Грета пред светските лидери: Ми го украдовте детството!
БГ/ ДВ
23 септември 2019
Во Њујорк е отворен Климатскиот самит на ОН со присуство на 60 светски лидери. Активистката Грета Тунберг им испрати остра порака на државниците дека е време за дела, а не за зборови.
Реклама
Тинејџерската активистка Грета Тунберг жестоко ги искритикува светските лидери на отворањето на самитот на ОН поради нивната индолентност кон егзистенцијалната криза со климатските промени.
„Од нас младите луѓе барате надеж. Како се осмелувате?“ порача разлутената Тунберг пред публиката составена од водечките светски лидери на Самитот за климатска акција на ОН во Њујорк.
„Ми ги украдовте соништата и детството со вашите празни зборови, но јас сум сепак една од среќните. Луѓето страдаат, луѓе умираат, цели екосистеми колабираат“, се развика младата Швеѓанка која мобилизираше илјадници млади ширум светот во борба против климатските промени.
„Се наоѓаме пред масовно исчезнување, а вие зборувате само за пари и кажувате бајки за вечен економски раст“, рече 16-годишната активистка, едвај задржувајќи ги солзите во очите. „Доколку одберете да не разочарате, никогаш нема да ви простиме“.
Повеќе од 60 светски лидери се очекуваат на самитот кој го свика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш со цел да се бараат решенија за климатската криза. Меркел: Сиромашните ја трпат штетата
Германската канцеларка Ангела Меркел, чија влада минатата недела усогласи пакет мерки за борба со климатските промени, на настанот порача дека меѓународната заедница треба да ги слуша научниците и младите.
„Сите ги слушнавме повиците за будење од младите“, рече таа, алудирајќи на климатските протести. „Германија има 1% од светското население и 2% од емисиите на штетни гасови“. Меркел го опиша новиот климатски пакет на нејзината влада како почеток на „коренита транзиција“ која ќе ја направи Германија климатски неутрална до 2050 година.
Германската канцеларка оцени дека климатските промени се глобален проблем и дека индустриските нации се примарен извор на стакленички гасови, додека државите во развој ги трпат штетите од кризата.
7 необични последици на климатските промени
Климата се менува и предизвикува да се случат некои необични нешта - како промена на полот на младенчињата кај животните. Еве некои од најнеочекуваните начини на кои климатските промени ќе влијаат врз животот на Земјата:
Фотографија: picture-alliance/dpa
Внимавајте: медуза бум!
Иако има многубројни фактори зад големиот број медузи кои стигнуваат до туристичките одморалишта, на пример на брегот на Средоземното Море, климатските промени, исто така, се делумно виновни за тоа. Потоплите температури на морињата отвораат нови области во кои медузите може да се размножуваат, и ја зголемуваат достапноста на нивната омилена храна: планктонот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Совршеното дрво исчезува
Ценети поради нивниот супериорен квалитет на звукот, оригинална Страдивариус виолина може да се продаде за милиони долари. Но, екстремните временски појави убиваат милиони дрва, доведувајќи го во опасност прочуеното дрво во шумата Паневеџо, во северна Италија. Засадувањето дрвја нема да помогне многу на кус рок. Една смрека треба да биде најмалку 150 години стара пред да стане виолина.
Фотографија: Angelo van Schaik
Заборавете на спиењето
Во многу жешките ноќи луѓето спијат полошо, особено во големите градови. До 2050 година во европските метрополи температурите на лето може да бидат повисоки за 3,5 степени. Тоа не само што влијае на спиењето, туку и на расположението, продуктивноста и менталното здравје. Единствениот начин да се избегне тоа е преселба во помали места, каде ноќите се поладни со помалку згради и повеќе зеленило.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R.K. Singh
Извинете за носот
Пролетта започнува порано поради глобално повисоките температури - лоши вести за оние кои страдаат од алергија. Со подолга сезона без мраз, растенијата имаат повеќе време да растат, да цветаат и да произведуваат полен. Затоа поленот слободно ќе си лета многу порано, што ќе ја направи сезоната подолга за оние кои имаат алергија. Дали тоа ќе биде век на маски против загадување на воздухот и алергии?
Топлината не само што прави да се потиме туку и влијае на нашето здравје. До крајот на векот се очекува 3/4 од светското население да биде изложено на смртоносни топлотни бранови. Растот на температурите значи и раст на стомачните заболувања, бидејќи е полесно бактериите да се размножуваат во топла храна и вода. И бројот на комарци веројатно ќе се зголеми заедно со други болести како маларијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schulze
Куќите се распаѓаат
Почвата во регионот околу Северниот пол засилено се топи во летните месеци, со драматични локални и глобални последици. Високите температури предизвикуваат подовите да станат нестабилни, а куќите и патиштата да попуштаат. Освен тоа, ако се стопи „вечниот мраз“ на Арктикот - ќе се ослободат CO2 и метан гасови што дополнително можат да го влошат глобалното затоплување. Тоа е злокобен круг.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Antonov
Машко или женско? Прашајте ги климатските промени
Температурата дури може да влијае и на полот на неколку видови животни. За морските желки, топлината на песокот каде што се положуваат јајцата го одредува полот на новороденчето. Ниските температури се подобни за машките желки, повисоките за женките. Истражувачите открија дека во мрестилиштата за желки во северна Австралија веќе сега над 99% се женки, што е голем проблем за преживување на видот.