1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит-раскол во Обединетото кралство

Шарлоте Потс
30 јануари 2020

Во ноќта помеѓу петок и сабота Велика Британија ја напушта Европската унија. За некои, како Емили Хјуертсон, тоа е причина за славје. Други, пак, како Стивен Бреј, се тажни. Земјата е дополнително поларизирана.

London Brexit / Flagge vor Uhr am Queen Elizabeth Tower
Фотографија: Getty Images/D. Kitwood

Кога ќе чукне 11 часот во петок вечер во Лондон - или точно на полноќ во централна Европа - работата ќе биде завршена: Велика Британија е првата земја во историјата што ја напушта Европската унија. Историски момент, кој премиерот Борис Џонсон го слави на посебен начин: на темните ѕидови на неговата канцеларија на улицата Даунинг, ќе биде проектирано одбројување на секундите до излезот од ЕУ.

Двајца кои сакаат да го доживеат овој историски момент во владината четврт се Емили Хјуертсон и Стивен Бреј. Двајца Британци кои не можат да бидат поразлични - таа се залага за Брегзит, тој е против. Единствено нешто што ги обединува е нивната страст кон темата. Кога премиерот Џонсон вечерта на 31-ви јануари во телевизискиот говор ќе ја повика нацијата да се обедини и да гледа напред кон иднината, Хјуертсон и Бреј ќе бидат симболи за расколот во Велика Британија. Рана што нема да заздрави толку брзо дури и по самиот Брегзит.

Институција во Вестминстер

Неколку дена пред Брегзит, Стивен Бреј повторно протестираше во владиниот кварт - од септември 2017 година тој е тука секој ден кога заседава парламентот. Со својата сина капа со натпис „Стоп за Брегзит“ и огромно знаме на ЕУ, 50-годишникот е веднаш препознатлив. Секои неколку минути му се приближува по некој турист за да направи селфи со него. Протестот на Бреј во Вестминстер стана институција.

Стивен БрејФотографија: DW/C. Potts

Одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ не му дава мир: „Нашите политичари изневерија и нѐ прелажаа за Брегзит. Не можев туку-така да го прифатам тоа “. И така, во летото 2017 година, тој стави крај на својот стар живот, и се пресели од Велс во Лондон за да го искаже незадоволството, сега директно, кон парламентарците и новинарите.

Повеќе:

-2020 - раѓање на континентална ЕУ?

-Ширум отворен пат за Брегзит

-Британскиот парламент на потег за Брегзит

Оттогаш Бреј, со капа, протестен транспарент и знаме, честопати поддржан од други проевропски активисти, стои пред британскиот парламент. Без разлика дали е студено или жешко - од понеделник до четврток тој протестира таму најмалку осум часа на ден, понекогаш дури и доцна во ноќта, кога парламентарците дебатираат за Брегзит во Долниот дом.

„Некои пратеници ме избегнуваат како чума“, вели Бреј, во меѓувреме во целата земја познат како „Г-дин Стоп за Брегзит“. „Реакциите се мешани. 50 проценти омраза, 50 проценти поддршка и охрабрување. И двете нешта ме инспирираат“.

Политика и просеко“

Неколку метри подалеку, Емили Хјуертсон френетично пишува на својот мобилен телефон. „Политика и Просеко“ се нарекува нејзиниот акаунт, на кој секојдневно минува часови за со речиси 62.000 следбеници да го споделува своето мислење. Како и Бреј, и таа својата популарност ја должи на Брегзит. Но, тоа исто така е и единственото заедничко нешто кај двајцата. Затоа што 19-годишната Британка е на другата страна на политичкиот спектар. Минатиот мај, Хјуертсон беше гостинка на телевизиска дебатна емисија во Би-Би-Си. Таму страствено се изјасни во полза на Брегзит и изрази разочарување од нејзината партија, конзервативците. Бидејќи Ториевците за време на премиерката Тереза Меј, повеќепати го беа одложиле датумот за излегување од ЕУ. Таа објави дека токму затоа на европските избори гласала за „Брегзит-партијата“ и наиде на одобрување ширум целата земја.

Емили ХјуертсонФотографија: DW/C. Potts

„Девојката Брезит“ ја нарекоа конзервативните весници и експлодираше бројот на нејзини следбеници на социјалните мрежи. „Сите мислат дека само старите, бели мажи се за Брегзит. Јас сум млада, жена и за Брегзит сум од многу причини. И има многу во мојата генерација кои би се согласиле со мене во тоа", вели таа гласно и ги набројува сите тие причини во полуреченици: „Суверенитетот има врвен приоритет. Направете ваши правила. Повторно контролирајте ја имиграцијата. Престанете да плаќате пари на ЕУ. И за крај, но не и најмалку важно, мнозинството гласаше за Брегзит. Така е тоа во една демократија".

Брегзит-раскол во британското општество

Нејзините аргументи за Брегзит потсетуваат на паролите со кои кампањата за напуштање на ЕУ налик на молитва ловеше гласови за референдумот. Хјуертсон зборува од убедување. Таа поларизира на Твитер со своите објави и веќе добила неколку смртни закани. Во реалниот живот - на нејзиниот универзитет во срцето на Лондон, каде што студира политика и религија, а исто така и дома во Нортхемптон, индустриски град во централна Англија, и луѓето кои политички различно размислуваат се учтиви кон неа: „Важно е да научиме повторно да дебатираме правилно. Сакам добра дискусија“, вели таа, пукајќи од самодоверба.

Емили Хјуертсон верува дека расколот кој Брегзит го предизвика во британското општество конечно може да се надмине со излезот од ЕУ на крајот на јануари. Само на тој начин општеството може да се концентрира на иднината: „На крајот од краиштата, добро се разбирам со татко ми, а тој е проевропски настроен“.

Про-ЕУ активистот, Стивен Бреј, не се согласува: „Оваа земја ќе остане поделена долго време“, му вели тој пред парламентот во Вестминстер на Ричард Тајс, лидерот на „Брегзит-партијата“, кој е и пратеник на оваа антиевропска партија во Европарламентот. Тоа е пријателски разговор помеѓу двајца мажи, кои всушност не можат да се поднесат меѓусебе, па сепак - тоа можеби е знак дека вжештената политичка дебата барем малку ќе се смири по Брегзит.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми