1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горивото во Германија поевтино, но по која цена?

Миша Ерхард
1 јуни 2022

Даноците на гориво во Германија од денеска се намалени. Тоа е дел од пакетот за помош на германската влада во време на високи цени на енергенсите и висока инфлација. Економистите критички гледаат на одлуката.

Tankstelle Zapfpistole
Фотографија: dapd

Намалените даноци на горивото во Германија се во сила од полноќ. Спротивно на очекувањата, тоа уште во средата наутро доведе до намалени цени на бензинските пумпи. Од 6 до 7 часот утрово цените биле значително пониски на најголем број пумпи кои ги проверила агенцијата ДПА.

На околу 350 пумпи цената на литар Супер Е10 била под 1,90 евра, додека само ден порано во исто време таа беше меѓу 2,10 и 2,30 евра. Цените на дизелот исто така паднаа под две евра, за разлика од минатите денови. 

Ова брзо намалување на цените на бензинските пумпи  е неочекувано, зашто понискиот данок не се однесува на купување гориво на бензинските пумпи, туку во складовите и рафинериите, а залихите на бензинските пумпи кои се испорачани пред полноќ и натаму се оданочувани со вообичаена даночна стапка. Тоа што цените веќе паѓаат, можно е да е последица и на високиот притисок на конкуренцијата на бензинските пумпи поради високото ниво на внимание со кое се следи данокот на енергенси.

Владата го плаќа развојот на цените

По најавите за намален данок, груба пресметка изгледа вака:  бензинот ќе чини 35 центи помалку, дизелот речиси 17 центи помалку. Но, цените на бензинските станици во Германија се прилично нетранспарентни. Колку наплатуваат нафтените компании, а колкава е маржата на бензинските пумпи, тоа е добро чувана тајна.

Не е случајно што нафтените компании во Германија се повторно под построг надзор на Сојузната картелска агенција. Зашто, цената на нафтата која нагло порасна на почетокот на војната во Украина, брзо повторно се нормализираше на светските пазари, додека на  бензинските пумпи  во Германија зголемените цени се задржаа многу подолго. 

Нетранспарентни цени на бензинските пумпиФотографија: Sebastian Gabsch/Geisler/picture alliance

„Многу контрапродуктивно“ 

Министерот за финансии Кристијан Линднер од ФДП  намалувањето на данокот  го фали како мерка на солидарност со населението погодено од високите цени. „Не ги оставаме сами на себе луѓето кои зависат од автомобили“, твитна Линднер. Но, најголем дел од економистите имаат друго мислење.

„Никогаш не сметав дека тоа има смисол“, вели за Дојче веле Мануел Фрондел, економист за енергетика и професор на Лајбниц Институтот за економски истражувања во Есен. „Со оглед на моментниот климатски проблем, ова е исклучително контрапродуктивно“.

Цените кои го земаат во предвид ЦО2 во Германија се во сила од 2021 година, а за да се намалат емисите на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина. Попустот за горивото контрира на оваа неопходна борба во климатската криза.

Министерот за финансии нагласува дека сите кои имаат автомобили би требало да профитираат од оваа мерка. Меѓутоа, Фрондел наведува дека најдобро ќе поминат домаќинствата со високи приходи: „Затоа што тие обично повеќе возат автомобили, имаат поголема километража и по неколку автомобили.“

Од друга страна, домаќинствата со ниски приходи воглавно не возат автомобили или возат помали автомобили со помала потрошувачка. До слични заклучоци доаѓа во своите студии и Германскиот институт за економски истражувања од Берлин (ДИВ). 

„Намалувањето на данокот на гориво е проблематично, зашто намалува поттик за штедење и ги растоваруа возачите со големи автомобили, голема километража и високи приходи“, изјави Стефан Бах од ДИВ. 

Критики од сите страни 

Покрај тоа, намалувањето данок доведува до губење приходи во буџетот и дополнително го зголемува државниот долг – кој ќе мора сите да го враќаат, односно да го финансираат сите даночни обврзници. 

Келнскиот институт за економски истражувања исто така е критичен кон субвенциите. „Попустот на гориво добро се прима во народот, но не помага“, напишаа економистите Мартин Бежновски и Кристоф Шредер во својата анализа. 

Шефот на келнскиот Институт, Михаел Хитер, исто така ја критикуваше мерката и тоа од регулаторна точка на гледање: „Политиката би требало да интервенира на пазарот само ако зголемувањето на цените е последица на злоупотреба на пазарната моќ. Интервенцијата во одредувањето цени секогаш треба да биде последно средство на политиката.“

Таков став против мерката има и организацијата за заштита на животната средина Гринпис: „Токму Либералите, партија која сака да ја обликува заштитата на климата според пазарната економија, паничи на првите сигнали на раст на цените и интервенира со попуст вреден милијарди евра.“

Па дури и транспортните претпријатија, кои се посебно погодени од високите цени на гориво, на попустот гледаат критички. Според Сојузното здружение за товарен транспорт и логистика од Франкфурт, таа мерка ја заобиколува оваа индустрија: бидејќи цените на пумпите пораснаа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми