1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе предизвика ли еколошката такса ценовен шок?

ДТЗ
15 јуни 2021

Владата ќе предложи да се намали ДДВ од 18 на 5 проценти на сметките за електрична енергија за да се амортизира ударот од поскапувањето на струјата.  

Stromzähler in Privathaus
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од 1 јули годинава се воведува нова давачка за граѓаните – еколошка такса од 3,5 денари за нафта и нафтени деривати. Целта е да се откажат граѓаните од нафта и да се возат со велосипед, тротинет или електричен автомобил, вели премиерот Зоран Заев. Според него, новата давачка е дел од зелената агенда на Владата, а парите собрани по овој основ ќе одат во таканаречениот еколошки фонд. Од еколошката такса годишно во буџетот ќе се влеваат 54 милиони евра. 

Новата давачка е предвидена со ребалансот на буџетот. „Веќе отворивме еколошки фонд со којшто треба да го поддржиме инвестирањето во обновливите извори на енергија. Влезени сме во сериозен процес на промена на јагленовите термоелектрани во фотонапонски, ветерници и гасни“, вели Заев, кој смета дека паралелно со тоа државата мора да ги јакне своите институционални и финансиски можности за инвестирање во вакви извори. 

-повеќе на темата: Ќе не „изгори“ ли новата цена на струјата?

Олеснување за граѓаните ќе биде намалување на цената на ДДВ за струја, со што сметките наредните две години ќе бидат помали и се очекува на тој начин да се амортизира ударот од поскапувањето на електричната енергија. Заев најави дека од наредниот месец цената на ДДВ за струја ќе се намали од 18 на 5 отсто. Ваквата мерка ќе трае до 1 јули 2022 кога ќе биде 10 отсто, а од јули 2023 повторно ќе се врати на 18 отсто. Заев очекува ваквата мерка ќе овозможи социјална стабилност на граѓаните. 

„До 2023 ќе ги подготвиме најсиромашните преку државна помош да ги пребродат енергетски промени. И со воведувањето на еколошка такса остануваме со најниски цени на нафтата во регионот“, рече Заев. 

Ценовен шок

Ќе предизвика ли новата давачка ценовен шок за граѓаните? Експертите сметаат дека еколошката такса за горивата би можела да ги поскапи цените и на другите производи, но дека трговците можат да ги оптимизираат трошоците и на друг начин, а не само преку повисоки цени. „Еколошки данок има секаде во светот и време е поодговорно да се однесуваат сите граѓани“, вели во изјава за медиумите академикот и ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети. 

-повеќе на темата: Увозот на струјата сепак ќе падне на товар на граѓаните

Премиерот Зоран Заев на прашањето дали може да гарантира дека поскапувањето на електричната енергија нема да се случи, вели дека не зависи се од него. „Не можам да гарантирам зошто Мицкоски може да блокира одредени закони повторно во Собранието. Сите работи не зависат од мене, но дефинитивно агендата е устроена и државата има стратегија за меко спуштање на цените на либерализација на пазарот. Ние како земја треба да направиме се да не дојде до покачување на цената“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по повод доделување на првите договори за инфраструктурни проекти на 23 општини од ТАВ-програмата. 

Од ВМРО- ДПМНЕ реагираат дека начинот на Владата за воведување на еколошка такса на нафтените деривати дополнително ќе ги втурне граѓаните во сиромаштија. „ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше, власта велеше дека било лага она коешто Заев денеска го призна и обелодени дека ќе се воведе нова еколошка такса за литар дизел гориво. За шест месеци дизелот поскапе за 7.5 денари, а сега повторно се удира врз и онака сиромашните граѓани, дополнително зголемување од 3,5 денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

-повеќе на темата: Кој има пари за поеколошки автомобил, ќе плаќа помал данок

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски деновиве изјави дека само со новиот ребаланс Владата ќе го задолжи секое семејство во земјата со нови дополнителни 500 евра. „Воедно, со ребалансот се предвидува и нова давачка, а тоа е поскапување на дизел горивата за скоро 4 денари, што ќе биде директен удар за сите граѓани, а особено за земјоделците и транспортерите, што ќе предизвика ценовен шок и нов бран поскапувања на сите производи. Е оваа давачка ја викаат ’еколошки данок’. Така, поатрактивно да делува”, рече Мицкоски. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми