1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски го критикува СДСМ за враќањето на пратеничките мандати

СН/жа/миа29 мај 2014

Македонскиот премиер Никола Груевски, коментирајќи го вчерашното враќање на пратеничките мандати на најголемата опозициска партија, денеска изјави дека деструктивната политика на СДСМ е штетна за државата.

Фотографија: MIA

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во моментот изгледа како возило пуштено во удолница без водач. Дејствуваат по инерција и главната стратегија им е да направат што е можно повеќе штета на Република Македонија. Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање за враќањето на пратеничките мандати на СДСМ.

„ Шансата на ваков начин да се загуби препораката од Европската унија е огромна. Мислам дека најсреќен човек во тој момент ќе биде Зоран Заев и ќе скока по еден метар во висина ако дознае дека Македонија ја загубила препораката. Граѓаните тоа го препознаваат, го препознаа и во минатото, а го препознаваат и сега. Тоа не е стратегија, тоа е деструктивна политика што ја водеше Бранко Црвенковски, а сега ја продолжува Зоран Заев“, изјави Груевски по промоцијата на новите пет тома од капиталната едиција „Македонски искушенија“.

Тоа, како што рече, е директна штета на граѓаните на Република Македонија и на државата.

„Во една ситуација на безидејност, кога немаат идеи како да постапат, што да понудат, кога скоро излегоа на избори и во првиот круг понудија некои свои идеи, за кои не ја добија довербата на граѓаните, затоа во вториот круг ја сменија тактиката. Сега веќе без идеи се одлучија на деструктивна политика со која правејќи штета на граѓаните и на државата веруваат дека ќе направат корист за сопствената партија“, рече Груевски.

На следните редовни избори, според премиерот Груевски, СДСМ ќе ја доживее најголемата катастрофа што се однесува до поддршката, односно неподдршката на граѓаните на Република Македонија.

„ Жалам што во меѓувреме ќе направат сериозни штети, не само за државата туку и за сите граѓани во неа“, потенцира Груевски.

Триесет и тројца пратеници од СДСМ и коалициските партнери кои на нотар потпишаа дека не ги прифаќаат мандатите, вчера (28.05) доставија оставки до македонското Собрание. Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека партијата нема да учествува во Парламент кој, според нив, не е одраз на вистинската волја на граѓаните. На тој став на опозицијата, нагласи, не може да влијае никој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми