1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем број жртви по земјотресот во Пакистан

8 октомври 2005

Тежок земјотрес утрово погоди делови на Јужна Азија, пред се северот на Пакистан и главниот град Исламабад како и регионот на Кашмир.

Земјотресот во Пакистан
Земјотресот во ПакистанФотографија: AP

Сеуште нема точен број за жртвите и повредените. Се зборува за 400 до преку 1000 жртви, министерот за внатрешни работи Афтаб Ахмед Шерпао потврди дека најверојатно земјотресот однесе голем број животи:

„Нанесена е голема штета, колабираа високо ризичните градби. Започнавме со спасувачките операции. Има луѓе внатре. Се обидуваме да ги извлечеме.“

Две згради во центарот на пакистанскиот главен град Исламабад целосно се урнати од земјотресот, спасувачките екипи и натаму бараат преживеани. Од северот на Пакистан се јавува и за други материјални штети. Во источно пакистанската метропола Лахоре исто така се дојде до уривање и оштетување на објекти, а се јавува и за голем број повредени. Планинскиот регион на северот на земјата беше погоден и со лизгаење на земјиштето. Портпаролот на армијата генерал Шаукат Султан Кан истакна дека во целата земја има големи штети, а мора да се смета дека бројот на жртвите ќе биде над илјада:

„Сеуште немаме јасна слика, но според првичните извештаи во делови од Кашмир на страната на Пакистан и на северот загубени се човечки животи и уништени куќи.“

Спасувачките активности во планинскиот регион се отежнати поради блокираните и затрупани улици. Насегаде на улиците во Пакистан луѓето се во паника и страв.

Земјотресот се почувствува и од другата страна на границата: во Авганистан и на северот на Индија, во Амритсар и главниот град Њу Делхи, но и во главниот град на Кашмир Шринагар.

Дополнителните земјотреси предизвикаа паника кај населението. Директорот на метеоролошкиот институт Камар уз Заман потврди дека се случиле шест дополнителни земјотреси:

„Веќе забележавме шест афтершокови, чија јачина беше меѓу пет и шест степени. Но очекуваме уште дополнителни земјотреси во текот на наредните 48 часови.“

Според првите проценки, шефот на метеоролошкиот институт во Исламабад, Камар уз Заман додава и дека земјотресот што утрово го погоди Пакистан е еден од најголемите во историјата на земјата:

„Ова е најголемиот земјотрес во регионот, во изминатите сто години. Измеривме дека силината на земјотресот е 7,5 степени според рихтеровата скала, локацијата на епицентарот е на околу 100 километри северно од Исламабад. Има извештаи за големи штети во регионот.“ изјави Заман

Во спасувачките активности вклучена е и армијата, а пакистанската влада формираше кризен штаб.

Регион околу јужниот крај на Хималаите веќе подолго време е сеизмички активен – експертите очекуваа голем земјотрес. Бидејќи епицентарот се наоѓа во близина на површината на земјата, земјотресот се почувствува на поголема територија, појаснуваат сеизмолозите.

Комсијата на ЕУ веќе на Пакистан му понуди помош. Комесарот за развој Луиз Мишел денеска во Брисел соопшти дека експертите веќе подготвуваат брза помош. Хуманитарна помош е ветена и од страна на Германија. Министерот за надворешни работи Јошка Фишер, во Берлин рече дека германската амбасада во Пакистан е подговтена веднаш на располагање да стави 50.000 евра, а германскиот Црвен крст ќе организира помош заедно со пакистанската хуманитарна организација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми