Западен Балкан: Лошата стара игра со географски карти
Норберт Мапес-Нидик
7 мај 2021
Каде точно лежат националните граници во Југоисточна Европа? Ова прашање не можеше да го одговори ниту еден од бројните планови за нова поделба на регионот.
Реклама
Првиот набрзина подготвен план за поделба на Југославија беше брзо спроведен во 1941 година: Кога германските вооружени сили ја нападнаа и поразија мултиетничката држава основана во 1918 година, пет соседни држави нации добија дел од нејзината тогашна територија: Голема Германија, Италија, Унгарија, Бугарија и Албанија.
Во областа што преостана, покрај окупираната Србија, беше формирана и „Независна држава Хрватска“, во која беше вклучена и цела Босна и Херцеговина. „Јасни односи“ во етничка смисла, меѓутоа, нацистичката креација можеше да постигне само преку геноцид: меѓу 320.000 и 340.000 Срби, десетици илјади Роми и Евреи беа убиени за нешто помалку од четири години.
Уште во 19 век, кога Отоманската империја започна да се распаѓа, се постави прашањето од каде треба да започнуваат, а каде да завршуваат новонастанатите држави. Во 1878 година големите сили нацртаа нови граници на Балканот на табла за цртање на Берлинскиот конгрес, а во 1912/13 година шест европски амбасадори ја исцртаа новата држава Албанија. Албанците, Бугарите, Грците, Србите, Македонците и Црногорците не беа ни поканети.
Кога мултиетничката држава Австро-Унгарија се распадна на крајот на Првата светска војна, САД под раководство на претседателот Вудроу Вилсон се залагаа за принципот на националност: „народите“ треба самите да си ја одредат судбината. Но, што беше народ, а што не, остана отворено. Американскиот концепт на „нација“ како население на една држава беше несоодветен. За возврат, сите новонастанати држави во источна Европа опфаќаа и бројни национални малцинства.
Идентитет, централизам, автономија
Пред сè во Југославија, но исто така и во Романија, Бугарија, Грција, Унгарија, Чехословачка и во Украина, имаше многу спорови за идентитетот, централизмот и автономијата пред и долго по Втората светска војна. Промените на границите меѓутоа беа табу тема, откако Германците помеѓу 1939 и 1945 година ја окупираа и наново ја поделија цела источна Европа, ја растурија Југославија, ја смалија Романија и ги зголемија Унгарија, Бугарија и Албанија.
Играта со герографски карти повторно доби залет кога Источниот блок се распадна на крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Во Словенија, списанието „Младина“ на својата сатирична страница во 1989 година објави предлог како Југославија може да се реорганизира: Меѓу Австрија, Унгарија и злокобната „Јужна Југославија“, би можеле да настанат „Обединети Републики на Западна Југославија“ - составени од Словенија , Хрватска, Босна и Херцеговина.
Сатиричното стана сериозно
Она што беше смислено сатирично во 1989 година стана крваво сериозно две години подоцна: во 1991 година Југославија се распадна. Утврдувањето на границите на државите наследнички се покажа не помалку тешко од опстојувањето на Југославија. Припадниците на српското малцинство основаа „Република Српска Краина“ на територијата на Хрватска. Во соседна Босна и Херцеговина беа основани и „Република Српска“ и хрватската „Република Херцег-Босна“.
Насловните страници на „Шпигел“ за Југославија
Германскиот неделник „Шпигел“ слави 70 години постоење. На неговите насловни страници Југославија се најде 15-тина пати. Македонија, досега, ниту еднаш.
Титовата одисеја?
Во септември 1951. насловната страница излезе во 3 бои. Приказната за „Титовата одисеја“, наречена е „Ничиј слуга во ничија земја“. Во текстот е картата на двата блока и Југославија помеѓу со прашањето: Клучна алка или пукнатина во тврдината?. Авторот пишува: силната Југославија му е потребна на Запад- „засега“- и тоа како комунистичка земја која ја демонстрира слабоста на Источниот блок.
Фотографија: Der Spiegel
Свежа крв
Насловната страница од октомври 1964. година има посредно врска со Југославија. Станува збор за гастарбајтерите, кои пристигнуваа од Иберискиот полуостров, од Италија, Југославија, Грција и од Турција. „Стројниците на западногерманските работодавачи зујат по континентот за да донесат свежа крв на пазарот на труд“, пишува во текстот.
Фотографија: Der Spiegel
Моделот се распаѓа
Неверојатно далековиден изгледа текстот од 21. јануари 1980: „Тито е сѐ уште жив“- кој во „Југославија по Тито“ ја гледа следната светска криза? Прогнозата гласи: „Националистичките групи се борат меѓу себе, економскиот замав е запрен, моделот Југославија се распаѓа“. Додуша, не дојде до светска војна, т.е. до судир меѓу Советите и Американците во Југославија, како што се плашеше „Шпигел“.
Фотографија: Der Spiegel
Големосрпски блок
„Зандана за народот на Југославија: Терор на Србите“ е наслов од јули 1991. по прогласувањето независност на Хрватска и Словенија. Во текстот се потсетува дека 38% Срби живеат во другите југословенски републики и оти Милошевиќ веќе подготвува ново цртање на границите. „Во оваа завршна фаза чукна часот за српската воена мафија во карпата на мултинационална држава да издлаби големосрпски блок.“
Фотографија: Der Spiegel
Импотентноста на Западот
„Сликите не се толку утописки, толку слични на Војни на ѕвездите“, како што е случај во Заливската војна која е водена со прецизни бомби, пишува „Шпигел“ на почетокот на јули 1992. Сликите од Југославија се „полни со бруталност и архаична грозоморност“. Се тематизира и „импотентноста“ на западните демократии и ОН за време на оваа, како што ја нарече Милован Ѓилас: „најглупава од сите војни“.
Фотографија: Der Spiegel
Непожелни
Приказната за егзодусот од Југославија звучи актуелно. Насловот од крајот на јули 1992. гласи: „Бран од Балканот: Кој ќе ги прифати бегалците?“ Зборовите за прифаќањето на стотици илјади босански муслимани можат да се применат и денес: Бегалската трагедија можат да ја ублажат само брзи договори и прифатни контингенти. Но Европската заедница се колеба: секој непожелните ги турка кај некој друг“.
Фотографија: Der Spiegel
Србите против остатокот од светот
Наредната насловна страница е дури во јуни 1995. На неа „господарот на војната“ Радован Караџиќ со зборовите: „Србите против остатокот од светот“. Повод е заробувањето на 370 Сини шлемови. Интервју даде тогашниот шеф на дипломатијата на СРЈ, Владислав Јовановиќ: „Младиќ е тврдоглав, но способен генерал. Во Титовите школи научи да почитува политички авторитети. Нема да се закачи со Караџиќ“
Фотографија: Der Spiegel
Казнено бомбардирање
„Шпигел“ за бомбардирањето на СРЈ во 1999. објавува пет насловни страници едно по друго. Првата е со наслов: „Војна против убивањето- страв од неконтролиран пожар“. Интервенцијата на НАТО е наречена „казнено бомбардирање“, кое Белград треба да го принуди на договор со косовските Албанци. Но се ризикува прелевање на конфликтот посебно во Македонија, но и во Германија, каде има многу Срби и Албанци.
Фотографија: Der Spiegel
Дебакл на НАТО
Три недели подоцна магазинот пишува за „дебакл на НАТО“, кој со „сѐ повеќе авиони и напади“ се обидува да го зголеми притисокот врз Белград, но се почесто погодува и цивилни цели. Дури тројца новинари во интервју го притискаат шефот на дипломатијата Јошка Фишер, кој се брани од обвинувањата: „За мене војна е војна, а тоа значи дека страдаат луѓе, често невини луѓе. Затоа војната е толку ужасна.“
Фотографија: Der Spiegel
Војна за чиста совест
Во наредното издание се најавува „одлуката“- копнена војна или мир. Во остриот текст германското учество во бомбардирањето на СРЈ се критикува како „војна за чиста совест“. Се исмеваат и споредувањето на Милошевиќ и Хитлер и „војничкиот новоговор“ за „колатерална штета“ со заклучок: „Никој сериозно не може да тврди дека војната на Косово е во согласност со повелбите на ОН“.
Фотографија: Der Spiegel
Mir?
На 7. јуни, три дена пред крајот на бомбардирањето, насловот е „Мир? Цена, ризик, последици“.Канцеларот Герхард Шредер во интервју вели: „Војната никогаш не се исплатува.Но за жал беше неопходна за да се елиминира конфликт, кој инаку би имал далеку потешки последици.“ Дописничката од Белград јавува:„Олеснувањето кај Србите поради претстојниот крај на војната се меша со бесот кон режимот“.
Фотографија: Der Spiegel
Најопасен дел од авантурата
Седма насловна страница која е посветена на војната на Косово. Тоа говори колку за Германците беше значаен овој судир- прва „германска војна“ по Хитлер. Шпигел за влегувањето на меѓународните сили на Косово пишува дека тоа е „можеби најопасниот дел од целата балканска авантура на НАТО“.За Милошевиќ пак прашањето: Уште колку царот на Србите може да се задржи на власт? Дали му се заканува пуч?“
Фотографија: Der Spiegel
Пад на последниот бастион
Последната насловна страница на „Шпигел“ за регионот е на 9. октомври 2000., што покажува дека падот на Милошевиќ значеше и пад на интересот на светските медиуми за регинот. Во насловот цитат од Воислав Коштуница: „Денеска пишуваме историја“. Во текстот малку помпезно (и неточно) стои: „Со неосталинистот Милошевиќ, волјата на народот го збриша и последниот комунистички бастион во Европа.“
Фотографија: Der Spiegel
13 фотографии1 | 13
Мнозинство на другите
Во самата Србија, албанското малцинство се стремеше кон независност, кое во еден дел од земјата, „Автономната покраина“ Косово, сочинуваше огромното мнозинство од населението. Додека на киосците во Тирана, главниот град на соседна Република Албанија, се продаваат карти на етничка „Голема Албанија“, која би требало да опфаќа половина од Црна Гора, потоа северозападна Грција и да се протега сè до Ниш во централна Србија, радикалните албански националисти сонуваа на една половина од Македонија да создадат „Република Илирида“.
По мировниот договор од Дејтон во 1995 година, со кој ѝ беше ставен крај на војната во БиХ, големите сили сакаа границите на новите држави да бидат исто толку неповредливи како претходно југословенските. Една војна - за Косово во 1999 година - и дванаесет години подоцна, сепак настана една нова држава: Република Косово (2008). Веднаш одново започна играта со географски карти.
Интервенцијата на НАТО во Србија, 20 години потоа
Бомбардирање на НАТО на Југославија (Србија и Црна Гора) во 1999 година му стави крај на насилството врз косовските Албанци. Но и 20 години подоцна, нападите извршени без одобрение на ОН, остануваат контроверзни
Фотографија: picture-alliance/dpa
Траги од војната
Косовскиот конфликт се интензивираше во втората половина на 1990-те. Десетици илјади луѓе беа раселени. Кога сите напори да се постигне мир во регионот пропаднаа, НАТО започна воздушни напади врз воени и стратешки цели во Србија на 24 март 1999 година. По 11 недели, српскиот претседател Слободан Милошевиќ капитулираше.
Фотографија: Eric Feferberg/AFP/GettyImages
Неуспех на ненасилниот отпор
Состојбата во Косово почна да зоврива уште на почетокот на 1980-те кога Албанците почнаа да бараат поголеми права. Состојбата ескалираше во 1990 а со неа и српската репресија врз населението. Ибрахим Ругова, кој го предводеше ненасилното движење од 1989 година се обидуваше да го убеди Слободан Милошевиќ да го смени курсот- но попусто.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Герилска војна
Кон средината на 1990-те се формираше вооружен отпор, а самопрогласената Ослободителна војска на Косово (УЧК) започна брутална герилска војна. ОВК започна напади против Срби, но и Албанци кои ги сметаше за соработници. Србија возврати со палење куќи и уништување бизниси. Насилството ескалираше.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Систематско исфрлање
Војната стана исклучително брутална, а српските сили ги засилија нападите врз цивилното население во обид да ја уништат УЧК и нивната мрежа на поддржувачи. Илјадници луѓе побараа прибежиште во околните планини и шуми. Подоцна, откако почнаа НАТО нападите, дојде и до масовно етничко чистење. Стотици илјади луѓе ја напуштија земјата, а честопати им беа одземани и сите лични документи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Последен обид за договор
Во февруари 1999, САД, Велика Британија, Франција Русија и Германија ги повикаа двете страни во Рамбује, Франција. Преговорите пропаднаа откако обете страни, и официјален Белград и Приштина, останаа тврдо на своите позиции. Србија го одби и предлогот за автономија на Косово, иако истиот не им беше по волја ниту на косовските Албанци.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Хуманитарна интервенција“
На 24 март 1999 година, НАТО започна со напади врз воени и стратешки цели во Србија и Косово. Германија исто така учествуваше во бомбардирањето. „Операцијата Здружени сили“ беше прва во 50-годишната историја на НАТО и беше изведена без одобрение на Советот за безбедност на ОН. Русија остро ја критикуваше интервенцијата.
Фотографија: U.S. Navy/Getty Images
Уништена инфраструктура
Освен воени цели, НАТО бомбардираше патишта, железници и мостови. Во тие 79 дена, сојузничките сили извршија 37 илјади летови над Србија, а врз земјата беа фрлени над 20 илјади бомби и ракети. Според српски извори, убиени беа над 2.500 цивили, а според меѓународни околу 500 луѓе. НАТО истите ги нарекуваше „колатерална штета“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Отровен облак над Панчево
Индустријата исто така беше цел на напади. Во Панчево, во близина на Белград, бомбите на НАТО ја погодија хемиската фабрика. Огромни количества хемиски супстанци се излеаја во водата и почвата, доведувајќи во опасност илјадници цивили. Србија го обвини НАТО дека користи бомби со осиромашен ураниум, како и забранети касетни бомби.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Напад врз пропагандната машина
Целта на нападот врз зградата на РТС беше да се уништи пропагандната машинерија на Слободан Милошевиќ. Но во него страдаа невини цивили и новинари. Контроверзниот напад остави дамка врз кампањата на НАТО, иако српските власти биле предупредени за него, но не сториле ништо за да ги заштитат вработените. 16 луѓе загинаа во нападот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Ужасната цена на војната
На почетокот на јуни, Милошевиќ сигнализираше дека може да се предаде. НАТО ги прекина нападите на 19 јуни, а Србија потпиша капитулација во Куманово. Крајниот цех на војната: илјадници мртви и 860 илјади бегалци. Српската економија и голем дел од инфраструктурата беа уништени. Косово беше ставено под администрација на ОН, а српските сили го напуштија.
Фотографија: picture-alliance/dpa
10 фотографии1 | 10
Пропаднати планови за поделба
Тогашниот српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, предложи поделба на Косово помеѓу Србите и Албанците, идеја која доајенот на српскиот национализам, писател и дисидент Добрица Ќосиќ, ја прокламираше уште во 1968 година. Кога во 1992/93 година накратко стана претседател на „Сојузна Република Југославија“ (1992-2003), составена од Србија и од Црна Гора, Ќосиќ ги врати своите идеи на маса - но, залудно.
И министерот Дачиќ не успеа поради отпорот од САД. Дури кога Доналд Трамп стана претседател на САД во 2017 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, уште еднаш се осмели да се обиде повторно со планот за поделба. Тој заедно со неговиот тогашен косовски колега Хашим Тачи, предложи недефинирани „гранични корекции“ - претежно српскиот север на Косово да припадне на Србија, а крајниот југ на Србија, населен со Албанци, да биде придодаден на новата Република Косово.
Улогата на Западот
Предлогот во странство наиде на изненадувачки широко одобрување. Христијанско-демократскиот претседател на Европската комисија , Жан-Клод Јункер, се залагаше за размена на српско-албанските територии, исто како и неговиот комесар за проширување од истата парламентарна група, Јоханес Хан, потоа социјалдемократската висока претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, како и австрискиот претседател од редовите на Зелените, Александар Ван дер Белен.
Претседателот Трамп испрати одобрувачки писма и специјалниот пратеник Ричард Гренел, и ги покани креаторите на новата карта во Белата куќа. Во соседството, српскиот член на претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој долго време се залагаше за поделба на мултиетничката држава, беше воодушевен. Неговиот хрватски колега ја искористи можноста да побара поголема автономија за неговата етничка група.
Во меѓувреме, Трамп веќе не е претседател на САД. Ништо не се случи во врска со косовско-српската „размена на територии“. И најновиот „нон-пејпер“ на оваа тема веројатно ќе заврши како славното пукање во празно. Едно е сигурно: сè додека шефовите на владите фрлаат коцки за територии, сите конкретни проблеми со кои се соочуваат општествата на Западен Балкан - пред сè невработеноста, сиромаштијата, корупцијата и загадувањето на животната средина - се одложуваат на неодредено време.