Голема нервоза во Вашингтон поради Викиликс
26 ноември 2010Во Вашингтон владее голема нервоза, бидејќи американската влада од денеска натаму во секој момент смета на ново објавување на околу 100 илјади интерни документи од страна на онлјан- сајтот Викиликс. Овојпат наводно станува збор за документи од околу 300 американски амбасади и други дипломатски претставништва во светот, но пред се’ од Европа. Владата на претседателот Барак Обама стравува дека ќе бидат објавени тајни записи на американските дипломати на пример за информациите што под печатот на тајност им ги довериле на пример врвните европски политичари.
Вашингтон стравува од протерување на американски дипломати
„Неодговорно“ , уште сега критикуваат претставниците на американската влада. Тие стравуваат дека објавувањето на документите кое го најави Викиликс би можело да доведе до сериозни тензии меѓу Вашингтон и неговите сојузници. Покрај тоа во Стјет Департментот постојат стравувања дека американски дипломати би можеле да бидат протерани и оти би можеле да бидат разоткриени соработниците на тајната служба ЦИА и на воените разузнувачки служби стационирани во амбасадите. Според информациите на телевизијата СиЕнЕн, соработниците на шефот на американската дипломатија Хилари Клинтон побарале од амбасадите во целиот свет нивната целокупна електронска комуникација меѓу 2006 и 2009 година, која содржи чувствителни и контроверзни информации итно да биде испратена во Вашингтон, со цел американската влада да го претрка Викиликс и самата да може за тоа да ги информира странските влади. Стејт Департментот стравува дека во рацете на Викиликс завршиле и американски досиеја за затвореници во Гвантанамо.
Малин: Викиликс го загрозува животот на Американците
Стравувањата имаат една сосема конретна основа, бидејќи веќе шест месеци американските експерти во една воена база во сојузната држава Вирџинија го сослушуваат човекот за кој веруваат дека е најважниот доушник на Викиликс- поранешниот ИТ експерт на американската армија Бредли Менинг. Од ова сослушување владата на Обама знае што Викиликс има во рацете за Пентагон и Стејт Департментот: „Викиликс го загрозува животот на Американците и им дава на противниците важни информации“, предупреди при последното објавување на американски тајни документи, првиот човек на вооружените сили на САД, Мајк Малин.
Според информациите на Пентагон интерни документи кои треба да бидат објавени на Викиликс ќе можат да бидат прочитани не само на интернет, туку и во преработена форма и во германскиот политички магазин „Шпигел“ како и американскиот „Њујорк Тајмс“ и британскиот весник „Гардијан“. Овие три медиуми веќе соработуваа со Викиликс, кога овој интернет сајт во јули објави 400 илјади протоколи од бојното поле во Ирак на американските војници.
Автор: Ралф Зина/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска