1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Политичка комуникација на ниво на Хутите и Тутсите

3 јули 2021

Тие не можат да се согласат ни кое годишно доба е во моментот, а не пак за некое друго прашање, или за иницираната резолуција за црвените линии на Македонија во спорот со Бугарија, вели Петар Гошев.

Nord-Mazedonien Präsident Stevo Pendarovski Zoran Zaev und Hristijan Mickoski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nordmazedonien

Бугарија е подготвена веднаш да го започне процесот на преговори со Албанија, а со Република Северна Македонија привремената влада се придржува до декларацијата на 44-то Национално собрание и Рамковната позиција на Советот на министри од октомври 2019 година. Ова се црвените линии одобрени од сите политички сили и тие се почетна точка за нашата конзистентна политика, изјави бугарскиот технички министер за надворешни работи, Светлан Стоев, на дебата по повод почетокот на словенечкото претседателство.

За разлика од Бугарија, Македонија со документ ги нема дефинирано нејзините „црвени линии", а властите вербално уверуваат дека нема, и нема да има никакви преговори за идентитетските прашања.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека партијата ќе предложи Резолуција до Собранието на Република Македонија, која што ќе ги дефинира македонските позиции во преговорите со источниот сосед. Критикувајќи за „пазарџиска дипломатија“, Мицкоски обвини дека патот на Македонија кон ЕУ е закочен поради лошите и неразумни политики на Зоран Заев и СДСМ. 

„Резолуцијата ќе претставува црвена рамка за Владата во однос на тоа кои се границите до кои таа и секоја наредна Влада, ќе смее да преговара и да разговара за националните интереси. Следува период во кој граѓаните ќе имаат зрела шанса да го променат ова безредие и да стават крај на разулавените распродажби на државата“, рече Мицкоски.

Од СДСМ стигна одговор дека „ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет и во јазикот кој го зборува, нема потреба да поднесува резолуции“.

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања, особено не во македонското Собрание“, одговорија социјалдемократите.

Премиерот Заев во интервју за ТВ „21" изјави дека доколку бил предавник, Македонија немало да добие вето од Бугарија. 

„Мицкоски ме обвинува мене дека јас сум виновен за ветото од Бугарија, а истовремено ме обвинува дека јас правам предавство на македонскиот јазик и македонскиот народ. Тоа е условено едно со друго. Ако направив предавство досега ветото требаше да биде тргнато“, рече Заев.

Тој го одби повикот за тв-дуел со Мицкоски на таа тема, со образложение дека „на целиот свет му е јасно дека никој не разговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик“.

„Не избегнувам дуели и ќе прифатам кога навистина ќе има суштина или потреба“, рече Заев, потсетувајќи дека никој од ВМРО-ДПМНЕ на дошол на Преспа форумот за дијалог. 

Да се договорат, ама како?

Потребна ли е резолуција за македонските црвени линии? Петар Гошев еден од клучните политички фигури на македонската демократска пролет во ‘90-тите години, вели дека можеби би било добро главните политички актери во Македонија да се договорат што да им соопштат на Бугарите, но не верува дека ќе се случи иницираната резолуција за црвените линии на Македонија.

„Нема да се случи зашто истиве актери безброј пати покажале дека нивната комуникација е на рамништето на Хутите и Тутсите.  Не знаат што е ‘нормален политички процес', а не знаат затоа што повеќето од нив се во ‘претполитичко бунило’ и заслепени од најпримитивна алчност. Кога се среќаваат на по некоја т.н. лидерска средба и потоа даваат изјави, тешко некој да може да сфати за што разговарале, што се договориле и зошто воопшто се сретнале. Не можат да се согласат ни кое годишно доба е во моментот, а не, пак, за некое друго прашање. Тие никогаш, за ниту едно прашање од општ интерес меѓу себе се немаат целосно информирано и секогаш, кога во ретки ситуации доаѓало до некој таков обид, секоја од страните тоа го злоупотребила за евтини дневно-политички поени кај неинфомирната, лаичка јавност“, вели Гошев.

Петар ГошевФотографија: Petr Stojanovski

Повеќе на темата:

-ВМРО-ДПМНЕ со резолуција до Собранието ќе бара консензус за црвените линии за идентитетски прашања

-Преспа дијалог: С. Македонија не влегува во замки поврзани со јазикот и идентитетот

-Историјата се повторува: Лисабонска „декларација“ број два

Тој смета дека има две поконкретни причини поради кои нема да се случи манифестација на консензус преку спомнатата резолуција.

„Прво, водството на СДСМ ниту помислува јасно да соопши до каде може да оди во конкретниот случај - можеби, како во многу други случаи, до таму до каде што ‘спакуваното' може да му се сервира на гладниот народ. Историските ‘експертизи', секогаш во нова варијанта (во зависност од денот, местото и реакциите на јавноста, кои постојано ни ги соопштува лидерот на СДСМ), јасно зборуваат дека линијата секогаш може да се поместува понатаму и понатаму. Веројатно од тие причини лидерот на СДСМ именуваше дискредитирани личности за посредување во спорот со Бугарија, отстранувајќи го и маргинализирајќи го претходниот министер за надворешни работи, кој стекна важно искуство со водењето  на тешките преговори со Грција и со учеството во подготвувањето на Договорот со Бугарија, кој и инаку е покомпетентен за таа работа од кој било друг во Владата. Дискредитирани луѓе, алчни за сé, па и за рехабилитација, полесно се држат под узда, се виткаат како пластелин, тргуваат како џамбази на Бит-пазар. И уште поважно: црвена линија не можат да постават оние кои не веруваат во самоодржливоста на својата држава, патем напорно придонесувајќи тоа и да го докажат“, вели Гошев.

Тема за партиско профитерство

Покрај критиките за СДСМ, Гошев не штеди критики и за ВМРО-ДПМНЕ.

„Второ, и ова водство на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите досегашни, не е созреано за елементарно искрено договарање, уште помалку за такви чувствителни прашања кои се третираат како најголем плен за лично и партиско политичко профитерство. Нужната дискреција и незлоупотребувањето на споделени информации за текот на одвивањето на такви процеси, ги држи само до првото пречекорување на прагот во салата каде што (би) биле информирани. Се разбира, тие тоа истото, не без основа, го мислат за политичкиот противник. Мантрата на оваа партија, од основањето во 1990 до денес, останува иста. Тие се патриоти, ја сакаат Македонија, сите други се предавници или сомнителни, во најблагата варијанта. А кога се на власт, ја ограбуваат земјата како да е најтуѓинска. Чинот на ограбувањето, нели, не е спротивен на националните и државните интереси“, реторички прашува Гошев.

Оценува дека и оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ е од видот на спомнатите мотиви: „ајде да ги извадиме на чистина, да кажат конечно за што се, и да се види кој е предавник, а кој патриот".

„Оние што искрено сакаат да се оствари консензус за некое национално прашање, не постапуваат така. Иницијативата ќе ја покренат на поинаков начин - со претходен разговор со страната со која мора да се договараат. За жал, ние се уште немаме такви две, или повеќе страни. Затоа и оваа иницијатива е само магла, губење време, додека во исто време бројни прашања земјата ја руинираат однатре. Затоа и оваа иницијатива е да си помине денот, да нé има во јавност, да не нé заборават", оценува Гошев. 

Нешто мора да се менува

Од ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека нивната цел е искрена и една: да се дојде до консензус, а не да се собираат поени преку резолуцијата, бидејќи ставовите во неа не се партиски, туку дефинирани од научната фела.

„Формулациите дефинирани во резолуцијата веќе се дефинирани по пат на научен консензус помеѓу најпрестижната научна фела во земјава – МАНУ и УКИМ. Оттука нашето настојување е да се постигне консензус, а на самиот текст не треба да се гледа како на ексклузивно право на ВМРО-ДПМНЕ. Политичките партии треба да се произнесат во Собранието за предлогот кој ке биде конкретен. Намерата е искрено да се дефинираат црвените линии за нешто за кое досега нема консезус. Бугарија има бугарска декларација, за жал тоа го нема Македонија“, велат од партијата за ДВ.

Дека нешто мора да се менува, сугерираше и Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на Амбасадори, по второто вето од Бугарија. Советот оцени дека постои недостиг на соработка и големи разлики во ставови меѓу политичките чинители во земјата во однос на надминување на тој сериозен политички проблем и дека треба да се бараат посовремени начини на создавање на долгорочна стратегија на развој на добрососедските односи. Советот на Амбасадори ја изрази и неговата готовност да придонесе во осовременување на стратегијата за дијалог, бидејќи досегашната, како што велат од таму, по сите параметри не ги даде очекуваните резултати.

Како понатаму? Според Гошев, во овој момент „хистеријата во врска со Европа треба да стивне".

„Преговарачката позиција зависи од тоа како гори домашното огниште. Тоа сме го повторувале без број пати. Просјачењето и плачењето за нанесена неправда не обезбедуваат авторитет и успех, туку само сожалување, и тоа не секогаш. Да не ни бидат повторно виновни ‘себичните' Словенци за тоа што имаме пет пати помала продуктивност од нив. Да не ги заменуваме сега нив со ‘баждарените' Европејци“, порачува Гошев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми