1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама апелира до совеста на Европејците

Сабине Кинкарц/Ж.А.26 април 2016

Обама сака да ја види ЕУ силна и обединета. Пред заминувањето од Германија, тој имаше прилика тоа лично да им го порача и на лидерите на Франција, Велика Британија и Италија.

Фотографија: Reuters/G. Bergmann/Bundesregierung

Посетата на американскиот претседател Барак Обама на Хановер по повод индустрискиот саем, каде земја - партнер оваа година беа САД, беше искористена канцеларката Ангела Меркел да ги собере на кратка средба и британскиот премиер Дејвид Камерон, францускиот претседател Франсоа Оланад и италијанскиот премиер Матео Ренци. Состанокот беше краток, два часа, но Обама имаше многу да им каже на своите европски колеги. Тоа го најави уште со својот говор на Саемот во Хановер, кога повика на европско единство:„На светот му е потребна силна и обединета Европа“, рече Обама, целосно свесен дека ЕУ се наоѓа во опасност од расцепување од досега непознати размери. Но, Европа им е потребна на САД, денес повеќе отколку кога било. Сирија, Ирак, Авганистан, Либија, Украина, конфликтот со Русија, со оглед на ова мноштво кризни жаришта во светот, за САД би бил кошмар ако ЕУ би се распаднала. „Нам ни е потребна силна Европа, за да го носи заедно со нас дел од товарот“, рече Обама.

„Можете да бидете убедени дека вашиот најголем сојузник и пријател, САД, се наоѓа на ваша страна. Рамо до рамо, сега и секогаш“, вака американскиот претседател ги увери Европејците во својот говор. Обединета Европа сега е „надеж на многумина и неопходност за сите нас“. Европа во светот игра решавачка улога, потенцираше гостинот од Америка. „Европа придонесува за одржување на нормите и правилата за постигнување мир во целиот свет.“ На пример, без тесна соработка меѓу Европа и САД немаше да биде постигнат атомскиот договор со Иран и договорот за климата во Париз, истакна Обама.

Порака до Русија

Меѓу другото, не смее да се дозволи ново повлекување граници. „Не со употреба на сила“, рече Обама, алудирајќи на Украина. „Вистинската големина не се огледа во заплашувањето на соседите“, гласеше пораката до Русија. Американскиот претседател од Европејците побара не само единственост, туку и сосем конкретна поддршка, посебно во борбата против Исламска држава, според Обама, моментно „најголемиот предизвик во светот.“

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Тој побара од Европа и зголемен ангажман во рамките на НАТО, посебно на финансиски план. Имено, потребно е секој член на НАТО да го одвојува договорениот прилог од два проценти од брутодомашниот производ. Барање, кое Обама уште претходно го формулираше во разговорот со канцеларката Ангела Меркел во неделата.

Очигледно, Обама во Меркел гледа најсоодветна личност која може да ја држи Унијата заедно. „Нејзиното лидерство со мирна рака, можеме да го учиме од неа,“ рече Обама.

„Најургентните прашања на безбедносно-политичката агенда сакаме да ги решиме во тесно заедничко трансатланстко дејствување, рамо до рамо, онака како што апелираше американскиот претседател“, изјави Меркел на прес конференцијата откако гостите заминаа од Хановер. Се чини, пораката на Обама за силна Европа, здружена со САД, е примена.

САД изразиле подготвеност за соработка во „спречувањето на илегалната миграција. „САД се подготвени, ако е потребно, да ја преземат одговорноста за миграциската рута од Либија кон Италија“, рече Меркел. Договорени се и координирани заеднички сеопфатни активности за поддршка на владата на национален спас во Либија, земја разнишана од граѓанска војна, од каде и преку која доаѓаат голем број бегалци кон Европа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми