Горки лекции во украинскиот конфликт
15 јануари 2015
Новиот одбид да се реши конфликтот во Украина пропадна. Министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Украина и Русија се сретнаа во вторникот (13.01.2014) во Берлин, за да се разделат со незавршена работа. Во скоро време нема да има средби на врвот во т.н. формат од Нормандија. Состанокот на шефовите на држави или на влади на четирите земји, инаку, беше планиран за денеска (15.01) во Казахстан. Од тоа нема да има ништо. Тоа е горко сознание. Имено, веќе долго министрите за надворешни работи на четирите земји трагаат по дипломатско решение. На почетокот на годината тие дополнително ги засилија своите напори. Но пропаѓањето на нивната иницијатива е горчлива таблета пред се‘ за луѓето во кризниот регион, Донбас. Нивната ситуација и поради зимата е се’ полоша. Кревко е примирјето меѓу украинските сили и проруските сепаратисти кои ги поддржува Москва. Дури и за време на православниот Божиќ имаше мртви во борбите. Ситуацијата останува експлозивна.
Во потрага по мир во време на терор
Тоа е горчлив пораз за дипломатијата и кога ќе се земе предвид дека францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус, и покрај терористичките напади во својата земја, заедно со својот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер упорно бараше можност да се заврши крвавиот конфликт на истокот на Украина. Речиси може да се каже дека: Франција моментално има други грижи освен запирањето на лудоста на истокот на Украина!
Фабиус и Штајнмајер заслужуваат признание за вложените напори. Ретко дипломатите толку сесрдно и упорно се залагаат за мирно решение. Франција и Германија, некогашни противници од светските војни, знаат колку е драгоцен мирот во Европа. Поради тоа се обидоа да го запрат конфликтот, кој не е само војна меѓу украинските сили и сепаратистите, туку и едвај прикриена војна на Русија против Украина.
Меѓутоа, страните во конфликтот остануваат бескомпромисни. Тоа е така веќе со месеци. Во сенка на терористичките напади во Франција, кои ја загрозуваат безбедноста на сите европски држави, сигналите кои стигнуват од Москва и од Киев се жални. Двете страни тагуваа за жртвите на терористичките напади во Франција, но жртвите во меѓусебниот конфликт, кои се веќе 5.000, како да не ги засегаат во иста мерка.
Бескомпромисен курс на Москва и на Киев
Во украинскиот државен врв очигледно се’ уште постојат сили кои сакаат воена победа на истокот на земјата. Киев ги намали социјалните давачки за да може да ја финансира обемната програма за вооружување. Разбирливо е дека Украина со сите средства сака да го избегне замрзнувањето на конфликтот во Донбас. Со тоа припојувањето на Крим кон Русија потоа фактички би повлекло нова гранична линија низ самата земја.
Ни Москва не се откажува од својата агресивна политика кон Украина. Цел е политичка дестабилизација, која би можела да се заврши со распарчување на соседната земја. Замрзнатиот конфликт во Донбас би создал основа за понатамошно освојување на територии во Украина. Русија се’ уште не стори ништо да ги растера тие сомнежи.
Додека терористичките напади во Франција доведоа до тоа државите на западот на континентот да ги збијат редовите, истокот на Европа останува зона на нестабилност. Русија се’ повеќе ги изолира и со својата политика ги загрозува соседните земји. А Украина е пред исцрпувачка војна од која веќе не може да најде излез. Горко е и тоа сознание.