Откако го доби мандатот за формирање влада од претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски треба да обезбеди мнозинство во Собранието од 61 пратеник.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Реклама
Продолжување на партнерството со Али Ахмети и ДУИ, се чини, е единствената опција која му стои на располагање на Груевски за да го ефектуира и петтиот едноподруго мандат за формирање влада. Двете партии, кои коалицираат уште од предвремените избори во 2008 година, заедно би имале 61 пратеник, со што би се исполнил условот за формирање влада. Но, дилемите се, колку таа влада би била стабилна, дури доколку и се приклучат и двајцата пратеници на ДПА и врз кои принципи би функционирала?
Со Декларацијата, меѓудругото, се бара целосна јазична еднаквост и употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта; дебата за знамето, химната и државниот грб со цел тие да ја рефлектираат општествената мултиетничност; создавање Државна комисија за финансирање на општините и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците за поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја; правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата во сите нивоа на централната власт, јавните служби или претпријатија со јавни акции.
Прашање е дали Груевски ќе може да прифати било кој од овие услови, слично како и втората по бројност партија во парламентот- СДСМ која засега одлучи да молчи и да не ги коментира барањата на албанските партии.
Неизвесна судбината на СЈО
Додека тече првиот ден од 20-дневниот рок кој го има ВМРО-ДПМНЕ за да собере мнозинство во парламентот, јасно е дека две од четирите партии на Албанците, Беса и Алијансата, не се меѓу потенцијалните партнери. Тие веќе најавија дека нема учествуваат во влада со лица „осомничени од СЈО“. Африм Гаши од Беса за ДВ деновиве изјави дека за неговата партија еднакви приоритети ќе бидат „реформите од Извештајот на Прибе и двојазичноста“.
Фотографија: AP
„Тоа е нешто што сите ние го имаме во нашите изборни или политички програми, само што во таа декларација е артикулирана со други зборови“, вели Гаши.
Тоа денеска повторно го потенцираа и од Европската Комисија.
„Се надеваме на брзо формирање на новата влада со широка политичка поддршка која ќе овозможи имплементирање на сите делови од Договорот од Пржинo и Итните реформски приоритети“, изјави портпаролката Маја Коцијанчич.
Додека течат роковите за формирање на владата, полека истекува и можноста за продолжување на мандатот на СЈО. Собранието мора до 15 март да донесе таква одлука или во спротивно, Специјалното обвинителство повеќе нема да може да поднесува нови обвиненија. Груевски веќе најави дека ќе се спротивстави на таквата можност и тврдеше оти мандатот на СЈО не може да се продолжи без поддршка од сите четири партии потписнички на Договорот од Пржино.
Теоретски, доколку Груевски не успее да најде заеднички јазик со ДУИ, претседателот Иванов потоа мандатот треба да му го довери на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Неговите опции би биле формирање влада со најмалку две политички партии на Албанците, од кои едната би морала да биде ДУИ.
Но, деновиве во некои македонски медиуми се споменува и „трета“ можност: по евентуалниот неуспех на Груевски, Иванов да му го додели мандатот на друг мандатар, но повторно од истата партија- ВМРО-ДПМНЕ.
2016- Годината на Шарената револуција
Годината започна со оставката на премиерот Никола Груевски, продолжи со затворањето на границата за бегалците, а несомнено настан кој и даде белег на годината беше „Шарената револуција“- реакција на амнестијата на Иванов
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Настан на годината: „Шарена револуција“
Несомнено, 2016 година ќе остане запаметена по „Шарената револуција“- движењето кое за првпат од независноста ги извади граѓаните на улиците на македонските градови на протест против корупцијата и политичката неодговорност, а во заштита на демократските вредности и слободата. Шарената револуција се обиде да ги постави темелите за една поинаква, нова Македонија. Патот дотаму ќе биде долг.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Јануари: Оставка на Груевски
Годината започна со оставката на Груевски од премиерската функцијата, на 14 јануари, согласно Договорот од Пржино. По речиси десет години на функцијата, Груевски експресно најави дека нема мирно да се повлече. Во говор пред Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на 24 јануари, тој порача дека народот на избори ќе си ја врати одземената власт и „ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери“
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Февруари: Има-нема избори
Иако првично беше предвидено парламентот да се распушти на 24 февруари и да се одржат предвремени избори на 24 април, одлуката во последен момент беше повлечена, а новиот термин беше 5 јуни. СЈО го обзнани првиот случај под кодно име „Титаник“. Осомничени за кривични дела против изборите и гласањето се екс- министрите Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата и други.
Фотографија: MIA
Март: Ескалација на бегалската криза
Македонија и официјално ја затвори границата кон Грција, со што илјадници бегалци останаа заглавени во Идомени. Неколку обиди насилно да се мине границата минаа неуспешно. СЈО продолжува со истрагите и отвори нови случаи, меѓу нив и „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски. Претседателот Иванов најавува дека „нема намера да амнестира изборни силеџии“ откако Уставниот суд направи законски измени.
Фотографија: Reuters/S. Nenov
Април: Амнестијата на Иванов
Со еден потег, претседателот Иванов ја предизвика најголемата политичка криза во земјата од независноста, која доведе до жестока осуда од меѓународниот фактор, но и раѓањето на „Шарената револуција“. На 12 април, Иванов ги амнестираше сите политичари против кои се водат постапки. Со тоа предизвика бура од реакции. Веќе следната ноќ, на 13 април, беше демолирана неговата канцеларија во Скопје.
Во услови на секојдневни протести на „шарените“ ни делумното повлекување на амнестијата од страна на Иванов не донесе смирување на состојбата. Германија го испрати специјалниот пратеник Јоханес Хајндл. Груевски најавува дека сам ќе оди на изборите на 5 јуни, опозицијата бара тие да се одложат за наесен. Расчистен бегалскиот камп во Идомени. Одбележана една година од кумановските настани.
Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba
Јуни: Масовни протести и соцреализам
Протестите на „Шарената револуција“ земаа голем замав и покрај тоа што на 6. јуни Иванов целосно ја повлече амнестијата. Паралелни контра-протести и на здружението ГДОМ. Оставка на Ставрески од здравствени причини. Во јавноста протекоа уметнички слики во духот на социјалистичкиот реализам од новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: Nova TV
Јули: Пржино 2
По долги преговори на четирите најголеми политички партии со посредство на ЕУ и САД се роди „Пржино 2“. Поставени се нови услови за организирање предвремени избори, меѓу нив- измени во Изборниот Законик, враќање на опозицијата во парламентот и влез на технички министри во владата. ЕУ блокираше средства од ИПА фондовите. По неуспешниот пуч во Турција, протести на приврзаници на Ердоган и во Скопје.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Август: Смртоносни поплави
Катаклизмична ноќ во Стајковци и други села во околината на Скопје однесе 21 човечки живот. Десетици луѓе беа повредени, а стотици останаа без кров над главата. Никој не презеде одговорност за катастрофата, иако експертите подолго време предупредуваа од погубната политика која практично ги остави граѓаните без заштита од налети на природата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski
Септември: Серија земјотреси и 25-годишникот со бајпас
Серија силни земјотреси ги исплашија граѓаните на Скопје и околните градови и ги вратија страшните спомени на 1963 година. Немаше многу славје ни по повод 25-та годишнина на независноста на која некои аналитичари оценија дека Македонија е 25-годишник со бајпас. СЈО продолжи со отворање нови случаи од кои исплива и „Трезор“, околу набавката на опрема за прислушкување во МВР.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Октомври: „Случајот Спасов“ и драмата во УБК
Распишани изборите на 11 декември. Обидот на обвинителите на СЈО да влезат во просториите на УБК и да ја испитаат опремата за прислушкување заврши со жестоки блокади и очекување на помош од експерт на „Ериксон“. Скандалот со заменикот-министер Диме Спасов уште еднаш го отвори прашањето за политичката (не)одговорност. Младите фудбалери ја израдуваа нацијата со пласманот на Европското првенство.
Фотографија: MIA
Ноември: Трамп и Македонија
Додека светот беше во шок поради победата на Доналд Трамп на изборите во САД, во Македонија наголемо течеше изборната кампања. Вестите за улогата на велешките „спамери“ во победата на Трамп го засенија и новиот Извештај „за напредокот“ на Европската Комисија. Најголемо внимание, сепак, привлекуваа информациите за најбарани профили на работници во Германија.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Декември: Сите победија на изборите
Гласањето мина мирно, но резултатите отворија повеќе дилеми, одошто дадоа одговори за можниот излез од длабоката политичка криза. „Прогласот“ на Груевски и прегласувањето во Теарце фрлија уште една дамка на процесот. Молкот од меѓународната заедница укажува дека никој не го знае решението. Очекувањата се дека кризната 2016 ќе има свое продолжение и во 2017 година.