1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Скептиците мене нека ми објаснат дека „нема корона“

3 јуни 2020

Кој може мене, на сестра ми и мајка ми, да ни објасни од што почина татко ми, ако „нема корона“? Луѓе веруваат оти вирусот не постои, само затоа што не можат да го видат со голо око, вели новинарот Михајлоски

Goce Mihajloski
Фотографија: Privat

„Не постои коронавирус, тоа е обичен грип!“. Колку пати сте ја слушнале оваа реченица? Скопјанката В.Р. (47) вели дека ја слуша речиси секој ден во нејзината непосредна околина.

„Ја шират необразовани лица, но за жал, некогаш ја слушам и од образовани“, објаснува таа за ДВ. Со личен пример на заштита и мерки за дезинфекција, секој ден се обидува да го едуцира непосредното соседство за превенција од корона вирусот. Нејзината мотивација е уште поголема откако токму во општината каде што живее, во последниве неколку дена расте бројот на новозараени.

„Дури и по зголемениот број на новозаразени, не го менуваат однесувањето. Има голема неодговорност и опуштеност. Си остануваат на ставот дека нема никаков вирус, или дека Бог ги чува, или дека тоа е глобална манипулација за ширење страв што ја прават светски моќници заради нивен профит, и други приказнии. Некои, во недостиг од рационален одговор за негирањето на вирусот, ме прашуваат: Познаваш ли ти барем еден од заразените, си видела ли некого?“, објаснува таа.

Секој може да биде инфициран

Се чини дека токму поради ваквиот ирационален сомнеж, деновиве и Клиниката за инфективни болести ги отвори вратите за новинарски екипи. Дали и колку страдањата на заболените од Ковид-19 ќе ја сменат перцепцијата на скептиците, се уште е неизвесно.

„Мене ми е просто неверојатно, колку луѓето по сѐ што гледаат дека се случува кај нас и во светот, сѐ уште може да бидат толку скептични", вели новинарот Гоце Михајлоски, кој пред повеќе од еден месец ја искуси разорноста на вирусот, и ја доби битката со него. За жал, не и неговиот татко.

Повеќе:

Нови 76 заразени и еден починат од коронавирус

СЗО предупредува: нема докази дека коронавирусот ја губи силата

Коронавирус: Како стравовите од вакцина стануваат теории на заговор

Коронавирусот и опасноста од 5Г технологијата: Тешка и опасна глупост!

„Искуството на моето семејство покажа дека вирусот е како руски рулет. Кога ќе влезе во еден дом, не можеш да предвидиш кого и колку ќе повреди. Некој може да помине со лесно, како што беше случајот со мајка ми и сестра ми. Некој може да заврши во болница, како јас, а некој и трагично, како татко ми. Не му посакувам на никого на своја кожа да се увери дека, не само што вирусот постои, туку и дека е крајно непредвидлив и може буквално да убие за неколку дена. Таков беше случајот со татко ми. Тој беше сосема здрав и силен човек на 63 години, а почина единствено како последица на страшното воспаление кое неверојатно брзо му ги уништи белите дробови“, објаснува Михајлоски.

Денес му изгледа неверојатно што по сите пандемиски слики и биланси, дел од луѓето сѐ уште се толку скептични.

„Кој може мене, на сестра ми и на мајка ми, да ни објасни од што почина татко ми, ако ‘нема корона'? Многу ми е жал што луѓето кои не веруваат дека вирусот постои, само поради тоа што не можат да го видат со голо око, не ги почитуваат препораките и на таков начин прво го ризикуваат својот и животот на своите најблиски, а потоа и животот на пошироката заедница. Очигледно тоа е дел од нашиот менталитет, а оваа криза покажа дека тука нема разлика во етничката и верската припадност“, оценува Михајлоски.

Големиот број непознаници за новиот вирус, создава впечаток дека тој ги напаѓа повозрасните или лицата кои имаат и други заболувања, па оние кои се чувствуваат здрави веруваат дека не се мета на невидливиот непријател. Но, тоа е првата заблуда. 

„Искрено, додека ги имав симптомите дома - покачена температура и исцрпувачка треска, но и потоа кога бев хоспитализиран, не се плашев за животот колку што се плашам сега, гледано од денешна перспектива. Тогаш, крајот на март и почетокот на април, од тоа што го слушав и читав, мислев дека вирусот може да биде фатален само за стари и болни. Но, и искуството со татко ми, а и тоа што имав прилика да го видам во болница, покажа дека нема правила. Буквално секој може да биде инфициран, а болеста потоа е крајно непредвидлива. Имаше луѓе на кои само неколку часа состојбата драматично им се влошуваше. Од што зависи исходот, веројатно науката допрва ќе даде одговори, но мене ми е јасно дека имав многу среќа што излегов жив“, укажува Михајлоски.

Битка против лажните вести

Оваа, но и пораките на други лица кои се соочиле со вурусот, би требало да помогнат во подигнувањето на јавната свест за индивидуална заштита. Паралелно со тоа, од клучно значење е и битката против лажните вести и теории на заговор, кои ги саботираат напорите за заштита од вирусот.

Токму на ова вчера се осврна и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во интервју на ТВ „Телма“, посочувајќи дека е најважно подигањето на индивидуалната свест на граѓаните за да ја увидат опасноста на вирусот.

„Лично сметам дека колективните рестриктивни мерки не можат да бидат посилни од индивидуалните мерки за заштита. Не може на ниту еден начин да се наметне личната хигиена, држењето дистанца и носењето маска. Треба да се работи на подигнување на индивидуалната свест дека секој треба да си го штити својот праг за да не влезе вирусот во неговиот дом", истакна Османи. Тој потенцираше дека во моментов е многу важна борбата против лажните вести, кои се обидуваат да ја злоупотребат психичката фрагилност на луѓето за да наметнат конспиративни теории.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми