1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Горчливата лекција на ЕУ во кризата со коронавирусот

Барбара Везел
17 март 2020

Потфрлање на сите фронтови – коронавирусот ги турна во хаос владите и институциите на ЕУ. Изостанаа координација и солидарност. Итно неопходно е тоа да се смени, смета Барбара Везел.

Italien Castelpusterlengo, Lombardei | Coronavirus | Straßensperre, Soldat mit Atemschutz
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Спасувај се кој може – тоа се чини беше мотото на европските влади на почетокот на кризата со коронавирусот. Некоординирано, секој воведуваше некакви мерки без дури и да ги информира соседите за нив. Резултат беше збрка од регулативи и совети. Настана слика на губење контрола на национално, но првенствено на европско рамниште. И Европската комисија во Брисел дури сега сфати дека е во прашање сржта на нејзината веродостојност и на иднината на Европа.

На прво место извиси, како и секогаш во кризни времиња, солидарноста. Италија, прва и најтешко погодена земја од кризата со коронавирусот, мораше да помине низ горчливото искуство токму силните германски соседи во прв момент да запрат извоз на медицински материјал. Тоа буквално доведе до масивен крах меѓу министрите за здравство на ЕУ. Бедна слика на национален егоизам во поглед на растечките проблеми јужно од Алпите.

Кина веќе ги користи грешките на Европа

Франција, патем речено, се однесуваше слично, па Париз и Берлин така директно им ја отворија вратата на пропагандните акции на Кинезите, кои испратија лекари и медицински материјал во Италија, со силна медиумска презентација. Политичката порака до сите анти-Европејци и популистичките скептици гласеше: кога ќе стане сериозно, секој е оставен на себе. Зошто никој во Брисел или во Берлин не дојде на идеја да се јави во Рим и да понуди помош? Медиумите во сите поединости известуваа за маките во италијанските болници, за итните мерки и празните улици. Значи, никој не може да каже дека не знаел што се случува таму.

Дури сега ЕК почна да работи на заедничко обезбедување со медицински апарати. Дури сега се одржуваат секојдневни видео-конференции, на пример на министрите за здравство и редовни контакти на шефовите на влади, заради вистинска координација на нивните планови. Досега секој си се занимаваше само со себе, веројатно со најдобра намера и најдобро што знаеше, но секогаш имајќи ги во вид само сопствените гласачи.

Барбара Везел

Притоа, едно е непобитно јасно: нам во Европа или ќе ни успее заеднички да го сузбиеме коронавирусот и да ги ограничиме економските последици од него, или одделно ќе претрпиме неуспех во тоа. Спонтаните затворања на границите се еден ваков пример. Портпарол во Брисел ова го формулираше прилично дипломатски: постои сомнеж во корисноста од затворање граници, зашто вирусот одамна е насекаде низ ЕУ. Се' што се постигнува со оваа мерка се бескрајни колони возила и застои во транспортниот сообраќај. Доколку се сака изолација на одделни региони, тоа мора да се направи вистински организирано, за производите неопходни за животот на луѓето и потребната работна сила да можат и натаму непречено да циркулираат.

Не смее да дојде до крах на внатрешниот пазар

Имено, ако дојде до слом на внатрешниот пазар, тогаш навистина ќе дојде до недостиг на производи во супермаркетите. А владите ќе се најдат во улога на лажговци, зашто досега се колнеа во редовно и количински доволно снабдување и тврдеа дека нема потреба од трупање залихи на производи. Запаѓањето во национална шема и сопствена корист во рамките на одамна фиктивно станатите граници можеби е некој вид условен политички рефлекс. Тој можеби ќе ги смири помалку разумните гласачи, но во суштина ќе го постигне сосема спротивното.

Истото важи за мерките за заштита на населението: доколку социјалната изолација, затворањето ресторани, продавници, училишта и така натаму од страна на мнозинството влади во ЕУ се смета за правилно, тогаш најдобро би било тоа да биде изведувано координирано. На колку поголема површина во Европа може да се постигне забавување на ширењето на коронавирусот, толку поголеми се шансите за функционирање на националните здравствени системи.

Заедничка акција или тонење

Преминот кон регресивно национално размислување завршува најдоцна кај економските последици: Европа одамна е толку испреплетена, што заканувачката рецесија може да се совлада само со заеднички сили. Воопшто, на пример, не е опција да се дозволи пад на Италија, тоа треба да им е јасно дури и на најзакоравените националисти. Заедно, Европа претставува најсилен економски блок во светот и може во идните месеци решавачки да ја креира политиката. Секоја земја за себе напротив претставува само капка во океанот. 

Повеќе:

Коронавирусот ги затвора границите на ЕУ

Карантин, песна и коронавирус: како изгледа секојдневието во Италија

Коронавирус: Човекот што залудно викаше „Волк!“

Во изминатите недели сите потфрлија со тоа што не реагираа навремено и не ја разбраа димензијата на оваа криза. Кривата линија на лекцијата засега оди стрмно нагоре, а ние можеме само да се надеваме дека претставниците на владите на национално и европско ниво ја примија и ја сфатија пораката. Со оглед на брзото ширење на коронавирусот, веќе не можеме да си дозволиме време за губење, сега е пресуден секој ден.

Како средство против стравот, политиката досега може да употреби само разум и заедништво. А тоа не е никаков морален апел, туку нужен повик за заедничко дејствување. Јасно е дека светот по кризата со коронавирусот нема да биде ист како претходно. Но, во наша моќ сѐ уште е дали воопшто ќе го препознаеме.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми