1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грос: Постојат докази за убиството на Трајковски

3 мај 2010

Швајцарскиот парламентарец Андреас Грос најавува втор извештај и останува на тврдењето-загинувањето на екс-претседателот на Македонија Борис Трајковски е убиство. Информациите ќе излезат наскоро, тврди тој.

Андреас ГросФотографија: Toni Glamcevski

На последната сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ ) швајцарскиот парламентарец Андреас Грос излезе со тврдењето дека авионската несреќа во која загина екс-претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, заедно со неговите соработници, не била несреќа, туку дека станува збор за убиство. Тој за Дојче веле се согласи да зборува зошто излезе со такви тврдења, кои предизвикаа големи очекувања за да се дознае целата вистина.

„Тоа е мое лично убедување, јас сум убеден дека станува збор за убиство, а тоа го темелам врз нови информации, за кои сè уште не можам да зборувам. Ова мое лично тврдење се темели и врз познавањето на неверојатните противречности кои логично водат до хипотезата за убиство,“ вели Андреас Грос, кој наскоро ќе ја посети Македонија, каде што треба да разговара со лицата кои ги пронајдоа новите информации и за начинот на кој тие ќе бидат објавени и прикажани пред македонскиот народ.

Контекстот му наложил на Грос да проговори

Тврдењата дека смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски било убиство, а не несреќен случај, еден од најискусните членови на ПС на СЕ, ги изнесе, како што ни рече, за да не дојде до недоразбирање кај полскиот народ околу смртта на полскиот претседател Лех Качински.

„Во друг контекст немаше да го изнесам ова тврдење, но тука се почувствував обврзан, бидејќи тоа може да предизвика сосема непожелен развој, иако знам дека не е добро да се каже тоа без да се изнесат веднаш доказите. Доказите не се во моите раце, јас не сум раководителот на истрагата, јас сум само мал помошник во неа. Тие кои што ме познаваат знаат дека не зборувам напразно.“

Авионот во кој загина ТрајковскиФотографија: AP

Засега не може да се открива кој ја води истрагата

На прашањето кој ја води истрагата, одговорот исто така е воздржан:

„Не можам да ви кажам, прерано е за одговор. Во спротивно, веднаш ќе има премногу притисоци врз тоа лице. Но, во Македонија има луѓе кои се добро информирани и кои се блиски до изворите и кои треба да одлучат кога тие ќе бидат откриени.“

Грос смета дека одговорите на прашањата за падот на авионот на македонскиот претседател треба да се бараат на Запад, а не на Исток.

„Во ова прашање одговорите се повеќе на Запад, отколку на Исток, можеби има и дел од одговорите на Исток, но главниот елемент доаѓа од Запад, бидејќи јас ја сметам Македонија како дел од Западот.“

Андреас Грос најавува нов, втор по ред извештај околу авионската несреќа во која загина претседателот Трајковски. Од ПС на СЕ тој има добиено мандат до јуни, но ако не успее да ги собере сите докази, ќе побара продолжување на неговиот мандат.

Очекувањата од истрагата на Грос се големи

Андреас Грос е свесен дека неговата изјава предизвика многу големи очекувања во македонската јавност.

„Природно е дека има големо очекување, тоа е присутно од почетокот. Македонците се интелигентни и чувствителни граѓани, сите знаат дека вистината сè уште не е пронајдена. Токму тоа е една од причините поради која јас се ангажирав.“

Тој е убеден дека со ова ќе и‘ помогне на македонската демократија да се зацврсти, а за критиките дека тој ги изнесол овие тврдења само за да го привлече вниманието кон него и дека тие не се сериозни, Грос е категоричен:

Поранешниот македонски претседател Борис ТрајковскиФотографија: AP

„Тоа е евидентно и нормално, бидејќи има многу луѓе со лоша совест, кои знаат дека направиле нешта за кои треба да се бранат. Нападот секогаш е најдобрата одбрана. Навистина е лесно да се дискредитира некој, кого во Македонија не го познаваат добро. Тоа не ми смета. Покрај ова, во Македонија има многу луѓе кои добро ме познаваат и кои знаат дека сум сериозен.“

Грос е загрижен за неговата безбедност

Пред неговото заминување во Македонија, швајцарскиот парламентарец не криеше дека се чувствува загрижен за неговата безбедност.

„Да, како што се приближува моето одење во Македонија се чувствувам загрозен. Исто така сум среќен што сега не возам автомобил. Но никогаш не можеме да бидеме целосно сигурни и не треба да се драматизира ова, ниту да се натценувам себе си. Тоа што зборувам отворено за сето ова, сигурно дека е најдобриот начин за да се заштитам,“ вели Андреас Грос.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми