Голема излезност и неизвесност до последен момент
Екстремно тесна трка за победник на предвремените парламентарни избори на 11. декември во Македонија. Победа славеа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ повторно победи во албанскиот блок, во кој меѓутоа влез во парламентот обезбедуваат уште три партии. Изборите минаа во мирна атмосфера но повторно беа регистрирани бројни нерегуларности
Голема излезност и неизвесност до последен момент
Предвремените парламентарни избори го донесоа веројатно најтесниот изборен исход во историјата на независна Македонија
Две победнички славја
Синоќа не само во Скопје туку и во многу други градови во Македонија изборната победа на улиците ја прославуваа и приврзениците на опозицијата и на власта. Во главниот град, симпатизерите на коалицихата околу СДСМ се собраа пред зградата на владата, додека оние на ВМРО-ДПМНЕ славеа пред седиштето на партијата во центарот на градот.
Неизвесно до последен момент
Нецелосните резултати на ДИК, упатуваат на тесна трка и минимална предност од околу 16 илјади гласови за ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ. Но главното прашање кое треба да го одговори ДИК е која од коалициите ќе освои повеќе пратенички места.
10-та изборна победа по ред
Половина час по полноќ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им се обрати на приврзениците во партиската централа во центарот на Скопје објавувајќи победа на неговата партија на изборите. Никола Груевски истакна дека победата имала посебна тежина и важност затоа што „СДСМ не бил единствен противник“.
Падна режимот
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев неколку часа претходно победа објави пред приврзениците на опозицијата собрани пред зградата на македонската влада. Падна режим со пенкало, со глас. Победи животот“, рече Заев пред приврзаниците најавувајќи дека коалицијата предводена од СДСМ би требало да има најмалку еден пратенички мандат повеќе од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Победа која не може да се слави
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во обраќањето по објавувањето на неконечните резултати од изборите не го криеше незадоволството од исходот, ДУИ повторно оствари победа во албанскиот блок но за Ахмети таа е „пирова“ бидејќи неговата партија ќе добие значително помалку мандати и оти као што рече Албанците генерални загубија мандати поради парцијализацијата во мали партии.
Турбуленции во албанскиот блок
Парцијализацијата за која во своето обраќање говореше лидерот на ДУИ во бројки изгледа вака: ДУИ острави „Пирова победа“ со драматично намалена доверба кај гласачите (86.812), а секогаш „втората“ ДПА сега е четврта (31.017), зад движењето „Беса“ (57.927) и зад Алијансата за Албанците (35.091). Значителен број гласови од албанскиот електрорат освоил и СДСМ, велат проценките.
Голема излезност
На голем број изборни места во Македонија во текот на целиот ден граѓаните во долги редици чекаа да го дадат својот глас. Државната изборна комисија регистрираше голема излезност од 66,88 проценти.
Без инциденти но со бројни нерегуларности
Партиите во првичните оценки за изборниот процес ја поздравија огромната излезност, но додека ВМРО-ДПМНЕ говореше за доказ за мирна, фер и демократска атмосфера, СДСМ критикуваше дека некои стари навики на власта за манипулации на изборниот процес останале. Набљудувачите упатија на голем број случаи на изборни нерегуларности.