1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски во затвор на хартија, но дали и во ќелија?

28 мај 2018

Последиците што може да ги предизвика претседателската аболиција и остатоците од партизираното судство, ја намалуваат вербата кај граѓаните за санкционирање на криминалите од повисок политички профил и нивните носители.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Не ми се суди само мене. Се суди на суверенизмот како моја определба во македонската политика. Овој политичко-судски прогон е казна за мојата позиција и цврстина за македонските интереси, и инструмент за заплашување на илјадници граѓани на Македонија кои не се согласуваат со овие политики на актуелната власт“.

Со овие зборови поранешниот премиер Никола Груевски на неговиот Фејсбук профил „објасни“ зошто е казнет од првостепениот суд со две години затворска казна.

Случајот „Тенк“ нема никаква врска со наводна одбрана на македонскиот суверенитет, туку со кривични дела извршени при незаконска набавка на луксузен блиндиран „мерцедес“ од 570.000 евра. Сепак, Груевски реши неговата одбрана да ја смести и на политички терен, и тоа за најсензитивното прашање: актуелните грчко-македонски разговори за решавање на дводеценискиот спорот за името.

„Денес е јасно дека дел од пресудите кои ќе ги објави овој суд можеби ќе гласат од името на народот на Република Македонија, но поголемиот дел веројатно ќе гласат од името на народот на Република Горна, или Северна, или Вардарска Македонија итн (...) Иако сакав да најдам решение на наметнатиот проблем со името, сепак не дозволив негово решавање по терк на јужниот сосед. Останав цврст и издржав на многу притисоци и закани. Овој политичко судски прогон е цената што треба да ја платам за бранењето на националните и државни интереси“, напиша Груевски.

И покрај ваквата самопрокламирана храброст, тој не собра сили во судот да се соочи со првостепената пресуда.  Остана дома.

Додека пресудата за „Тенк“ не стане правосилна, Груевски е слободен граѓанин, имајќи предвид дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не побара мерка притвор, бидејќи претходно му беше одземена патната исправа.

Никола Груевски е обвинет во неколку предметиФотографија: DW/P. Stojanovski

Сатисфакција за болките и штетите

Денес во солзите на Груевски не веруваат сите оние коишто во 2015 година ги слушнаа снимките („бомбите“) од масовното и незаконско прислушкување на над 20.000 граѓани, а кои сведочат за незаконски и волунтаристички постапки и за одбрана единствено на „суверенитетот“ на тогашната, децениска власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Луѓето ја доживеаја пресудата од две години затвор како сатисфакција за болките, штетите и неправдите што осудениот ѕвер им ги предизвикуваше повеќе од едно десетлетие - и на личен план, и во однос на тоа што луѓето во оваа заедница го формираат и го разбираат како општо добро“, оценува новинарот Бранко Тричковски.

„Истовремено, сите чувствуваат дека се случи нешто многу важно и за личните и за заедничките перспективи. Пресудата е камен-темелник на обновата на правниот систем во државата, односно на реконституцијата на Македонија. Се осмелувам да кажам: конститутивен акт! Граѓаните ги чувствуваат тие димензии како чин на ослободувањето и новото втемелување“, смета Тричковски. 

Од друга страна, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, кои исто како и Груевски снимките ги третираат како лажни „сечени, лепени и монирани“, казната за бившиот партиски лидер ја доживуваат како удар врз „патриотизмот и македонштината“.

„Вие сте голем и храбар човек“, „Ја имате потребната храброст, жарот на непокорот...“, „Не можат да ги поднесат вашите успеси и способности“, „Само храбро војводо“, гласат дел од коментарите на поддржувачите на Груевски.

Повеќе: 

„Мерцедесот“ му донесе две години затвор на експремиерот Груевски

Лазаревски: Ја запревме разулавената машина која патуваше без компас

Правни „мини“ 

Но, во судот не играат улога емоциите на граѓаните туку доказите, процедурите, правните лекови, но и правните „мини“. По изрекувањето на првостепената пресуда на повидок се многу правни лавиринти кои гарантираат едно: дека ќе помине уште многу време до потврдување на правосилноста на пресудата, нејзино укинување или враќање на процесот на почеток. Одбраната на Груевски најави жалба до Апелациониот суд, а со оглед на роковите за доставување на пресудата, рокот за жалба и почетокот на колективниот одмор за судовите, таа фаза најверојатно ќе дочека доцна есен, а не рана есен (септември) како што некои прогнозираа.

Потоа одбраната има право и на вонреден правен лек - да поднесе барање на заштита на законитоста до Врховниот суд. Со оглед дека највисокиот суд не е лимитиран со рок во кој треба да се изјасни, на одлуката може да се чека не се месеци, туку и со години.

„Вонредните правни лекови не го одложуваат извршувањето на пресудата од Апелацискиот суд, но Врховниот суд може и да одлучи за запирање на нејзиното извршување сѐ до неговата одлука. Најчесто, тоа се прави со образложение 'за да не настане ненадомeстлива штета и повреда на човековите права'“, вели судијата Лазар Нанев.

Со оглед на персоналниот состав во Врховниот суд - судии за кои во „бомбите“ се откри дека се на „отворена линија“ со извршната власт, Нанев се сомнева во брза и  независна одлука.

Постои сомнеж во исходот на судските постапки кои се инфицирани од претседателската аболицијаФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Препорака“ за  Стразбур

Но, тоа не е единствениот проблем. Груевски е обвинет од СЈО уште во четири предмети за кои е почнат судскиот процес. Едниот од нив е „Титаник“ кој се однесува на изборни измами, а поранешниот премиер во тој предмет се товари за три кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право. Обвинетите во истрагата за овој случај беа на листата од 56 лица за кои шефот на државата Ѓорге Иванов даде помилување, а потоа под притисок на домашната јавност и меѓународната заедница ја повлече одлуката. Но, според правни експерти, еднаш дадено помилување не може да се повлече. Со оглед дека повлекувањето на претседателската одлука не беше заверено со акт кој претходната одлука ќе ја прогласи на ништовна, Груевски може евентуалната осудителна пресуда да ја обжали пред ЕСЧП во Стразбур.

Претседателската аболиција веќе ѝ се врати како бумеранг на Македонија: тоа беше правната основа поради која Врховниот суд на Грција одби да екстрадира двајца македонски контраразузнавачи кои пребегаа во Солун со фалсификувани бугарски пасоши, а кои во Скопје се обвинети за капиталниот предмет „Таргет -тврдина“: за уништување на опрема и документација, и за незаконско прислушкување на над 20.000 лица - политичари, новинари, академици, амбасадори, професори, јавни личности...

Имајќи го предвид ова, постои сомнеж во исходот на судските постапки кои се инфицирани од претседателската аболиција.

„Не верувам дека Груевски ќе заврши во затвор. Имајќи ги предвид претходните слабости, пропусти и сопки на правниот систем, тешко е за очекување дека Груевски ќе биде првиот премиер што ќе заврши во ќелија“, вели Нанев.

Неказнивоста продолжува

Единствен поранешен премиер кој досега бил осуден, беше Владо Бучкоски, но не за дело извршено во премиерскиот мандат, туку додека бил министер за одбрана.

Минатата година Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд Скопје против Бучковски, и предметот го врати на почеток. По истата тракторија ќе се движи и одбраната на Груевски, со надеж дека пресудата ќе биде укината заради апсолутна и релативна застареност. Но, покрај „Титаник“, Груевски е обвинет и во други предмети: во „ТНТ“ кој се однесува на бесправно уривање на универзитетскиот објект „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, во „Траекторија“ за злоупотреба на службената положба и овластување при изборот на компанијата изведувач на изградбата на автопатите и примање награда, и за поттикнување насилство во случајот „Насилство во Центар“. 

Последиците што може да ги предизвика претседателската аболиција и остатоците од партизираното судство, ја намалуваат вербата кај граѓаните дека ќе бидат санкционирани криминалите од повисок политички профил и нивните носители.

„По се што слушнавме во 'бомбите', на крајот ќе излезе дека Груевски е виновен само за шамарите во Центар“, е еден од коментарите на социјалните мрежи.

„Нема шамар, нема казна“, реплицира друг.

 Во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија за сферата на правосудството се сугерираше потреба од темелни реформи, но и збогување со старите практики. 

„Потребни се понатамошни напори да се сменат ефектите од минатиот период и да се гарантира целосна независност на судството во практика. Останува ризикот од политичко мешање во судството. Особено е важно Судскиот совет ефикасно да ја исполни својата задача за заштита на судската независност и да ги заштити судиите од несакани надворешни и внатрешни притисоци“, беше потенцирано во Извештајот.

Клучната забелешка беше дека „за спроведување на планираните реформи во судството ќе биде потребно време и промени во однесувањето".

Времето изминува, но промени во однесувањето не се забележани. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми