Голем граѓански марш во Скопје
12 октомври 2016Илјадници граѓани беа дел од маршот организиран од опозициската СДСМ и повеќе граѓански здруженија и јавни личности кој се одржа под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“ во Скопје. Непосреден повод беше празникот 11 Октомври - Денот на народното востание и почетокот на антифашистичката борба во Втората светска војна.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека маршот е предвесник на промените во Македонија и затоа се одржува на 11 октомври – празникот кој е симбол на борбата за слобода.
„Ние граѓаните склучивме сојуз, поединци, групи, граѓански здруженија, шарени, леви партии, Македонци, Албанци, Турци, Срби. Роми, Бошњаци, ние граѓаните на Македонија го кренавме нашиот глас. Нашето оружје е нашиот глас. Се бориме и ќе се избориме за слобода, правда, правичност и еднаквост. Дојде време да и дадеме ветување на Македонија“, порача Заев.
Ветеранот од НОБ, Ѓорѓи Ѓорѓиевски порача дека борбата не е завршена.
„Слободата и демократијата, за кои се боревме ние уште не се остварени, а борбата не е завршена. Државата денес ја заборава својата славна антифашистичка народноослободителна борба, ги заборава своите вистински борци и херои, а се слават и луѓе кои се со сомнителен придонес за борбата за слободата за Македонија“, рече Ѓорѓиевски од говорницата.