1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Графити како инспирација за штофени играчки

Ј.Тенцлер / Е.М.Фиданоска14 август 2014

Графити како инспирација за штофени играчки - две дизајнерки од Берлин сакаат на стритарт-уметноста да и‘ дадат нови димензии.

Фотографија: Jade-Yasmin Tänzler/RBB

Графити-монструми во Берлин, на ѕидови од бетон или тули. Никол Мит и Јуле Халзингер „ги ловат“ монструмите. Едната е дизајнерка, а другата фотограф. Нивниот заеднички уметнички проект гласи - од графити-монструмите да се направат штофени играчки.

„Убаво е кога сето ова некако можеш да го извлечеш, да му вдахнеш живот. Потоа од еднодимензионална уметност, која е цврсто втисната на камен и цврсти предмети, можеш да создаваш тридимензионална уметност, можеби од текстил кој е подвижен“, вели Никол Мит.

Графити од штоф - тоа е идејата. За таа цел двете одат во лов на монструми. Во Берлин, кој е една од светските стритарт-метрополи, насекаде го наоѓаат она што го бараат. Она што ќе биде избрано, потоа се шие од текстил. На тој начин станува трајно она што всушност е минливо.

Јуле Халзингер вели: „Толку бргу се санира што Никол не успева навистина да ги реализира работите, односно да направи фотографија од готовата играчка покрај графитите кои биле инспирација.“

Никол Мит има мала продавница во населбата Пренцлауерберг. Таму ги шие и продава штофените играчки за деца. Во ателјето зад продавницата, меѓутоа, се создаваат и графити-монструмите:

„Навистина правам вистински крој. Размислувам како тие животни би изгледале тридимензионално. На пример, кај октоподот - колку краци се насликани, што мора да направам за тие навистина да се движат.“

За Јуле Халзингер и Никол Мит проектот со монструмите е натамошен развој на стритартот. Тие се‘ уште не ги продаваат ниту своите штофени играчки, ниту пак фотографиите. Прво сакаат да ги расчистат сопственичките права со стритарт-уметниците. Дотогаш со ваквата уметност се занимаваат од забава, ги приближуваат графитите и штофените монструми и ги фотографираат.

Никол Мит и Јуле Халзингер „ги ловат“ монструмитеФотографија: Jade-Yasmin Tänzler/RBB

Во моментов како галерија им служи едно кафуле во населбата Берлин Мите. Тука се изложени нивните графити-монструми и фотографиите. Но двете сонуваат за повеќе. И, за тоа, наскоро можеби ќе добијат и шанса. Никол Мит најавува:

„Има една галерија која е заинтересирана. Таму има повеќе место, па животните можеме да ги правиме поголеми. Во моментов сме ограничени на одредена големина“.

Двете дизајнерки посакуваат да ги изложуваат своите дела, да соработуваат со стритарт-уметниците. За тоа да се оствари и натаму работат на своите графити-монструми кои може да се допрат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми