1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грекзит“ се враќа како тема во германскиот печат

З. Јордановски/дв,ип, капитал1 септември 2015

Грција се уште не почна практично ниту да ги спроведува бараните реформи, но во германскиот печат повторно се враќа темата за можниот „грекзит“. Еврото како повод за европската должничка криза

Фотографија: picture-alliance/dpa/Peter Zimmermann

Магазинот „Капитал“ во поднасловот на аналитичкиот текст „Операција излегување“ забележува: „Грција во последна минута попушти пред барањата на доверителите. Но, посомнително од кога и да е, е дали трајно ќе остане во еврозоната“. Кога Грција и ЕУ сега би можеле да се вратат на самиот почеток, не би се зафатиле со пристапување на Грција кон еврото, оти „за обете страни не би имало ни една единствена добра причина заеднички да формират монетарнрна унија. Не се само ексцентричните Британци кои докажуваат дека една земја може многу добро да излезе на крај и без заедничката валута. И Данците и Швеѓаните, Полјаците и Чесите имаат сопствена валута и со тоа барем и опција, по потреба за сопственото стопанство да го променат менувачкиот курс. Тие и покрај тоа не се полоши Европејци. (...) Грците со своето стопанство надвор од еврото би биле на посигурната страна, отколку внтаре. Но, проблемот за сите засегнати е дека тие се веќе внатре“. Во резимето на анализата на причините кои говорат во прилог на грекзит и против „и натаму како досега“, се вели: „Кризниот самит во јули ги покажа премногу јасно сјајот и бедата на ’спасувачката политика‘ за Грција. Сјајот: Европа секогаш наново успева да ја спречи заканата од голема експлозија. На Ангела Меркел притоа од сите страни и се воодушевуваат за нејзиниот кризен менаџмент. Бедата: токму тој менаџмент, кој постојано само ги турка напред проблемите, така што наредниот кризен самит е веќе програмиран. Сега за прв пат на маса беше ставен и предлогот за грекзит. Но, кога предлогот на Шојбле предизвика заканувачко дејство, беше веднаш повлечен и затворен во ормарот за отрови. Погрешно е тој да биде заборавен таму. Конфликтите веќе не можат понатаму да се одложуваат за во иднина, на Грците и на Европејците им е потребно издржано решение. Грекзитот е скап, но неговите шанси имаат поголема тежина“, заклучува „Капитал“.

„Последици на едно погрешно решение“

Специјализираната публикација „Меѓународна политика“ ја зема грчката должничка криза и реакцијата на ЕУ на неа како повод за анализа на состојбата и на иднината на ЕУ и на почетокот констатира: „Актуелните проблеми покажуваат: во ЕУ нема носечки базичен консензус. Пакетот за Грција е одложено решение за иднината на Европа. Напнатоста нема да се расчисти, ако монетарната унија конечно не биде комплетирана во една фискална и политичка унија. Инаку, на ЕУ и’ се заканува да пропадне“.

Во анализата авторот проф. др. Хајнрих Аугуст Винклер, историчар и поранешен професор на Хумболтовиот универзитет во Берлин, автор на „Историјата на Западот“ во 4 тома, заклучува:

„Еврото, наспроти очекувањата на неговите творци, не ги зближи народите на Европа. Досега тоа многу повеќе придонесе тие да се оттуѓуваат едни од други. Ги засили имеѓусебните негативни клишеа, повторно ги заживеа старите задршки едни кон други и разбуди нови анимозитети. Европа со еврото не стана поевропска, туку понационалистичка. Заедничката валута, така изгледа во моментов, ги преоптовари народите од еврозоната и тоа на различни начини и земјите приврзанички на мека, како и приврзаничките на тврда валута. Едните се чувствуваат изложени на диктат од Германија, другите - од постојаните апели за нивна солидарност - сметаат дека искористени. (...) Во основа на речиси хроничната криза во еврозоната лежи она, што старите Грци го нарекоа ’протон псеудос‘, односно првична лага. Формирањето монетарна унија, без истовремено да се востанови и фискална и политичка унија, е подлабоката причина за проблемите со кои мора да се бори еврозоната. (...) Проширувањето на ЕУ отиде многу понапред од нејзиното продлабочување. Онака, како што Грција го става под прашање опстанокот на еврозоната, така земји како Унгарија и Романија, со нивното кршење на основните принципи на ЕУ, го прават истото во поглед на целината на тој сојуз на држави. Во моментов не може да стане збор за некаков носечки политички темелен консензус ни во потесната унија на 19 земји, ниту во ЕУ на 28-темина. Се вели дека процесот на европското обединување не може да се врати назад и заедницата од кризите секогаш излегувала посилна. Ние не би требало да се потпреме на тоа, дека кај овие поучни реченици станува збор за историски закономерности“, скептично заклучува „Интернационале политик“.

„Проклетството на Грција“

Весникот „Ди Велт“ се занимава со позицијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во грчката должничка криза. Во текстот се потсетува дека уште пред 5 години, кога ММФ решаваше за учество во првиот пакет помош за Грција, 24-та членови на неговиот директориум имаа главоболки за да дадат зелено светло. Тогашниот прв човек на Фондот Доминим Строс-Кан премногу слободно ги интерпретирал правилата на ММФ за да може да се дојде до политички посакуваното решение за учество во тој пакет. ММФ сека во октомври повторно ќе мора да решава за учество во третиот пакет, иако „во изминатите недели не остави никакво сомневање во тоа, дека смета дека грчките долгови ’во најголема мера‘ не можат да бидат сервисирани“. Затоа ММФ бара отпис на грчките долгови, „иако во последно време не го употребува тој израз. Овој пат треба една нова дефиниција за поимот ’можност за сервисирање на долговите‘ да ја отвори вратата за учество на ММФ. Сега веќе не е клучно мерило товарот на долговите,туку коефициентот на брутофинансирање, кој се состои годишните обврски од каматите и од главнината на долгот на една земја. Според овој критериум, ситуацијата на Грција изгледа помалку мрачна, отколку кај коефициентот на долговите (во однос на годишниот бруто домашен производ -н.з.)“, пишува „Ди Велт“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми