1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градот мора одново да се обмисли

12 јуни 2020

Пандемиите секогаш влијаеле врз градовите, селата и објектите. Ваквите кризи треба да се искористат како повод за радикални промени во оганизацијата и начинот на живеење. Пишува Ивор Мицковски.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Во резонирање околу идните сценарија поврзани со соочување со пандемијата ќе биде клучно што ќе се случува со градовите. Прилагодувањето на кризата и итната потреба за физичка дистанца и безбедно движење во просторот или сообраќајот кое овозможува поголема заштита, бараат реорганизација на градовите, нивните улици и на сите урбанистички и еколошки аспекти.

Тоа не е само заради фактот што 55 проценти од светската популација живее во градовите, бројка која во 2050 година се очекува да порасне до 68 %. Ниту пак е поради фактот што 75 проценти од светскиот БДП произлегува од градовите, заедно со 2/3 од енергетската потрошувачка и 70% од загадувањето и штетната емисија. Градот е местото на промената која треба да се случи пред се’ затоа што во урбаниот контекст е полесно да се водат големи борби и големи промени во полза на еднаквоста.

Сега знам дека зборувањето за големи трансформации во град како Скопје, кој е премногу руиниран во сите аспекти на урбаното живеење, звучи по малку исфорсирано, но токму нашиот град како административен, политички, економски и станбен центар на државата, има потреба од сериозна и длабока промена. За да се набројат сите проблеми и аспекти кои го мачат Скопје би требало да се напише цела книга, и тоа е работа на луѓето кои имаат експертиза и знаење како тоа да се осмисли и спроведе. Јас ќе се ограничам на еден таков повик и поттик, преку експликација на тоа што се случува со пандемијата, кои се новите ургентни и неопходни промени, и преку илустрација на некои општествени идеи и експерименти кои нудат радикално премислување на урбаните, но и на руралните средини.

Кога местата на живот стануваат мртви

Од аспект на општествената филозофија пандемијата во рамките на градот беше соочена со еден прост и архајски критериум и метод: „Човек на човека му е вирус". Односно, со потребата за социјална дистанца и просторна изолација, каде најсоодветната реакција и интервенција беше да се раскинат или суспендираат врските меѓу луѓето, и помеѓу луѓето и просторот или местата каде се живее.

Битен аспект е да се разбере односот помеѓу густината на населеност и подемот на пандемијата. И тука мораме да разликуваме помеѓу пренатрупаност во внатрешноста на објектите или средствата за транспорт и концентрацијата во надворешните простори кои се споделуваат од сите граѓани. Пренесувањето на вирусот настанува најчесто во тесен и затворен простор, каде се акумулираат капките од нашата плунка и аеросолот. Така видовме и кај нас дека најризичните простори се старските домови, болниците, фабриките, каде се експлоатираат текстилните рaботнички, или при нивниот транспорт до работа, црквите и џамиите, кафеаните, свадбите, погребите,  и.т.н. Во најголем дел овие места се посетувани од најранливите социјални групи, односно, знаеме дека пренатрупаноста е во релација со висината на приходите и богатството, и дека нееднаквоста тука игра клучна улога.

Во исто време, во односот помеѓу градот и пандемијата треба да направиме разлика помеѓу нематеријалната страна на урбанитетот (односите, услугите, идентитетот) и колективните простори (улиците, парковите, плоштадите), кои токму благодарение на нематеријалното се претвораат во јавен простор (жив простор, агора, платформа за интеракција и содржини). Ова е важно, зашто во време на карантин и ограничено движење просторот останува непроменет, додека јавните места умираат. И сега гледаме и кај нас. Местата на живот стануваат мртви, но Градот си доградува тревници, плоштатчиња, шири улица или некаде скромно проширува велосипедски патеки, додека постепено ги реактивира јавните простори и места.

Урбанистичката промена во тој аспект може да биде само реакција на кризната состојба, која повеќе се води од моменталните состојби, која е каузална, урбанитетот го разбира статично и помалку променливо, односно ги остава непроменети карактеристиките на градот, биле тие добри или лоши, но тоа што е полошо е што ја остава непроменета структурата на нееднаквост. Или пак може да се стреми кон проекти и планови кои нудат дисконтинуитет од овие пракси, и да се посвети да подолгорочни планови и една холистичка визија за градот.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Поголема загаденот =  поголема смртност

Едниот позитивен пристап кој можеме да го нарече „кризен“ бара и претендира проширување на велосипедските ленти, рационализација на јавниот сообраќај, реорганизација на работните часови и главно се фокусира врз принципот на социјална дистанца. На ова поле важна е иницијативата на здружението „НаТочак“, и актуелните примери од светот.

Повеќе метрополи во Европа за време на кризата со корона вирусот скратија дел од лентите на улиците, особено во централните градски подрачја и ги пренаменија за велосипеди. Прилагодувањето на кризата и итната потреба за физичка дистанца и безбедно движење во сообраќајот кое овозможува поголема заштита, бараат реорганизација на градовите и нивните улици. Повеќе простор за велосипеди и пешаци, помалку за автомобили.

Лондон, Берлин, Сиетл, Њујорк и многу други градови низ светот за време на кризата со Ковид-19 решија да одземат дел од коловозните ленти и да ги пренаменат за велосипеди, со што на луѓето им се даваат повеќе јавни простори за патување, рекреација, одење на работа и.т.н.

„Потребни се итни преалоцирања на уличен простор од автомобили кон пешаци и велосипеди, за да се случи значаен, речиси радикален поттик на граѓаните да изберат одржлив и безбеден превоз за оваа криза“, велат од здружението „НаTочак“.

Тие велат дека мора да им се даде алтернатива на дел од патниците. „Таа алтернатива прогресивните градови ја гледаат во дополнителните брзо спроведени (за неколку дена) велосипедски ленти, не во нивно упатување на автомобилот и дополнително загадување. Не смееме да си дозволиме по оваа криза да завршиме со повеќе автомобили и поголемо загадување“, со право нотираат од здружението. Тоа е особено важно што веќе знаеме дека научно е докажана врската помеѓу смртноста од коронавирусот и загадувањето. Односно, онаму каде што е екстремно загадувањето, како во Скопје, смртноста е двојно поголема.

Прилагодувањето на кризата и итната потреба за физичка дистанца, бараат реорганизација на градовитеФотографија: picture-alliance/NurPhoto/B. Zawrzel

Што го прави граѓанинот задоволен?

Алтернативата на овој пристап предлага соочувањето со пандемијата да се одвива преку интервенции кои, да, фокусирани се на денешните потреби, но се и ориентирани кон утрешнината. Во контраст со теоријата дека социјалната дистанца треба да стане основната карактеристика на нашите градови, оваа теорија тврди дека урбаниот посткорона контекст треба уште повеќе да се стреми кон што поголема поврзаност и социјалност.

За таа цел клучен е пристапот кој се нарекува полицентричен или mixed-use development. Градот се дели на зони кои во себе обединуваат резиденцијален, културен, услужен, работен, образовен, институционален и забавен карактер, реорганизирајќи го зонското хиперспецијализирање на кое е базирано урбаното планирање во последните 150 години и каде станбената функција се одделува од останатите. Овој пристап, кој повеќе се воведува во големите градови, се стреми кон намалување на загадувањето, зголемување на квалитетот на животот и намалување на нееднаквоста помеѓу жителите од централните населби и најчесто запоставената периферија. Според проектот, постојат 6 главни општествени функции кои го прават среќен и задоволен граѓанинот: достојно живеалиште, соодветна работа, потрошувачка моќ, здравствена безбедност, култура и забава. Ако овие потреби се задоволат преку една нова урбана трансформација, тогаш и граѓаните ќе бидат посклони активно да учестуваат во својата заедница.

Други колумни од авторот:

Осум минути и 46 секунди

Kако и кога завршува една пандемија?

Пандемија на осиромашување

Втор аспект на овој пристап е реоганизацијата на колективната инфраструктура. Пример, во Богота се централизира употребата на велосипеди и на јавниот сообраќај. Не станува збор само за зајакнување на линиите или додавање на некој километар велосипедски патеки, туку за радикално привилегирање на јавниот сообраќај и велотранспортот. На тој начин, долгорочно, не само што се решава метежот и паркинг проблемот, туку и се разбива нееднаквоста, давајќи им поголеми можности на оние луѓе кои имаат помалку ресурси.

Од еколошки аспект важен е примерот на Копенхаген, каде урбаната површина се состои од 25 проценти јавно зеленило, и на ниту еден граѓанин не му требаат повеќе од 15 минути пешачење за да дојде до поголем парк или зелена зона. Кај нас, на пример, Законот за урбано зеленило од 20% остана мртво слово на хартија, додека гледаме како се’ поголем број на слободни парцели, паркови, куќи, се претвораат во станбени згради без зеленило и без каков било друг социјален карактер или функција.

Во Копенхаген урбаната површина се состои од 25 проценти јавно зеленило (фото: паркот Тиволи)Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Трет интересен аспект и пристап кој би можел да биде близок за Скопје, но и другите градови, е оној каде се оддалечуваме од урбанизацијата како модел и се стремиме кон валоризација на руралните зони и простори. Според архитектот Рем Колхас, селото или руралните зони се просторот каде може да се развива одржлив развој и на тој начин да се обезбеди и преживувањето на градовите. Неговата теза е дека градот ќе остане најважен, но иднината ќе зависи од тоа како знаеме да работиме со нашиот countryside. Науката тука предлага две теории или модели на развој во иднината: Half Earth или Shared Planet. Првата се базира на јасна поделба помеѓу незагадената и недопрена природа и просторот каде луѓето ќе живеат и ќе се бават со земјоделие. Другата пак, предвидува поголема интеграција помеѓу двете сфери. И двете бараат радикални промени во производството и индустријата на секое поле, како и кај технологијата во земјоделието кои не можат да се остварат без силна интервенција на политиката.

Односот помеѓу селото и градот е комплексно и важно. Уште од антиката, дали била Кина или Римската империја, човекот гради една идеалистичка визија за селото како место за поетска инспирација, слободно време или бегство од реалноста. Но, селото и руралните средини се комплексна реалност и денеска забораваме колку тие влијаат и се важни за егзистенцијата на градот.

Граѓани кои живеат како селани

За мала земја како Македонија интеграцијата меѓу двете реалности би можела да биде решение, а тоа во исто време би ни дало повод за драматична еколошка револуција, каде конечно ќе се ослободиме од ендемската загаденост, нерешливоста во соочување со отпадот и депониите, и генералната запоставеност на руралните места и индустрии. Имаме можност во вака мала и со природни убавини надарена земја, почва која е квалитетна и која зјае празна, да бидеме во исто време политички и интелектуално граѓани, додека материјално ќе живееме како селани. Дијалектиката село-град е стара колку и цивилизацијата. Градот во западните општества останува центарот на демократскиот сензибилитет, космополитизмот и толеранцијата, додека популистите и националистите својот консензус го градат во малите места и руралните средини. Така е во САД, во Полска, во Франција или Турција, па делумно таква е реалноста и кај нас.

Но, цената на тој слободарски и прогресивен дух на градот доаѓа за сметка на комплетно откажување и заборавање на селото и руралните средини, на природните циклуси, на патот на храната, на хидрологијата, на состојбите на нашите шуми, реки и езера, со други зборови, на материјалната основа на биосферата и нашата егзистенција. Градот денес не забележува кога земјата нема вода. Се‘ додека водата излегува од чешма, никој не знае и не се прашува што се случува со нашите планински врвови, гребени и водотеци. Нашиот живот во многу аспекти станува „вештачки“ посредуван од технолошките и дистрибутивните мрежи, денес толку комотни, што комплетно се одделени од своите извори.

Дијалектиката село-град е стара колку и цивилизацијата (фото: Тракаи, Литванија)Фотографија: Fotolia/adasvasiliauskas

Знаете, денес градскиот однос кон нештата, се префрлува и на руралните средини, каде еколошката состојба станува еднакво лоша како во градовите. Реките се загадени или преполни ѓубре, селата се испразнети и се’ помалку опстојуваат разните земјоделски или сточарски гранки. Кај нас е познато секој од градот да има викендичка и нешто да сади во околината, не е тоа нешто невообичаено, но е шокантно да се види во многу места околу Скопје, многу села и рурални средини, колку се руинирани, запоставени, испразнети, без витална конекција со градот, иако некои обезбедуваат огромен дел од храната и ресурсите.

Влијанието на пандемиите

Ете, кога би можел нешто да посакам за нашата земја, тоа е да се намалат лошите сличности меѓу селото и градот, а да пораснат добрите и квалитетни блискости и врски. Би сакал една рурална средина која е помалку селска, со повеќе инфраструктура и услуги за жителите, како и градови кои ќе бидат поприродни, повеќе ориентирани и посветени на животната материја и средина, со повеќе ниви и култури, заштитени реки и планини, паркови и зелени зони кои ќе живеат, со воздух кој е барем нешто помалку загаден. Треба да развиваме континуирана размена, културна размена помеѓу двете средини, каде градот ќе има да ја понуди својата урбаност, својот граѓански дух, својот колективизам, додека на руралните средини ќе им биде признаена централната продуктивност, примарноста, фактот дека не’ хранат, нејзината пејсажистика, нејзината ненадминлива и жива врска со земјата, водата и небото.

Токму ваквите кризи треба да се искористат како повод и причина за радикални промени во нашите градови, села или во нивниот однос, нешто што во исто време би значело и драстични промени во нашите општествени, политички и економски односи.

Пандемиите секогаш влијаеле врз градовите, селата и објектите. Колерата влијаела врз модерната сообраќајна мрежа. Кинеската чума врз целиот дизајн и цевководните мрежи, додека естетиката на модернизмот е делумно последица на туберкулозата, каде санитарните простории стануваат осветлени и бело обоени, а местата за хигиена поплочени. Формата секогаш е следена од стравот од зараза, исто колку и од функционалноста. И сега се навестува една нова трансформација, и до нас е кризата да ја трансформираме во можности, со почит и во рамнотежа со ритамот на Земјата и нејзините природни закони.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми