Груевски бара да не се подлегнува на провокации
20 април 2012![](https://static.dw.com/image/15810591_800.webp)
Македонскиот премиер Никола Груевски од партиска трибина во скопската населба Аеродром синоќа порача дека извршителите на петкратното убиство кај селото Смиљковци ќе бидат уапсени и изнесени пред правдата. Тој побара да не се подлегнува на атмосфера која некој друг сака да ја создаде и побара да не се прогласуваат за виновни цели етникуми.
„Да не подлегнеме на провокации дека треба меѓусебно да се расправаме, делиме и пресметуваме“, рече Груевски.
Посочувајќи дека досега не видел толку голема мотивираност кај припадниците на МВР за наоѓање на сторителите рече дека верува оти ќе успеат во напорите, но дека мора да им се даде време.
„Забележав дека многу поединци и политичари се обидуваат од ова да направат шпекулации и поголем немир меѓу граѓаните и меѓуетнички тензии и судири. Ќе дојде време, цврсто верувам во тоа, кога ќе се најдат убијците и независно кои се и каде етнички припаѓаат ќе одговараат пред законот и ќе зажалат за тоа што го направиле“, нагласи Груевски.