1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градот на културата Пловдив: Голема свињарија

Рајна Бројер
31 декември 2018

Пловдив е еден од најстарите градови во светот, омилено место за уметниците и креативците, но и дестинација за младите претприемачи - и Европски град на културата. Сѐ добро, само да не се појавеа две прасиња...

Bulgarien Plovdiv - Altstadt am Abend
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Градоначалникот на Пловдив сакаше за Божик „да ги пушти свињите“ и тоа буквално (изразот да ја „пуштиш свињата“ се користи во смисла на забавување без стеги, лумпување, н.з.). Убеден и решен, полн со радост во пресрет на претходните празници, на седница на Градскиот совет најави дека сите граѓани се поканети на колење свињи во центарот на градот. Целта е да се задржи бугарската традиција за Божик. „Многу луѓе, пред сѐ млади луѓе, веќе немаа можност да патуваат на село и да ја доживеат оваа традиција. Затоа решивме, традицијата да ја донесеме в град“, вели градоначалникот Иван Тотев. Предлогот предизвика големо внимание. Додека дел од граѓаните се загрижија дали две прасиња ќе бидат доволни за цел град и дали треба да бидат заклани во центарот на градот под елката, други се згрозени и сметаат дека оваа традиција се коси со титулата Европски град на културата за 2019 година која ќе ја носи градот.

„Политичарите кои нѐ водат имаат различна претстава за културата од нас што се занимаваме со култура и уште од почеток работевме на промоција на Пловдив да ја добие титулата Европски град на културата. Политичарите мислат дека со вакви активности ќе предизвикаат воодушевување и притоа не ја гледаат културата како нешто прогресивно што може да предизвика промени“, вели Манол Пејков.

Манол ПејковФотографија: DW/R. Breuer

Тој е издавач и еден од иницијаторите за кандидатура на градот како Европски град на културата. Тој беше член на здружението „Пловдив 2019" составено од пет претставници на цивилното општество и четворица претставници од политиката, кое работеше на подготовка на програмата. Пред една и пол година Манол Пејков заедно со останатите претставници на невладините организации го напушти здружението од протест, поради тоа што многу идеи и проекти кои беа клучни градот да ја добие титулата сега немаат поддршка од локалните политичари.

Решавање на конфликти преку култура

Централна тема на апликацијата беше фокусот врз етничките малцинства во Пловдив, пред сѐ Ромите. Столипиново, една населба во Пловдив која е и најголемата ромска населба на Балканот, требаше да биде дел од културната програма во следната година. „Ние веруваме дека културата може да предизвика и социјални промени. Поголемиот дел од младите кои живеат во Столипиново никогаш не ја напуштиле населбата, а од друга страна имаме жители на Пловдив кои никогаш не биле таму“, вели Манол Пејков. „Но, политичарите велат дека не сакаат на странската публика да им го покажеме она што ни е на маргините. ‘Зошто баш Ромите' велат. ‘Имаме и други етникуми тука' – и така нашата идеја беше отфрлена, а проектот стопиран."

Мариjaна ЧолаковаФотографија: DW/R. Breuer

Под мотото „Заедно“ требаше да се истакне ситуацијата на Ромите и тешката социјална кохезија. Преку култура да се надминат конфликтите, тоа беше темата која го убеди жирито да му ја додели на Пловдив титулата Европски град на културата за 2019 година. Мотото останува. Проектите не.

„Социјалната неизвесност во 1990-те ги натера луѓето да гледаат со сомнеж кон одредени етнички групи мислејќи дека 'другите' ќе им одземат дел од нивниот социјален статус. Ваквиот став е кај двете страни. При аплицирањето за град на културата ние знаевме дека Пловдив има многу историја, археологија и мултиклутурно општество, но се одлучивме да ја отфрлиме политичката коректност и да зборуваме за недостатоците и тензиите меѓу етничките заедници“, вели Мариjaна Чолакова, почесен конзул на Германија со седиште во Пловдив, која исто така е еден од иницијаторите за пријавувањето на градот. Целта беше ова да се надмине, бидејќи колку поискрено и поотворено се зборува на темата, толку повеќе решенија ќе може да се најдат. „И токму така ја формулиравме нашата апликација“, појаснува Чолакова.

Пловдив – мешавина на култури, религии, епохи

Пловдив е еден од најстарите градови во светот со над 8000 години историја. Тракијци, Римјани, Словени и други народи оставија траги низ градот. Тоа се отсликува и во архитектурата: римски амфитеатар, ранохристијански базилики, христијански, муслимански и еврејски светилишта го обликуваат градот заедно со хипстерски продавници, модерни кафетерии, ателјеа и улична уметност. Тој им е омилено место на уметниците, но и дестинација на младите претприемачи – град полн живот, кој со право ја доби титулата. Марина Чолакова е убедена во тоа: „Со оптимизам гледам на годината што доаѓа. Титулата Европски град на културата ни дава можност да станеме активен член на европската културна сцена. Досега ни недостасуваше самодоверба за да се чувствуваме така."

Столипиново: Под мотото „Заедно“ требаше да се истакне ситуацијата на Ромите и тешката социјална кохезијаФотографија: DW/V. Bojilova

Во 2019 година во градот се очекуваат над два милиона туристи од цел свет. Подготовките се во полн ек, а сепак голем дел од културните институции ќе останат затворени. Дури и градежните работи на главниот плоштад сѐ уште не се завршени. Иако договорот за реновирање беше одобрен уште во 2014 година. Сега се обидуваат провизорно да го замаскираат градилиштето. И други важни згради од културата нема да бидат подготвени навреме. Исто така недостасуваат и соодветни сали за планираните културни настани. Политиката во голема мера потфрли и не успеа да го подготви градот за претстојната година.

Неуспехот на политиката

„Старата и единствена концертна сала за големи настани во Пловдив со години е во лоша состојба и не може да се користи. Проект за реновирање веќе три години е во фиоката на градоначалникот, но ништо не се презема по тоа прашање", вели Пејков и набројува и други објекти кои се во распад. „Кино Космос, најголемото во комунистичко време во Бугарија, со повеќе од 900 места, е во никаква состојба. Пред две години градоначалникот под притисок на цивилниот сектор вети дека ќе даде еден милион лева за реновирање, но киното и натаму е во истата состојба."

Пловдив им е омилено место на уметницитеФотографија: D. Schwiesau

Повторното оживување и преобразба на т.н. тутунски град кој е населба од Пловдив во уметничка колонија е една од големите цели на градот за 2019. Таму со децении се наоѓаше срцето на бугарската тутунска индустрија која по комунизмот беше приватизирана. „Иако повеќето објекти таму се заштитени како споменици, сепак новите сопственици главно се заинтересирани за локацијата. Зградите не може да се урнат, но се применува друга тактика: покривите се отстранети и сега временските услови си го прават своето“, вели Пејков.

„Со оглед на овие околности не сакам да ги коментирам изјавите на градоначалникот за колењето на свињите", вели Маријана Чолакова.

Неискористениот потенцијал на градот

Токму кога ја даде изјавата, стигна и пресвртот: погрешно било сфатено. Се работело за „социјален експеримент", појасни градоначалникот. Идејата била да се поттикне дебата за бугарските семејни традиции во кои спаѓа и колењето животни за Божик. Интересна дебата како за почеток на европска претстолнина на културата 2019.

Пловдив е град полн животФотографија: D. Schwiesau

Вистинската свињарија изгледа не се прасињата, туку промашениот потенцијал. Историјата и атмосферата во вториот најголем град во Бугарија ги нуди сите предуслови за европска претстолнина на културата. Старите традиции, недовршени градби и социјалната дискриминација би можеле да бидат пречка за реализација на можностите. Пропуштена шанса, заклучува Пејков.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми