1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гори во Софија, чади во Скопје

20 јануари 2020

Бугарскиот премиер побарал истрагата да земе на анализа примероци од пепел, за да се утврди дали е согоруван опасен отпад. Дали тајните на ТЕЦ „Бобов дол“ водат и до Скопје?

Schäfer mit Schafherde vor dampfenden Schloten, Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/AP Images

Бугарската истрага за увоз на токсичен отпад во земјата, може да открие дали патот на тој бизнис водел и кон Република Северна Македонија, од каде потекнуваат дел од сопствениците на фирмата увозник на отпадот. Станува збор за фирмата „Блацион" ДОО (Blatsion Ltd), бугарска трговска компанија со седиште во Софија, во која 15 % поседуваат македонските државјани Блаже Игнатов и Горан Ангелов, а остатокот е во сопственост на Италијанците Винченцо Трасари и Езио Боче.

Оваа фирма викендов беше во фокусот на вниманието на бугарската, но и на македонската јавност, откако Обвинителството во Бургас започна истрага за содржината на 25 италијански контејнери со 500 тони отпад кои на 9-ти октомври пристигнале во Варна, а требало да бидат пренесени на согорување во термоцентралата „Бобов Дол“. Но, останале складирани на пристаништето 90 дена, заради тоа што во тој период на ТЕЦ и истекла лиценцата на постројката за согорување на отпад, па отпадот морал да се врати назад во Италија. Откако истекол рокот од 90 дена, а сопственикот не реагирал на предупредувањето од Царинската управа, Обвинителството отворило истрага.

ВарнаФотографија: BGNES

Анализи на пепелта

Изминатите два дена во пристанишниот сектор Варна Запад, бугарските истражители ги отворале контејнерите за да земат примероци од увезениот отпад. Според Обвинителството, отпадот не бил вакумиран и балиран како што налагал законот за прекуграничен пренос на отпад, а наместо пријавените пластични отпадоци и гума, во балите имало и текстилни, стаклени, дрвени и друг вид отпадоци. Бугарските медиуми ја пренесуваат изјавата на Горан Ангелов, дадена за македонски медиуми, дека  „се работи за пластика и гуми“ и дека тоа ќе го докажат експертите по извршената проверка. Ова пак, отвори нови прашања во Бугарија: Ако во ТЕЦ „Бобов дол" со години се согорувал таков отпад, како е можно новиот министер за животна средина, Емил Димитров, да тврди дека границите на штетни емисии таму не се надминати?

Повеќе:

-Најопасната депонија

-Македонија гори поради своите Болсонаровци!

-Како до современи депонии со европски стандарди?

Премиерот Бојко Борисов побарал од истражните тела да земат на анализа примероци од пепел од термоцентралата, за да утврдат дали е согоруван опасен отпад.

„Ако навистина гори опасен отпад во ТЕЦ „Бобов Дол“, тоа е многу голем проблем, бидејќи од една страна тие немаат довола за тоа, а од друга страна, тоа создава опасност за луѓето кои живеат во близина. Освен тоа, инсталацијата на термоцентралата не е адаптирана и соодветна за согорување на таков вид отпад" изјави за БГНЕС, Меглена Антонова од еколошката организација „Гринпис“.

Таа побара Министерството за внатрешни работи и Обвинителството да истражат каков отпад се уништува таму. Смета дека ако државата нема можност да изврши контрола, тогаш не треба ни да дозволи да се спроведува каква било активност од тој тип.

Истрага за Димов

Ваквите дилеми ги мачат и македонските граѓани, кои дишат енормно загаден воздух, но зачинет и со бројни шпекулации дека тоа е можеби резултат на согорувањето на токсичен отпад во Македонија. Надлежните институции досега ги демантираа ваквите шекулации. Но, истрагата во Бугарија повторно ги распламти, со оглед дека еден од акционерите во „Блацион“, Горан Ангелов, е и директор на скопската депонија „Дрисла“. Тој за домашните медиуми изјави дека 100% гарантира оти во земјава нема увезено ништо опасно.

Нено Димов, доскорешен бугарски министер за екологијаФотографија: BGNES

Бугрската истрага, која, како што е најавено, ќе се одвива со меѓународна соработка со Македонија и Италија, ќе треба да ги демантира или потврди сомневањата. Случајно или не, оваа истрага започнува десетина дена по приведувањето на претходниот министер за животна средина, Нено Димов. Тој на 9-ти јануари си даде оставка, откако беше осомничен дека во текот на последните две години дозволувал вода од акумулацијата „Студена“ да се насочува кон две големи претпријатија. Едното претпријатие е „Стомана индустри“ во сопственост на грчката компанија „Виохалко“, а второто „Топлификација - Перник“ во сопственост на фирми поврзани со бугарскиот бизнизмен Христо Ковачки. Таквата привилегирана состојба за двете претпријатија резултирала со тоа што 97.000 жители на Перник останале без вода, односно биле ставени на посебен режим за снабдување.

Но, зад сето ова, според медиумите, се крие нешто поголемо. „ЕУрактив“. објави дека Димов дополнително се товари и за увоз на отпад во Бугарија, главно од Италија. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми