1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем потенцијал за германско-индиска соработка

Зоран Јордановски/мј/гх/дпа/ртр5 октомври 2015

Канцеларот Меркел е во посета на Индија. Одржани се меѓувладини консултации, на кои е изразена желба за интензивирањена економските и трговските односите. За тоа постои голем потенцијал.

Фотографија: Reuters/W. Rattay

Германија и Индија се залагаат за склучување договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија. Владите на двете земји, по денешните меѓувладини консултации во Њу Делхи, изјавија дека се обврзале „да се погрижат за колку што е можно поскорешно обновување“ на преговорите, прекинати летоска од индиска страна поради недавање дозвола за пласман на индиски генерички лекови во ЕУ. Преговорите започнаа во 2007. година, а како проблематични се појавуваат заштитата на авторските права, како и еколошките и социлолошките аспекти на производството.

Германската владина делегација ја предводи канцеларот Ангела Меркел, а во составот се и петмина министри. Делегацијата ја придружуваат и повеќемина стопанственици. Индиската страна во консултациите ја предводеше Нарендра Моди, кој е премиер од мај 2014 година, а приоритет во владеењето стави врз реформа на економијата, за да може да привлече повеќе инвеститори во земјата.

Фотографија: BASF SE

Утре германската делегација, придружувана од индискиот премиер, ќе претстојува во јужноиндискиот град Бангалор, технолошки центар на земјата, каде е активен и германскиот концерн за електроника Бош. Освен посетата на Бош, Меркел ќе учествува и на германско-индиски економски форум. Индискиот премиер Моди годинава во април присуствуваше на отворањето на индустрискиот саем во Хановер.

Потенцијал за проширување на соработката

Меркел и Моди по консултациите изјавија и дека освен економската, сакаат да ја прошират и соработката во областа на безбедноста, технологијата и образованието. Меркел укажа дека Индија е најголем партнер на Германија во областа на развојната политика и дека е партнер и во кооперацијата кај високата технологија. Договорена е соработка во областа на соларната технологија, за што е предвидено кредитирање со поволни камати во обем од една милијарда евра. Потпишани се вкупно четири договори со индиски фирми и државни организации. Но, во Њу Делхи не се склучени договори со вредност изразена во милијарди. Меркел и германските стопанственици сепак го пофалија потпишувањето договор со кој на германските фирми ќе им се овозможи во иднина да можат поедноставно да инвестираат и да работат.

Фотографија: Reuters/N. Chitrakar

На прием во претседателската палата во Њу Делхи Меркел оцени дека веќе има интензивна германско-индиска соработка во областа на индустријата, земјоделството, развојната и одбранбената политика. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во разговор за „Хиндустан Тајмс“ побара „сигурни правни и административни рамки“ како неопходен услов за ангажман на германски претпријатија во Индија, загрижени поради премногу бирократија, корупција, недостатоци кај инфраструктурата и недоволно квалификувана работна сила во таа земја. Штајнмаер иницира поедноставување на индискиот даночен систем за поттикнување на натамошни инвестиции.

Германија е најдобар трговски партнер на Индија во ЕУ

Германија е најголем трговски партнер на Индија од земјите на ЕУ. Билатералниот трговски биланс лани изнесуваше околу 16 милијарди евра и за прв пат забележа пад, по повеќегодишен континуиран пораст. Индија во трговијата со Германија многу заостанува зад другите БРИКС-земји: билансот со Кина изнесува 153 милијарди, со Русија 67, а со Бразил 20 милијарди евра. Но, односите добиваат нова динамика - годинава во првите шест месеци германскиот извоз во Индија, според владини наводи, е покачен за 18 проценти, а и увозот од Индија е значително зголемен.

Германските инвестиции во Индија изнесуваат околу 9,7 милијарди евра и во таа земја се присутни околу 1600 германски фирми. Потребите и стремежите на двете земји се надополнуваат: Германија има потреба од врвни кадри за информатичка техноологија, со какви располага Индија, која пак, е многу заинтересирана за хај-тех производи од Германија.

Фотографија: Daimler AG

Индиското стопанство остварува константен пораст. За годинава се очекува стапката да изнесува околу 7 проценти, е германските менаџери, според една анкета, очекуваат сличен тренд и во наредните две години. Бруто домашниот производ на земјата со околу 1,3 милијарди жители изнесува 1,8 билиони долари. Минатата година, спротивно на светскиот тренд, директните инвестиции во Индија покажуваат скок од околу 40 проценти.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми