1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи очекувања од „Мундијалот над Мундијалите“

Андреас Штен-Цимонс / Жана Ацеска11 јуни 2014

Пред почетокот на Мундијалот, домаќинот Бразил е поделен. Покрај радоста пред светскиот турнир има и страв од повторна спортска бламажа на домашен терен. Освен тоа, противниците на Мундијалот најавија протести.

Фотографија: P.Stollarz/AFP/GettyImages

Светското првенство во фудбал во Бразил е пред почеток. На натпреварот на отворањето на стадионот „Итакеро“ во Сао Паоло се очекуваат над 60.000 гледачи, најголем дел од нив се навивачи на домаќинот. Бразилската репрезентација на натпреварот во групата А настапува против Хрватска. Претходно претседателот на ФИФА Јозеф Блатер свечено ќе го отвори Мундијалот, а ќе се соочи веројатно со гласни свиркања, зашто неговата организација има многу критичари во Бразил.

Додека голем дел од навивачите во земјата-домаќин се радуваат на турнирот, на спротивната страна има многу луѓе незадоволни од Мундијалот и неговите високи трошоци. Тие бараат подобрувања во социјалниот систем, повисоки плати и поевтини станови.

„Нема да има Мундијал“, гласи една од паролите на протестното движење. Толку далеку нема да се отиде, но може да се смета на демонстрации и протести, можни се делумни парализирања на автобускиот и железничкиот сообраќај во одделни делови од земјата.

Радосно исчекување и страв кај домаќинот

Бразилската претседателка Дилма Русеф вети најдобар МундијалФотографија: imago/Xinhua

Бразилската претседателка Дилма Русеф прогласи „Мундијал над Мундијалите“. Дали Светското првенство ќе го оправда овој назив, ќе се покаже допрва. Под посебен притисок е бразилската репрезентација. Во Бразил светско првенство се одржа последен пат во 1950. година. Тогаш фудбалските бразилски избраници влегоа самоуверено во финалето и загубија од аутсајдерот Уругвај со 1:2, пораз кој и денес предизвикува болка на бразилската спортска душа.

Симпатизерите сега не очекуваат ништо помалку од светска титула од тимот предводен од суперѕвездата Нојмар. Тоа би бил шести светски успех за Бразилците. Покрај домаќините, за фаворити, и поради климата, важат јужноамериканските селекции. Аргентина притоа полага надежи во својата фудбалска ѕвезда Лионел Меси, Уругвај се потпира на добра офанзива со Едисон Кавани, Диего Форлан и Луис Суарез. Потоа, од Европа доаѓаат светскиот првак Шпанија и вице-шампионот Италија. Тука треба да се додаде и германската екипа, моментно број два на ранг-листата на ФИФА.

Спремни за старт?

Германската фудбалска селекција и тренерот Јоахим Лев се задоволни што при извлекувањето минатиот декември паднаа во групата Г и подоцна стартуваат на турнирот. Така, на повеќемината повредени играчи им остануваат уште неколку дена да стигнат до потребна форма. Покрај капитенот Филип Лам и креаторот на играта од средниот ред Бастијан Швајнштајгер, загриженост предизвикува и здравствената состојба на голманот Мануел Нојер. Тој влече повреда на рамото од играта во финалето во Германскиот фудбалски куп, а на двата тест-натпревари со Камерун и Ерменија отсуствуваше.

Германија на 16.06.2014 игра против Португалија, на 21.06.2014 против Гана и на 26.06.2014 против САД. Во осминафиналето можни противници се Белгија, Русија, Јужна Кореја и Алжир.

„Сите кај нас веруваат во финале, а на нешто друго не сакаме воопшто да мислиме“, изјави Оливер Бирхоф кратко по стигнувањето на германската екипа во сместувалиштето во Бразил. Ако се исполни прогнозата на тимскиот менаџер, германските најдобри фудбалери ќе бидат зафатени до 13 јули, кога на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро ќе се игра финалето на Мундијалот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми