1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи и мали: хиерархија на бабушките

28 април 2021

Удрен е печат на политиката за негување „мали“ луѓе. Мали, не според физичкиот изглед, туку според моќта да се борат за интегритетот на институциите со кои раководат.

Stojko Paunovski | Direktor der Marktinspektion in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Има една интересна илустрација на успехот, изведена преку примерот со формацијата на шарените дрвени кукли - руските бабушки, кои се подредени според нивната физичка големина. Кога ќе ја отвориш најголемата, во неа се крие помала, во помалата уште помала, и сѐ така - до најмалата.

Оваа хиерархиски подредена формација, често пати се користи како приказ за начинот на кој се стигнува или не се стигнува до успех. Клучното прашање е - со која од овие фигури ќе се идентификува оној што трага по одговорите? Кога некој е премиер, се идентификува со најголемата фигура во формацијата, бидејќи сите други на хиерархиската скала се под него (помали од него). Но, поуката е - дека позицијата на хиерархиската скала сама по себе не води кон успех. Успехот нема да биде можен ако лицето се опкружува со луѓе помали од себе, и во професионална и морална смисла.

Владината одлука да биде разрешен Стојко Пауновски, не е изненадувачка. Неа премиерот ја најави уште неколку дена претходно, а наводната анализа на аргументите од инспекторите кои го поддржаа Пауновски, беше блескав целофан за пакување на веќе донесена одлука. Со тоа и де јуре е удрен печат на политиката за негување „мали“ луѓе. Мали, не според физичкиот изглед, туку според моќта да се борат за интегритетот на институциите со кои раководат. Со оваа непријатна епизода, Владата веќе го востоличи Пауновски во херој, но ја откри и нејзината голема ранливост на тема „критика од своите“. Патем, го откри и начинот за обезбедување коалициски мир во куќата.

Ако Пауновски, според негова изјава, „имал конфликт со шефот на Кабинетот на Груби“, јасно е зошто тоа не можело да се толерира. Голем проблем е да имате вознемирен „шеф на кабинет“, многу поголем отколку да се грижите за јавниот интерес - градење ефикасни институции со вработувања според мерит- системот, а не според системот „што е важно дали има соодветно образование, ќе научи, човек е учи додека е жив“.

Така е. И јавноста учи. Учи дека не се вреднува интересот на институцијата. Дека молчењето е злато. Научи и дека Владата има и етички кодекс („Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата"). Го има него подолг период, ама досега не профункционира во многу случаи. На премиерот му се стемни од Пауновски, ама прашање е дали ќе му се раздени од други неетички и непрофесионални однесувања за кои досега, види чудо, не беше утврдено дека го прекршиле Кодексот.

А што пишува во него? Во член 6 стои дека „носителите на извршни функции водат сметка со своето однесување да не наштетат на интересот или угледот на Република Северна Македонија, Владата и институциите со кои раководат односно во чие раководење учествуваат".

Дали интересот и угледот на државата може да се изедначи со интересот и угледот на Владата, и да стои со неа во иста речница? Не. Колку за илустрација: цела деценија носителите на извршни функции максимално се грижеа за угледот на владите предводени од Груевски, ама угледот и интересот на земјата отиде по ѓаволите, и таа заврши со оценка „заробена држава“.

Во членот 8 од Кодексот се вели: „Носителите на извршни функции рационално и навремено ги спроведуваат своите должности и овластувања и разумно ги користат јавните ресурси заради постигнување на целта на функцијата односно должноста која ја вршат, а граѓаните имаат мерливи резултати во однос на вложените средства и труд".

Стојко Пауновски не направи ништо спротивно на ова, бидејќи тој носи одговорност за институцијата со која раководи.

Човекот кој беше повикан „да не води јавна војна преку медиумите“, не водеше никаква војна, туку транспарентно одговараше на прашањата на медиумите, што е во согласност со членот 9 од Кодексот: „Носителите на извршни функции одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста и засегнатите страни за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција".

Од Владата, пак, се повикуваа на член 6 во Кодексот, според кој „носителите на извршни функции слободно и отворено ги изразуваат ставовите во врска со предложените политики, но солидарно ги поддржуваат владините политики и одлуки откако тие ќе се донесат“.

Значи, Пауновски можел да се спротивстaви претходно, но не отпосле. Но, дали директорите биле консултирани за начинот на кој Владата планира да ги распореди платените, но неангажирани вработени? Дали пред да биде донесена одлуката им било предочено на директорите дека ќе добијат и дел кадри несоодветни за кадровските потребите на институциите?

Одговори на овие прашања досега не слушнавме. Важно е дека е одбранет угледот и интересот на Владата од пркос. Дали и државниот?

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми