1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема македонско-германска ракометна пресметка

Златко Калински18 април 2014

Металург и Вардар наспроти Кил и Фленсбург! Утре (19.04) започнува македонско-германскиот ракометен двобој со крајна цел - пласман на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Германските гиганти се испречени пред македонските ракометни перјаници, на патот до посакуваните европски височини. Реално ли е да се очекува да се прескокнат високите германски бариери? Какви се шансите барем еден од двата македонски тима да стане дел од завршниот ракометен фестивал во Келн? Со ракометна еуфорија деновиве одново е обземена македонската спортска јавност.

Кога нештата би се поклопиле...

Први во рингот утре во Скопје влегуваат Металург и Кил. Колку е голем Кил во очите на тренерот на Металург Лино Червар? Тој вели:

„Треба ли посебно да се претставува тимот кој три пати бил европски првак, со исто толку триумфи во Купот на ЕХФ, со 12 шампионски ѕвездички во Германија и со многу квалитетни и скапи играчи во своите редови? На пример, во поставата на Кил со која ги започнува натпреварите нема ниту еден германски играч! Тоа е своевидна ‘светска‘ селекција, исклучително моќен противник. Но како тренер морам позитивно да размислувам. Сме се бореле против секого, во ‘Борис Трајковски‘ сме победувале екипи од рангот на Кил, се надевам дека така ќе биде и утре.“

Од натпреварот Металург-КолдингФотографија: picture-alliance/dpa

Ренато Вугринец кој доживува втора ракометна младост во дресот на Металург и со 85 голови е најдобар стрелец во Лигата на шампионите, со возбуда зборува за претстојниот натпревар:

„Најважно од се‘ е што е ова уште еден голем ракометен празник и за Скопје и за Македонија. Доаѓа Кил, еден фантастичен тим. Со пласманот во четвртфиналето ја остваривме првата наша цел и сега растоварено влегуваме во овој дуел, во кој нема што да загубиме, а можеме многу да добиеме. Мотивирани сме, останува пред нашата феноменална публика да дадеме се‘ од себе. Кил игра многу брз ракомет, има супер играчи, фаворити се. Не велам дека не можеме да ги победиме, но треба многу нешта да се поклопат. Лично, би бил многу задоволен ако славиме, макар и со еден гол разлика.“

Шансите на Вардар поголеми?

Кога ќе се игра натпреварот меѓу Металург и Кил, ракометарите на Вардар ќе бидат на пат за Фленсбург. Тоа ќе е ново враќање на крајниот север на Германија по неодамнешното патешествие на мегдан со Хамбург во осминафиналето. Искуствата од сензационалната победа над европскиот шампион се драгоцени, но тешко е да се компарираат Хамбург и Фленсбург, вели капитенот на Вардар Филип Лазаров:

Од натпреварот Варадр-ХамбургФотографија: Joern Pollex/Bongarts/Getty Images

„И Хамбург и Фленсбург во моментов и‘ припаѓаат на големата германска ракометна четворка. Хамбург има повеќе ѕвезди во тимот, а Фленсбург такви звучни имиња нема, но го краси силен тимски дух. Имаат гранитна одбрана на чело со најдобриот голман во Бундеслигата во последните неколку години, Андерсон. Ќе се обидеме да прикажеме игра на нивото од Хамбург. Многу е важен резултатот од првиот натпревар. Ако останеме непоразени или се вратиме со мала негатива, мислам дека во Скопје ќе имаме добри шанси да направиме подвиг и да отпатуваме и на турнирот во Келн.“

Моќниот пивотмен на Вардар, Стојанче Стоилов, кој поради повреда деновиве не тренира, смета дека „црвено-црните“ се пред историски предизвик:

„Ова се можеби најважните мечеви во историјата на Вардар. Мораме да ја искористиме нашата добра форма. Победивме во СЕХА лигата, го освоивме првиот трофеј во сезоната, но Лигата на шампионите е нешто посебно. Што се однесува до Фленсбург, мислам дека играчки е послаб од Хамбург. Психолошки потежок е моментот, фактот дека е ова последната бариера која што не‘ дели од историскиот успех. Сепак, верувам во конечна победа на Вардар.“

Давиди против Голијати

Лино ЧерварФотографија: Agentur MIA

Вака за Дојче Веле зборуваат актерите во пресрет на големата македонско-германска ракометна пресметка, а на свој оригинален начин суштинската реалност ја опишува Лино Червар:

„Мораме да бидеме објективни, од аспект на големината на двете земји и силата на ракометот во нив се работи за судир на два Голијати, кои сакаат да ги соборат или подобро да ги ‘изедат‘ двајцата Давиди! Но, на нас е да бидеме умни, мудри, упорни и да се обидеме на тој начин да го совладаме Голијат, бидејќи не можеме да влеземе во отворена битка со нив. Тие се пресилни, што не значи дека на крај ќе бидат и победници!“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми