1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Го спушта ли гардот Груевски откако замина Црвенковски?

Костадин Делимитов5 јуни 2013

Македонскиот премиер Никола Груевски го покани новоизбраниот лидер на СДСМ Зоран Заев на кафе-средба. Аналитичарите за можниот нов тон во комуникацијата меѓу двете партии коментираат - потегот е добар!

Фотографија: AP

Дали е на повидок конечно релаксирање на односите меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, или пак станува збор само за куртоазен потег на уважување на новиот политички противник? Омекнува ли Никола Груевски по заминувањето на Бранко Црвенковски? Аналитичарите ја толкуваат иницијативата различно, но се единствени во оценката дека премиерот повлекол политички коректен потег. Универзитетскиот професор Јове Кекеновски препознава шанса за конструктивен пристап во решавање на отворените прашања:

„После сето она што се случуваше пред и после локалните избори, оваа покана за средба, доаѓа како сонце по силно невреме. Би сакал овој гест и средба на политичките лидери да изроди еден нов, пред се‘ фер и коректен, искрен и достинствен меѓусебен однос, каде ќе се заборават досегашните некоректни и ниски лични етикетирања и омаловажувања. По оваа средба конечно после толку години би требало да се воспостави еден коректен политичко лидерски дијалог, меѓусебна доверба и договор за реализација на стратешките национални интереси на Република Македонија и нејзините граѓани. Би сакал ова во иднина да стане пракса и дел од нашата политичката култура. Средбата е добра можност да почне да се елиминира досегашниот личен анимозитет и нетрпеливост меѓу лидерите како и конструктивно да се пристапи кон решавање на сите проблеми и кочници кои досега наместо да не‘ афирмираат пред меѓународната заедница, не‘ сведуваа на веќе видена балканска стереотипна приказна“, смета Кекеновски.

Да не се заврши само на кафе

Простор за значаен напредок во комуникацијата гледа и аналитичарот Владимир Божиновски. Сепак, тој предупредува дека за поместување на работите од мртва точка е потребен континуитет: 

Ќе донесе ли изборот на Заев нов ветер во комуникацијата на двете најголеми партии?Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Со овој потег се подава рака и многу е важно да се најде заеднички консензус околу клучните прашања од национален интерес. Конкретно околу спорот со името недостига еден консензус, односно кавгите околу ова прашање да се префрлат кон надвор, а не внатре, меѓусебно. Не значи дека доколку двајцата се политички противници треба да бидат антагонизирани, да не прават муабет меѓу себе како што беше случај досега. Доколку постои разбирање лесно може да се постигне консензус. Меѓутоа, многу е значајно овој убав потег од страна на двајцата да не заврши тука, туку напротив да продолжи и да не застане. Тоа е она што и треба на Македонија. Се надевам дека по извесно време ова ќе вроди со плод и околу консензусот за клучните прашања што се од национален интерес. Не само за името, што сепак е клучно, туку и за други важни прашања, како на пример да се најде решение за комисијата што треба да ги расветли настаните од 24 декември“, коментира Божиновски.

Се‘ ќе се врати на старо?

Аналитичарот Петар Арсовски, пак, предупредува дека е прерано да се шири оптимизам. Тој го поздравува чекорот на Груевски, но не очекува дека нешто суштински ќе се промени: 

„Ова е релативна новина во комуникацијата помеѓу двете најголеми партии, која досега се одвиваше со доста високи и агресивни ноти. Иако е за поздравување ваквиот чекор, мислам дека нема да значи суштинска промена во политичкиот дискурс, и сметам дека после протоколарното пиење кафе, сепак атмосферата во политиката во Македонија ќе остане биполарна. Власта досега не покажа суштински капацитет за инклузивност или отворена расправа, пример законот за медиуми, законот за абортус, другите законски проекти, па ако сакате и однесувањето на 24 декември, па така мислам дека комуникацијата помеѓу двете партии брзо ќе се врати на конфронтирачки тонови“, смета Арсовски.

Изборот на Заев му го честиташе и лидерот на ДУИ Али Ахмети, владиниот коалиционен партнер на ВМРО ДПМНЕ. Тој очекува неговиот избор на кормилото на СДСМ да придонесе во зајакнување на демократијата и постигнување консензус околу клучните прашања што го кочат евроатлантскиот пат на земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми