна задача.
Фотографија: picture alliance/dpa/H. Hans
Диригентот: Меркел IV
Повеќе од пет месеци мораше Ангела Меркел (63, ЦДУ) да чека, но сега е веќе сигурно дека по четврти пат ќе ја предводи владата. Доколку сѐ оди според планот, со тоа ќе го израмни рекордот на нејзиниот политички ментор Хелмут Кол.