1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Големата сликарка Маријане фон Верефкин

9 ноември 2020

Таа е навистина парадоксална личност. Се чини дека Маријане фон Верефкин стои над сите конвенции. Тоа и‘ го дозволува длабоката посветеност на творештвото, но и финансиската сигурност. Пишува Кица Колбе.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Нејзиниот живот е добра подлошка за роман за руската баронеса која станала една од најинтересните сликарки  во дваесеттиот век. Маријане фон Верефкин  (на руски, Маријана Верјовкина) е родена 1860-тата во благородничко семејство. Мајка и‘, Елисавета Дараган, од лозата на кавкаски кнезови,  го учела иконописот кај познати иконописци. Татко и‘, благородник од Москва,  бил командант на Петропавловската тврдина со Санкт Петербург. Од четиринаесеттата година Маријане фон Верефкин учи да слика во познати уметнички школи. Додека од 1883-тата студира  сликарство во Москва, го слуша и религиозниот филозоф Владимир Соловјов. Рано станува прочуена по сестраното образование и  литературната култура. По 1885-тата, во Санкт Петерсбург, таа е во  класата на  славниот Иља Рјепин, кој ја нарекува  „руски Рембрант“. Кај Рјепин богатата баронеса го сретнала пет години помладиот сиромав благородник Алексеј Јавленски. И оваа констелација е класичен литературен мотив. Меѓутоа, литературата може само да трага  зошто надарената и богата млада жена  си дава задача да го подучува и поддржува Јавленски во сликарството и во животот.

Маријане фон ВерефкинФотографија: AWARE Women Artists Femmes

Таа е навистина парадоксална личност. Се чини дека стои над сите конвенции. Тоа и‘ го дозволува длабоката посветеност на творештвото, но и финансиската сигурност. Парадоксална е и триесетгодишната  врска со Фон Јавленски. Во своите дневници таа ја опишува  како платонска љубов, како творечко партнерство. Таа побарала од Јавленски да живеат како брат и сестра. Да спијат еден крај друг во целосна девственост. А меѓу нив  да лежи само нивното чедо– сликарството. Наивно верувала дека фон Јавленски, познат по љубовните афери, со неа станал монах. Затоа што сметала дека  и тој е предаден со сета душа само на сликарството.

Уште во  раскошниот дом на Верефкини во Петропавловската тврдина во Санкт Петерсбург, таа ги собирала околу себе младите сликари. Затоа што течно говорела многу европски јазици и ги нарачувала сите  списанија за уметноста од  Западот, со самопрегор им ги пренесувала новите сознанија на другарите во академијата. Сите имале само еден копнеж! Да заминат таму, каде што се одигрувала модерната уметноста - во  Париз. На пат дотаму, тие најнапред заминуваат 1896-тата во Минхен, кој во тоа време е центарот на  ликовната сцена. 

Други колумни од авторката:

-Бугарскиот страв од македонско малцинство

-Аушвиц, „граѓанското студенило“ и Бугарија

-Габриеле Минтер и Василиј Кандински

Маријане фон Верефкин  оди во Минхен заедно со Јавленски,  придружена од  својата малолетна слугинка Елена. Во најбогатиот кварт Швабинг, баронесата изнајмува цел кат. Таму настанува центарот на уметничкиот живот во Минхен. Како и други прочуени благороднички, но и богати умни жени на тоа време, како Гертруд Штајн во Париз, Маријане фон Верефкин одржува во својот стан интелектуелен салон.

Дело на Маријане фон ВерефкинФотографија: AWARE Women Artists Femmes

Уште во Русија, кога  почнува да работи заедно со Јавленски, Маријане фон Верефкин ја одликува слободарски творечки дух, за кој сведочи автопортетот во кој се насликала себеси со  четките в раце, со морнарска блуза, повеќе типична за мажите. Автопортетот  го изразува  нејзиното ликовно кредо: „јас не сум ниту маж, ниту жена, јас сум јас!“ Чудно е зошто  самосвесната сликарка во Минхен престанува десет години да слика. И се одлучува  својата визија за модерното сликарство да ја стави целосно во полза на ликовната кариера на Алексеј фон Јавленскиј. Затоа  што силната жена одеднаш се уверила  дека во уметничкиот свет  на мажите, на крајот на деветнаесеттиот век,  „понежниот пол“ немал шанса. Бидејќи не можела да ја потисне и својата визионерска дарба, својот неверојатно  богат духовен живот, таа  станала фокусот на  интелектуалните дискусии во Минхен.Таа ги давала значајните импулси во потрагата по нов ликовен израз. Еден германски критичар ја нарекува „двигател на апстракцијата“. Таа  ги проучувала ликовните правци во Франција и им ги пренесувала своите сознанија на другите сликари во Минхен. А  тие не биле кои било, туку подоцнежните славни имиња! Во нејзиниот салон постојани гости биле Василиј Кандински и Габриеле Минтер, Франц Марк, Алфред Кубин, Паул Кле, Аугуст Маке, Арнолд Шенберг  и др. Таа во Минхен е дел од уметничката група „Ново уметничко здружение“ (“Neue Künstlervereinigung"), но и од прочуената „Der Blaue Reiter“. Притоа учествува на сите нивни изложби со свои дела.

Дело на Маријане фон ВерефкинФотографија: VG Bild-Kunst, Bonn 2018

Чудно е како можела, при таква визионерска дарба, токму  на европскиот Запад  да престане да слика десет години,  уверувајќи се  дека  својата ликовна визија  може подобро да ја оствари помагајќи му на Јавленски. Кога 1902.-та нејзината шеснаесетгодишната слугинка Елена останува бремена од Јавленски, таа сознава дека тој не живеел ниту како монах, ниту само за сликарството. Сепак, аранжира Елена да се породи во Русија и да се врати, со детето и сестрата, една година подоцна во Минхен. До 1922-тата, кога Јавленски ја напуштил  и  се оженил со Елена, Маријане фон Верефкин живеела заедно со нив. Аферата со малолетната  Елена, пред околниот свет ја криеле прогласувајќи го детето  за  внук на Јавленски.Наспроти  еманципираноста во сликарството, таа ги прикривала  слабостите на Јавленски. Во летото 1908-тата заминуваат во гратчето Мурнау, каде  им се придружуваат и Василиј Кандински и Габриеле Минтер. Таму  Маријане фон Верефкин се враќа на сликарството. Во Минхен Јавленски и Верефкин стануваат блиски пријатели со брачниот пар Лили и Паул Кле. Тоа пријателство ќе остане длабоко се‘ до крајот на нејзиниот живот. Кога 1914-тата започнува Првата светска војна, а Русите стануваат непожелни во Германија, фон Верефкин емигрира, заедно со Јавленски, Елена и синот Андреас, во Швајцарија. Бидејќи го напуштиле Минхен преку ноќ, за станот на Фон Верефкин се грижеле Паул Кле и неговата сопруга Лили, познатата пијанистка.

Автопортрет на Маријане фон ВерефкинФотографија: Public domain

По женидбата  со слугинката Елена, Јавленски  се враќа во Германија. Маријане фон Верефкин останува во Аскона, на  Лаго Маџоре. Таму  умира 1938-та. Осамена, оставена и разочарана од човекот и уметникот кому му го посвети сиот живот. Нејзината судбина како уметница не е различна од онаа на Габриеле Минтер. Ниту пак однесувањето  кон неа на Фон Јавленски е поинакво од тоа на Кандински кон Габриеле Минтер. И Габриеле Минтер потекнувала од богато германско семејство.И таа го поддржувала не само творечки, туку и  фнансиски заедничкиот живот со Кандински, како што тоа многу  широкоградо го чинела и фон Верефкин за Јавленски. И Кандински, како и Јавленски, по долг заеднички љубовен и творечки живот,  се одлучил да  ја остави Минтер и да се ожени со  дваесет години помладата Нина Кандински.  Модерноста во уметноста, за Кандински и Јавленски уште не значела и еманципација од патријархалната слика за улогата на мажот и на жената. Големите мажи-сликари често не поднесувале крај себе силни жени. Такви како Габриеле Минтер или Маријане фон Верефкин, такви како сликарките во Баухаус. Меѓутоа уметноста може само тогаш да ја изрази својата целина, кога творештвото  нема повеќе да биде затворено во  стереотипите за  тоа што можат мажите, а не можат жените. Маријане фон Верефкин го имала одговорот уште во младоста. „Јас не сум ниту маж, ниту жена, јас сум јас", велела таа. Тоа е позицијата на творецот – тој мора да може да гледа и низ окото на мажот и низ окото на жената. Тоа што нивните очи истиот предмет ќе го видат различно е  вистинското богатство во уметноста. Делата на Маријане фон Верефкин денес може да се видат во многу музеи, но најголемиот дел од нив е во „Фондацијата  Маријане  вон Верефкин“ во Аскона.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми