Спроти самитот на лидерите на САД и на Северна Кореја во Сингапур, јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин пристигна на разговори во Вашингтон.
Реклама
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Белата Куќа ќе го прими јужнокорејскиот колега Мун Џае Ин. А каков приоритет Трамп ѝ дава на оваа билатерална средба говорат веќе самите рамковни услови: тој имено ќе разговара со Мун во четири очи, половина час.
Доминантна тема на разговорите се разбира ќе биде Северна Кореја. Три недели пред историскиот самит Трамп-Ким на 12 јуни во Сингапур, американскиот претседател во разговорите со јужнокорејскиот колега ќе се обиде да ги разјасни точните намери на лидерот на Северна Кореја. Тие исто така ќе разговараат за денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров. Двајцата претседатели за време на викендот одржаа телефонски разговори, а по денешната средба во Белата куќа нема да биде одржана заедничка прес-конференција.
Атмосферата пред денешниот состанок во Вашингтон и претстојниот самит САД-Северна Кореја е далеку од еуфоријата, која настана по најавата на Ким Јонг Ун дека се согласува да се сретне со Трамп.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс синоќа изјави дека нема сомнеж дека Трамп би можел да ги напушти преговорите со Ким за денуклеаризацијата на Северна Кореја доколку увиди дека нема конкретни резултати.
Патем, останува и одредена неизвесност околу одржувањето на самитот Трамп-Ким, кој и без тоа е обвиен со плашт на таинственост. Имено, јужнокорејската новинска агенција Јонхап неодамна пренесе дека Пјонгјанг се заканува дека ќе го откаже состанокот во Сингапур поради воените вежни во Јужна Кореја.
Американските власти наведоа дека и натаму се подготвуваат за состанокот, бидејќи не добиле никакво известување за одложување или откажување на средбата.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.