1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големоалбанското страшило

Беќ Цуфај
6 мај 2017

Колебањето на премиерот на Албанија Еди Рама меѓу националистичката реторика и визијата за европски Балкан им е чудно на неупатените. Но нему, може да му се верува повеќе отколку на другите, тврди Беќ Цуфај.

Edi Rama
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Сетете се на годините по Втората светска војна: Конрад Аденауер, Винстон Черчил, Жан Моне, Роберт Шуман... Сите тие државници кои се познати како втемелувачи на ЕУ можеа своите народи во Европа, која беше разорена од нацистите, да ги задојат со старата хушкачка нетрпеливост.

Што ќе се случеше доколку Конрад Аденауер го обвинеше Роберт Шуман дека сонува за Голема Франција? Или Шуман да му вратеше дека во фиока чува стари нацистички планови? Дали ќе постоеше ЕУ? Одговорот на тоа прашање е најдобра поука за балканските политичари.

Еди Рама, Хашим Тачи, Али Ахмети, Александар Вучиќ, Ивица Дачиќ, Милорад Додик, Бакир Изетбеговиќ, Никола Груевски, Зоран Заев, Ѓорге Иванов... дали се тоа основачите на новиот Балкан за кои нивните внуци еден ќе кажат дека биле големи државници кои регионот во претвориле во јужна Скандинавија или Балтик?

Не! Доколку ги споредиме биографиите на европските втемелувачи и на балканските политичари, тогаш е сосема јасно дека во првата група, војната и страдањата, а со тоа и мудроста за бесмисленоста на омразата го ставија својот печат. Балканските политичари сѐ уште се многу млади, но и тие се формирани низ искуството на војната. Значи, би морале да знаат.

Само еден од нив немал никаква допирна точка со војна - Албанецот Еди Рама. Рама е единствениот меѓу нив кој ни во својата уметничка, публицистичка или политичка биографија не користел националистички инструменти за да дојде на власт. Рама не е без причина омилен гостин во Берлин и Брисел. Рама уметникот, Рама кошаркарот, Рама политичарот. Без сите тие дамки, непознаници, чудни и скриени биографски места кои неговите колеги од регионот мораат со себе да ги носат до крајот на животот.
Но, откако стана премиер им скокна во скутот на националните и националистичките теми, за да ја избегне дебатата во земјата за секојдневната политика.

Беќ ЦуфајФотографија: Jürgen Sieckmeyer

Сокривање зад национализмот

Зошто го прави Рама тоа? Затоа што е соочен со своите политички соперници, како што е коалицискиот партнер Илир Мета, со опозицијата предводена од Сали Бериша, но и со сопствените неуспеси во сузбивањето на криминалот, корупцијата и непотизмот, трговијата со канабис, невработеноста... Сето тоа исчезнува како допрено од волшебно стапче благодарение на националистичката реторика.
Тоа Рама го научи од своите колеги и соседи. Денес ќе се степаат Вучиќ и Тачи. Утре се прозиваат Ахмети и Груевски. Задутре Изетбеговиќ ќе го навреди Дачиќ. И така, сите наеднаш, без прекин.

Ќе го наведам примерот за тоа дека Еди Рама обелоденува слични размислувања по принципот „нападот е најдобра одбрана“. Неговите последни изјави за Голема Албанија, веднаш откако во Приштина, главниот град на Косово, беше одбиен неговиот предлог за балканска бесцаринска унија. Таму во некои публикации го обвинија дека ги предал. Владата официјално се изјасни со соопштение дека тој предлог не е во национален интерес на Албанците - поради стравот од доминација на српската трговија.
Разни експерти во ЕУ го критикуваат Рама, официјално и неофицијално, поради неговите изјави за Голема Албанија.

Она што сакам да го кажам е следното: сѐ уште имам повеќе доверба во изјавите на исфрустрираниот Рама (Голема Албанија), прагматичниот Рама (Балканска трговска унија) и разочараниот Рама (политичката криза во Тирана), отколку да поверувам во визиите, ветувањата и плановите на Вучиќ, Тачи, Иванов, Додик...

Нивното минато е полно со дамки кои ме исполнуваат со недоверба кон сѐ што говорат и прават.
Колебањето на Рама меѓу националистичката реторика и визијата на европскиот Балкан им е чудно на неупатените. Фактот дека некој е уметник, а потоа политичар, уште и албански, може да ја поттикне фантазијата, но и зависта. На Рама му се потребни сојузници бидејќи не му е лесно. Понекогаш тој мора добро да се согласува со Србите. Но, Албанците му се најпотребни. Сето тоа мора да се одвива под надзор на Брисел. Европа и онака е сѐ уште предалеку од Балканот.

Политичките наследници на Аденауер и Шуман, едноставно не сакаат да увидат дека политичките појави како Рама денес, или Зоран Ѓинѓиќ претходно, претставуваат директен предизвик за политиката на Вучиќ и Тачи, кои убаво се снајдоа во играта на наизменични закани и дијалог.

Доколку сакаат Балканот да стане нормален дел од Европа, тие мораат многу поумешно да се однесуваат кон таа игра.
 

Писателот и новинар Беќ Цуфај е роден 1970 година во Дечани, Косово и студирал книжевност во Приштина. Објавувал текстови во угледните „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и „Ноје цирхер цајтунг“. Живее во Штутгарт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми