1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема приказна за Западен Балкан и ЕУ

Марина Максимовиќ
1 јануари 2018

ЕУ очекува 2018-та да биде клучна година во која земјите од Западен Балкан ќе направат чекори кои неповратно ќе ги приближат до европското семејство. Очекувањата се големи, но какви се реалните можности?

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

2017-та година заврши во знак на големо очекување. Пораките на обновен интерес и поддршка на европскиот пат на Западниот Балкан стигнуваа во текот на целата измината година. Во март Европскиот совет најави враќање на проширувањето во фокусот на ЕУ. Шефицата на ЕУ-дипломатијата, Федерика Могерини, во јуни 2017. покрај одбраната и безбедноста на Унијата како свој „втор приоритет“ го постави напредувањето на Западен Балкан на патот на евроинтеграциите. Кулминација на „големата приказна“ за проширувањето беше поставувањето временска одредница од страна на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, кој во септември најави Стратегија за успешно пристапување на Србија и Црна Гора до 2025 година.

Повеќе:

Јункер и проширувањето на ЕУ: Игра на членства на Балканот

Годинава која тукушто почнува е „многу важна за регионот“, гласи официјалниот став на Европската Комисија. Се додава и дека „ЕУ го зголеми својот ангажман со Западен Балкан, со сите партнери во регионот. Во таа смисла се очекува и посилен ангажман од страна на тие партнери во сферата на реформите.“

Ваквите пораки од Брисел се доживуваат како позитивен сигнал и промена на, со децении, монотониот тон во процесот на евроинтеграции. „Тоа што сега ЕК најави нова стратегија и потенцијална временска рамка за пристапување на најнапредните земји кандидати и тоа што земјите членки, кои во наредниот период ќе претседаваат со Советот на ЕУ, ја фаворизираат темата проширување - сето тоа е добра промена на тонот која може да придонесе за зголемени реформски напори во регионот и тоа како во општеството, така и на политичко ниво“, оценува за ДВ Корина Стратулат од Центарот за европска политика во Брисел.

Шефот на ЕК, Жан-Клод Јункер, во септември најави Стратегија за успешно пристапување на Србија и Црна Гора до 2025 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/J.F. Badias

Големи очекувања и можни разочарувања

Во Брисел веќе постои распоред за 2018 година посветен на Западниот Балкан. Веќе на почетокот на февруари ЕК излегува со Стратегија за проширувањето. Иако од претседателот Јункер е најавена како Стратегија за „пристапување на Србија и Црна Гора од 2015“, Стратегијата ќе ги опфати сите шест западнобалкански партнери кои се наоѓаат во процес на евроинтеграции. Неофицијално, Комисијата во тој документ ја предвидува 2025-та како година на можно пристапување на Србија и на Црна Гора кон ЕУ, кандидатски статус за БиХ до крајот на 2019 година и „замав во преговорите за членство“ на Албанија и Македонија, доколку Тирана спроведе пет реформски приоритети, а Скопје го реши проблемот за името со Грција.

Повеќе:

Јункер очекува проширување на ЕУ

Европските претставници нагласуваат дека тоа е патот по кој земјите од Западен Балкан би направиле неповратни чекори на патот кон приближување до Унијата. Познавачите на балканските прилики велат дека „неповратните чекори“ на западнобалканската шесторка се однесуваат првенствено на демократијата, владеењето на правото и отворените билатерални прашања, вклучувајќи го и прашањето на државноста.

Во Центарот за европска политика (ЕПЦ) велат дека кога се зборува за плановите на ЕУ-политиката за проширување, мора да се земат предвид две работи: прво, дека на нејзе не влијаат само намерите на ЕК кои ќе се најдат во Стратегијата, туку дека и самите земји членки се тие кои можат во секој момент да го забрзаат или забават процесот на евроинтеграција на регионот во зависност од непредвидени надворешни и внатрешни околности. Втора работа на која предупредуваат аналитичарите е фактот дека давањето на временска рамка може да послужи како поттик, но да биде и контрапродуктивно во случај на погрешна проценка на времето потребно за спроведување на одделни компликувани реформи на Балканот.

Демократијата, владеењето на правото и отворените билатерални прашања се сферите каде Западниот Балкан мора да забележи напредокФотографија: DW

Каде е регионот и како натаму?

И додека Брисел сѐ уште ја одмерува својата Стратегија, земјите од регионот, секоја за себе, веќе има свои планови и позиции.

Црна Гора, како убедлив лидер во процесот на пристапни преговори, смета дека со 30 отворени преговарачки поглавја од вкупно 35, е на добар пат. 

Србија, која 2017 година ја заврши со 12 отворени поглавја во своите пристапни преговори, е задоволна, но и разочарана од темпото со кое ЕУ ги отвора поглавјата со Белград, кој во 2018 година влегува со мотото „мора и може побргу“.

Скопје смета дека „Македонија е најдобра успешна приказна во 2017 година“, со очекување дека и ЕУ тоа ќе го препознае и дека ќе ѝ даде на Македонија отворање пристапни преговори во првата половина од 2018 година.

Повеќе:

Грција ќе загуби ако чека предолго во спорот за името

Заев за ДВ: Сите мора да дадеме свој придонес за реформите!

Могерини со порака: Забрзајте ги клучните реформи!

Истовремено, албанскиот премиер Еди Рама не штеди зборови на критика на сметка на ЕУ и вели дека не очекува промена во политиката на проширување во наредниот период. „Не е проблем што Европа вели, туку што прави. Во нашиот случај е целосно нефер, затоа што ние сме НАТО-држава, а Цра Гора само што влезе во НАТО. Освен тоа, во двете одлучувачки поглавја, 23 и 24, сме далеку пред Црна Гора. И Србија допрва мора да спроведува реформи кои ние веќе ги имаме спроведено. Фантастично е што Србија и Црна Гора веќе преговараат. Нефер е што ние не преговараме. Со ЕУ никогаш не се знае, зашто кај нив постојано се менуваат позициите и условите“, порача Рама на крајот на годината во Брисел.

Босна и Херцеговина ја дочека 2018 година со уште едно неисполнето ветување - дека одговорите на Прашалникот неопходен за кандидатски статус ќе му ги достави на Брисел до крајот на 2017 година. И покрај усвојувањтео на Законот за акцизи, БиХ е предупредена од страна на ЕУ дека застојот во евроинтеграциите на земјата лесно може да продолжи и во 2018 година.

Предупредување од Брисел стигна и во Приштина, како заради доцнењето во демаркацијата со Црна Гора, така и поради состојбата во парламентот по повод иницијативата за укинување на Законот за специјален суд.

Имајќи ја предвид ваквата „шаренолика“ ситуација во регионот, прашање е што реално може да се очекува од Западниот Балкан во годината што почнува. Европските експерти нагласуваат дека покрај позитивните тонови и големите очекувања од 2018 година и иднината на политиката на проширувањето, треба да се биде претпазлив за да не се случи „големата приказна“ да не се спроведе во конкретни дела и да не се направи дополнителна штета која на ЕУ, регионот и на проширувањето сега им е најмалку потребна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми