1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи демонстрации за независност на Каталонија

Јулија Махер
11 септември 2017

На Шпанија ѝ претстои бурна есен. Стотици илјади Каталонци денеска ќе демонстрираат за одржување референдум за независност. Шпанската влада се обидува со сите средства да го спречи отцепувањето.

Spanien - Unabhängigkeitsreferendum für Katalonien
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Barrena

Активистите на најголемата каталонска платформа за независност, Асамблеа Насионал Каталана (Assemblea Nacional Catalan), имаат полни раце работа. На сите страни продаваат маици и шарени беџови со натпис „Си“ (Да): реквизити за денешните големи демонстрации на денот на каталонскиот национален празник, Диада. Од 2012, секоја година стотици илјади граѓани демонстрираат за независна држава. Учесниците денеска се собираат на двете централни улици во Барселона кои се вкрстуваат и така го симболизираат големиот изборен знак „Х“.  

Годинешните демонстрации се целосно во знак на планираниот референдум. Североисточната област на Шпанија на 1. октомври сака да се изјасни за своја независност на референдум,  кого шпанскиот Уставен суд во забрзана постапка го оцени за нелегален.

Без оглед на жестокото противење на опозицијата и на шпанската влада, каталонскиот парламент во средата го усвои законот кој го отвори патот за одржување на референдум. „Тоа беше голем момент“, вели Жауме Ангери, поддржувач на независноста. „Ни претстојат големи промени, ја трасираме новата насока на нашата иднина.“ Политичарите се во служба на народот, треба да ја почитуваат неговата волја, додава тој.

Илјадници луѓе доброволно се ангажираат во подготовка на референдумот за независност Фотографија: DW/J. Macher

Остри реакции од Мадрид

Меѓу заговорниците на референдумот владее добро расположение, и покрај кризата во земјата, предизвикана од дебатата околу независноста, и покрај последиците кои им се закануваат на политички неодговорните. Шпанското државно обвинителство, со помош на полицијата, се обидува да ги спречи подготовките за референдумот и се заканува со тужби поради непослушност, злоупотреба на службената положба и трошење јавни средства. За тоа во Шпанија се предвидени казни. Сепак, каталонската влада не отстапува.

„На цунамито од тужби и судски процеси, ќе одговориме со цунами од демократија“, изјави каталонскиот премиер Карлос Пуџдемон по тешките зборови кои стигнаа од Мадрид.

Во добростоечкиот североисточен дел на Шпанија веќе со години јакне движењето за независност. Покрај надежта дека регионот ќе биде поуспешен доколку неговите пари не би заминувале во посиромашните делови на Шпанија, голема улога играат и емоционалните причини: многу Каталонци негодуваат поради недоволното уважување на нивната култура и јазик. Сепаратистите сметаат дека политички Мадрид нема доволно разбирање за нив и не ги сфаќа доволно сериозно.

Каталонскиот парламент донесе закон кој овозможува одржување референдум за независностФотографија: picture-alliance/Zumapress.com/J. Boixareu

Цивилен отпор

На каталонската телевизија постојано се емитуваат спотови кои агитираат за референдумот. Подготовките продолжуваат. За 24 часа, колку што поминаа од усвојувањето на законот до неговата суспензија од страна на Уставниот суд, се пријавиле околу 16.000 доброволци. Каталонскиот премиер доби понудена поддршка од 560 општини, кои ја истакнаа својата подготвеност за подготовка и спроведување на референдумот, иако поради тоа може да следи кривично гонење.

„Речиси невозможно е на 1. октомври да се спречи отворањето на гласачките места и поставување гласачки кутии“, оценува правникот Хавиер Арбос. „Шпанските безбедносни сили во таков случај на денот на референдумот би морале да го спречат пристапот кон гласачките места и да ги конфискуваат гласачките кутии. Сликата која на таков начин би го обиколила светот, би била многу грда, што Шпанија секако настојува да го избегне“, верува Арбос. Меѓутоа, тој и други правници се сомневаат во правната издржаност на референдумот.

Сомнителна правна основа

Референдумот се повикува на правото на народот на самоопределување. Според востановената пракса, тоа се однесува исклучиво на бившите колонии, односно на луѓе кои се потчинети поради етничка припадност. Во вид на еднострано гласање надвор од правните рамки, овој референдум не ги исполнува условите пропишани од Венецијанската комисија. 

Каталонската регионална влада не ја загрижуваат правни проблеми. Таа најавува, во случај референдумот да помине добро, два дена подоцна да прогласи независност. Притоа, свесна е за тежината на меѓународните реакции. Тоа се чувствува и на денешниот каталонски национален празник.

Една жена на градскиот план покажува каде ќе стои денеска со својата пријателка за во центарот на Барселона да се формира голем знак „Х“, симбол на знакот кој ќе биде заокружуван на гласачкото ливче на референдумот. „Мораме да му покажеме на светот дека е ова демократско и мирно движење“, вели таа, поднаместувајќи го шарениот беџ на кој стои „Да“. „Само така можеме да очекуваме поддршка.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми